Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Истражување на пазарот на небанкарски финансиски друштва и Финтек индустријата – 2020

Второ годишно истражување на пазарот на небанкарски финансиски друштва: ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: СЕКТОР ВО ЕКСПАНЗИЈА ПРЕД КОВИД -19 КРИЗАТА

Дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите ќе биде новата нормала, како кај новоформираните финансиски институции, така и кај веќе постојните традиционални финансиски институции

 Во организација на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија, беше спроведено второто годишно истражување за индустријата на небанкарските финансиски друштва. Истражувањето беше спроведено во текот на октомври и ноември, од страна на Маја Кадиевска-Војновиќ, финансиски експерт, поранешен вицегувернер задолжен за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи и тековно, предавач на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Истражувањето опфати квалитативна и квантитативна деск анализа на податоци од официјални извори и преку Анкета, која што беше дистрибуирана до сите небанкарски финансиски друштва.

Учеството на активата на финансиските друштва во вкупната актива на финансискиот сектор е сѐ уште ниско и на крајот од 2019 година изнесува 0,6% (0,2% во 2015 г.). Банките, ја задржуваат доминантна позиција во финансискиот сектор, но нивното учество се намалува за сметка на учеството на задолжителните пензиски фондови, инвестициските фондови, друштвата за животно осигурување, како и заради растот на финансиските друштва.

Најголем дел од активностите на небанкарските финансиски друштва се однесуваат на обезбедување на кредити на физички лица – 76,3%, чијашто просечна вредност во 2019 година изнесуваше 260 евра.  Вредноста на активните договори на физички лица во последните четири години е зголемена за 2,4 пати, додека за правните лица за 3 пати. Притоа, бројот на клиенти – физички лица значајно се зголеми, од 14.409 во 2015 година на 99.486 во 2019 година. Ваквата високо дивезифицирана структура на клиенти е поволна за финансиските друштва како во поглед на постигнување на поголем обем на кредитирање, така и во поглед на намалување на изложеноста кон кредитниот ризик. И покрај тоа што бројот на клиенти – правни лица не расте со динамика како кај населението, сепак трикратниот раст на вредноста на кредитите од финансиските друштва кон овој сектор е значаен и посочува на силна поддршка на фирмите. Имајќи ги предвид овие движења, обемот на кредити што финансиските друштва ги одобруваат не е значаен во вкупниот долг на домаќинствата и на корпоративниот сектор.

Здравствената кризата со Ковид-19 имаше силен негативен ефект врз билансите на сите сектори во економијата. Согласно официјалните податоци, заклучно со вториот квартал од 2020 година, активата на финансиските друштва бележи намалување од 260 милиони денари во однос на крајот на март 2020 година.

Во рамките на истражувањето беше реализирана и Анкета, преку која за првпат се даде можност да се слушнат размислувањата на менаџерите од оваа индустрија. Анкетата опфати прашања кои категоризирани во три дела, ги собраа податоците и мислењата на чинителите од секторот во поглед на податоци за индустријата, бизнис клима и очекувања и состојбата на финтек индустријата.

За наредните дванаесет месеци, очекувањата на небанкарските финансиски друштва се дека состојбата во економијата ќе биде стабилна, но сѐ уште под влијание на Ковид-19 кризата. Дел од испитаниците сметаат дека состојбата може и да се влошува, а негативни се очекувањата како за невработеноста, така и за нивото на платите. Поголем дел од секторот мислат дека во наредниот период Владата нема или делумно ќе обезбеди стабилни економски политики на претприемачите, во контекст на даночната политика и владеење на право. Во однос на политиките и регулативата за поддршка на развојот на финтек индустријата, повеќе од половината не ​​очекуваат некакви промени, а мал е процентот на испитаници кои сметаат дека финтек индустријата ќе има поддршка од Владата.

Одговорите од спроведената Анкета на небанкарските финансиските друштва може да се класифицираат во две поголеми области за внимание, односно, Унапредување на соработката со релевантните државни органи и институции, и регулативата; и Зголемување на репутацијата и имиџот на финтек индустријата, за кои, Кадиевска-Војновиќ посочи:

„Подобрување на соработката помеѓу финансиските друштва и државните органи и институции со цел утврдување на заедничките цели е повеќе од евидентна. Постоењето на небанкарските финансиски друштва го зголемува степенот на финансиска интермедијација, односно ја зголемува финансиската инклузија и токму затоа, секторот треба целосно да биде консултиран и инволвиран при носење на регулатива за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија на долг рок, а која земјата се стреми да ја усогласи со ЕУ. Исто така, неопходно е еднаков регулаторен третман на сите учесници на кредитниот пазар, но и развој на нови можности за дигитален пристап до информации од различни бази на податоци за кредитоспособноста на населението и фирмите.

Во исто време, перцепцијата на испитаниците за ниската репутација на индустријата се наоѓа во „рацете“ на сите засегнати страни, односно, повеќето финансиски друштва сметаат дека преку континуирана соработка во рамки на индустријата и преку заеднички настап пред регулаторот може да се подобри комуникацијата и меѓусебното разбирање и соодветно, настап пред населението и регулаторот. За крај, но не помалку важно, дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите ќе биде новата нормала, како кај новоформираните финансиски институции, така и кај веќе постоечките традиционални финансиски институции, што претставува водечка предиспозиција за јакнење на имиџот  и репутацијата на небанкарските финансиски друштва, сега перципирани како двигатели на Финтек индустријата во нашата земја “

Видео материјал од конференцијата е достапен на следниот линк

До целосниот извештај, овде  

Доколку сакате да го добиете извештајот во наративна форма, ве молиме пишете ни на info@afd.mk