Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

„Финтек“ индустријата поставува нови правила на игра во финансискиот систем на глобално ниво

Небанкарските финансиски услуги базирани на финансиската технологија, познати како „финтек“ услуги, последниве години забележуваат драстичен раст во светски рамки, а од тоа не е исклучок ни нашата земја. Терминот „финтек“ се користи за опишување нови услуги кои со користење напредни и иновативни технологии ја подобруваат и автоматизираат испораката и употребата на финансиски услуги и се сериозен конкурент на традиционалните финансиски методи во испораката на финансиски услуги.

Експоненцијалниот раст на финтек индустријата е евидентен низ изминатите години, а минатата, 2018 година го доживеа својот зенит по повеќе параметри, за што говори и последниот извештај на консултантската куќа КПМГ – „Пулсот на финтек 2018“ кој нотира дека глобалните инвестиции во финансиската технологија се зголемија за повеќе од 2.200% за седум години, од 930 милиони долари во 2008 на над 22 милијарди долари во 2015 година.

Според истиот извештај, во 2018 година глобалните инвестиции во „финтек“ компании достигнаа 111,8 милијарди долари со 2.196 договори за инвестициски активности од кои десетици поголеми од 10 милијарди долари, што значи двојно поголем пораст во однос на 2017 година кога изнесуваше 50,8 милијарди долари. Само од ноември до крајот на 2018 година, глобалните инвестиции во финтек изнесуваа 35,5 милијарди долари, со рекордни 1.431 договори.

Дополнително, проекциите говорат дека растот ќе продолжи и во оваа, 2019 година.

Минатата година, само во Европа инвестициите во „финтек“ компании достигнаа 34,2 милијарди долари со 536 договори за инвестициски активности. Најголем центар на „финтек“ компании е Лондон каде четириесет проценти од работната сила е вработена во компании кои даваат финансиски технолошки услуги. Веднаш по него е Стокхолм, а Литванија почнува да станува северноевропски центар за финансиски технолошки компании. Во оваа земја во 2016 година биле издадени 32, а во 2017 година дури 51 лиценци за „финтек“.

Индустријата на „финтек“ брзо се трансформира и влијае и врз индустријата на финансиски услуги во целина, во однос на работењето, регулацијата, искуството на клиентите и друго. Ако на почетокот клиентите сакаа само пофлексибилни начини на плаќање и подобри финансиски услуги, со дигитализацијата и развојот на технологијата, нивните потреби се проширија и на алтернативни извори на финансирање. Многубројни истражувања покажуваат дека дури 69% од клиентите ширум светот сакаат сите свои финансиски услуги да ги завршуваат преку дигитални канали, со само неколку клика, во секое време секаде. Токму затоа потребите за користење на технологијата во секоја сфера од општественото живеење, уште повеќе ќе растат, а со тоа и самата индустрија. Според проценките на експертите, следен чекор во развојот се очекува да биде конвергенцијата меѓу вештачката интелигенција (AI) и финансиските услуги, која почна минатата година, а ќе продолжи уште повеќе и во иднина.

Во Северна Македонија, главен промотор на „финтек“ индустријата се финансиските друштва чие формирање беше овозможено во 2010 година со донесување на Закон за финансиски друштва, со идеја тие да станат дополнување на постојниот финансиски систем. Индустријата на финансиски друштва доживеа вистинска експанзија последниве години, кога дојде до трикратно зголемување како на бројот на одобрени кредити, така и на висината на пласираните средства, а се зголеми и бројот на друштва кои даваат вакви услуги. Ова секако е одраз на потребите на населението и стопанството за обезбедување кредити во едноставни процедури и најчесто на помали износи, што е различно од она што го нудат традиционалните финансиски институции.

Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање, брзо да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена.

„Финтек“ индустријата е во својот подем во светски рамки, а нејзиниот рапиден раст наметнува постојано унапредување на условите и начините на работа во насока на обезбедување квалитетни услуги по унифицирани стандарди и создавање клима за заедничко разбирање со сите засегнати страни, како законодавните и регулаторните органи. Токму затоа, финансиските друштва во земјава неодамна формираа Асоцијација на финансиски друштва со цел да работат заедно на воведување стандарди за квалитет на услугите, како и за дизајнирање среднорочна стратегија за развој на индустријата заедно со надзорните органи и законодавецот. Ова, од друга страна ќе придонесе и за поголема транспарентност на финансиската индустрија, и за подигање на свестa во јавноста за потребата и користа од небанкарски финансиски институции како за корисниците, така и за општеството во целина.

Сподели: