Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Финансиските друштва нудат иновативни решенија и внесуваат свеж воздух на финансискиот пазар

Иновациите навлегуваат во секоја сфера од нашето секојдневие, па дури и во областа на финансиите, област која порано беше ексклузивна само за традиционалните финансиски институции. Меѓутоа, времињата се менуваат и сé појасно е дека доаѓа времето на финтек (FinTech) индустријата и небанкарските финансиски институции. Технологијата која стои зад финтек продолжува да расте и да се развива, поради што компаниите кои користат иновативни технолошки процеси, полека но сигурно, го освојуваат глобалниот финансиски пазар.

Финтек компаниите користат напреден софтвер, напредни маркетинг стратегии и разни онлајн технологии, создадени за безбедно и ефикасно доставување и доближување на финансиските услуги до клиентите и на овој начин истите ги прават подостапни од кога и да било претходно. Овие компании го користат интернетот и мобилните иновативни технологии за финансиски продукти како што се кредитирање, плаќања, тргување и друго, со едноставна цел – да го подобрат животот и да ги максимизираат придобивките за крајните корисници, граѓаните, но и компаниите и индустриите.

Со зголемената достапност на Интернетот, навиките на потрошувачите се променија. Ако претходно секое купување се правеше лично, сега потрошувачите се повеќе се одлучат да купуваат од далечина. Истото се однесува и на пазарот на финансиски услуги. Денес, на пазарот на финансиски услуги се забележува побарувачка за потполно нов пристап, бидејќи потрошувачите очекуваат едноставни и лесни за употреба производи, наместо часови поминати пред шалтери, попочнувајќи купови од документи. Ова неизбежно го принудува пазарот на финансиски услуги да се трансформира.

Друг аспект кој влијаеше на еволуцијата на небанкарските финансиски услуги е технолошкиот напредок. Предноста на давателите на небанкарски услуги е во тоа што нивните напредни технолошки решенија ги прави ефикасни. Исто така, нивната култура и ставови се слични на оние на start-up компаниите, чиј фокус е обезбедување на ефикасна услуга и одлично искуство за клиентите, спротивно на глобалните корпорации, каде често, сѐ се врти околу тешките бирократски процедури.

Финтек компаниите и традиционалните финансиски институции не се сосема конкуренти. Иако обата субјекта обезбедуваат слични финансиски услуги – позајмување пари – потребите на клиентите на традиционалните финансиски институции и на клиентите на небанкарските финансиски компании се различни. Традиционалните финансиски институции издаваат поголеми износи за подолг временски период, додека небанкарските им помагаат на луѓето да ги решат акутните финансиски потреби, каде што времето има одлучувачка улога. Главната идеја на небанкарските финансиски институции се базира на краткорочни обврски, со кои се утврдуваат предности за небанкарски заеми во ситуации кога парите се потребни брзо, а периодот на отплата не е долг. Со оглед дека износот на кредитот е многу помал отколку во традиционалните финансиски институции, па оттука и бирократските барања се значително помали. Услугите на Финтек  се достапна онлајн, што значи дека клиентот не мора да седи со часови пред шалтерите, чекајќи во долги редици.

Кај нас, главен промотор на финтек индустријата се финансиските друштва чие формирање беше овозможено во 2010 година со донесување на Закон за финансиски друштва, со идеја тие да станат надополнување на постојниот финансиски систем. Индустријата на финансиски друштва доживува вистински бум последниве години кога дојде до трикратно зголемување, како на бројот на одобрени кредити, така и на висината на пласираните средства, а се зголеми и бројот на друштва кои даваат вакви услуги.

Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање за добивање заем, брзо да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена.

Како што се равива технологијата, така ќе расте и небанкарскиот сектор, а и Северна Македонија веќе фаќа чекор со новите трендови во финансискиот сектор. Еден од предизвиците ќе претставува и законското усогласување со Директивата за платежни системи (PSD2) која во ЕУ стапи во сила од 13 јануари 2018-та, а Македонија подготвува регулатива што треба сферата на плаќањата да ја прилагоди со европската пракса.

Новата директива предвидува традиционалните финансиски системи во Европската унија во иднина да не бидат единствени провајдери на платежни услуги, туку тоа да можат да го прават и трети страни, односно компании од финтек секторот, технолошки компании, социјални мрежи како Facebook, Google, и сите останати играчи на пазарот.

Поедноставно кажано, овој концепт во голема мера ќе придонесе за развој на нови производи и услуги со максимална корисничка ориентираност, а со тоа и зголемување на конкуренцијата и напредок на пазарот на финансиски услуги.

Потребите за користење на технологијата уште повеќе ќе растат, а со тоа и самата индустрија, а според проценките на експертите, следен чекор во развојот се очекува да биде конвергенцијата меѓу вештачката интелигенција (AI) и финансиските услуги, која почна минатата година, а ќе продолжи уште повеќе и во иднина.

Финтек индустријата и кај нас во иднина сигурно уште повеќе ќе се развива бидејќи претставува иднина на финансискиот систем во светот. Токму затоа, финансиските друштва, како носители на финтек во земјава, неодамна формираа Асоцијација на финансиски друштва со цел да работат заедно на воведување стандарди за квалитет на услугите. Но, исто така и со цел да се дизајнира среднорочна стратегија за развој на индустријата, за што Асоцијацијата ќе биде партнер со законодавецот при носење соодветни законски регулативи со кои и нашата држава ќе треба да го фати чекорот со светските движења во финансискиот сектор.

 

 

Сподели:

Одговорни кредитори во Северна Македонија – кои се нивните задолженија

Небанкарските финансиски друштва што нудат финансиски услуги и брзи кредити се обединија во тело – Асоцијација за финансиски друштва, што ги дефинира нивните обврски и се залага за нивна регулација на работењето на пазарот. Позади обединувачката ознака за сите седум друштва што се дел од оваа Асоцијација, „Одговорен кредитор“, стои многу повеќе од Асоцијација. Ознаката, не само што ги посочува друштвата потписници на кодексот на асоцијацијата, туку носи детални обврски и стриктно дефинирани правила, коишто секоја од членовите на Асоцијацијата мора да ги исполнува и почитува за да биде дел од истата.

Токму кодексот е носител на сите задолженија што секоја од членките ги има во однос на правата на барателот, односно граѓаните или регулативата. А, во кодексот се регулираат правилата на соработка меѓу друштвото и барателот, како да се обезбеди повисоко ниво на заштита на барателот на услугата, прашањата за проценка на кредитоспособноста на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот. Асоцијацијата, исто така ги советува клиентите и потенцијалните клиенти во однос на нивните услуги, односно во какви ситуации да се земе предвид кредит од небанкарски кредитори, а во кои ситуации не е препорачливо, што да се прави во случај на проблеми и слично.

Покрај обезбедување сигурни, општествено одговорни и одржливи практики за кредитирање преку исполнување на обврските кон клиентите, Асоцијацијата на финансиски друштва има и друга функција. Постоењето на истата, како и потпишувањето на кодексот за добра пракса, придонесува за стандардизирање на условите за добивање кредит, за квалитет на услугите и воопшто работата на финансиските друштва, а се обезбедуваат и дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Сето тоа води кон унифицирани стандарди за квалитет во FinTech индустријата и за регулирање на пазарот преку објаснување на јавноста за различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech, како и потребата и корисноста од нивната работа.

Тоа ќе резултира со поголема доверба од страна на корисниците, но и од надлежните институции.

Сподели: