Брзиот развој на секторот на небанкарски финансиски услуги во земјава, особено растот на услугите на финансиските друштва кои на пазарот понудија можност за добивање кредити, најчесто на помали износи за покривање на неочекувани финансиски н потреби, ја наметна потребата од обезбедување унифицирани стандарди на работење за квалитет на индустријата.
Во земјава, последниве неколку години евидентен е постојаниот раст на бројот на финансиски друштва кои нудат онлајн кредити, а од година во година има перманентно зголемување како на бројот на склучени договори, така и на пласирани средства кон граѓаните . Финтек индустријата и онлајн кредитите насекаде низ светот веќе се широко распространети, бидејќи нудат услуги на начин и во постапка многу поразлична од онаа на традиционалните финансиски институции. Со брзината на одобрување на средствата, едноставната процедура и достапноста, тие прераснуваат во сериозен чинител на пазарите на финансиски услуги, , а овој тренд е сѐ поевидентен и во нашата земја, која преку финансиските друштва фаќа чекор со глобалните трендови.
За да го подигнат квалитетот во работењето како важен предуслов за натамошен раст на целата индустрија, седум од технолошки најнапредните и најголемифинансиски друштва во земјава, во мај годинава формираа Асоцијација на финансиски друштва. Во неа се финансиските друштва Тиго Фајнанс, Мого, Диџитал фајнанс, Кредисимо, М Кеш, СН Финансиско друштво и Иуте кредит, а целта на обединувањето е друштвата заедно да создадат одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.
Членките на Асоцијацијата потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедува повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле кредит или планираат да земат одреден кредит од членка на АсоцијацијатаКодексот се занимава и со прашања како што се проценка на кредитоспособноста на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот. Примената на точките од Кодексот за клиентите е видлива преку печатот Одговорен Кредитор кој членките го имаат усвоено, што ги уверува клиентите дека ќе ги добијат соодветниот третман.
„Секоја од членките на Асоцијацијата има обврска на секој клиент да му ги обезбеди потребни информации за кредитот, начинот на отплата, висината на трошоците и на ратите и сите други информации врзани за природата на кредитот и секако, да ги советуваме за кои потреби впрочем нашите услуги се наменети, со цел тие подобро да донесат разумни одлуки Исто така, за да се обезбеди адекватност на одобрениот кредит со финансиските услови, наша обврска е да направиме и реална оценка на солвентноста на клиентот во согласност со законодавството и употребата на моделите за личен кредитен ризик, за да се спречи барателот на кредитот да преземе непотребни финансиски обврски“, изјави Филип Димитровски, Претседател на Асоцијацијата на Финансиски друштва на Република Северна Македонија.
Кодексот за добра пракса истовремено дава сигурност за корисниците на кредитите од некоја од членките на Асоцијацијата дека деловните практики кои се утврдени во овој документ ќе се почитуваат, бидејќи во спротивно, доколку имаат забелешки и поплаки на работењето на некое финансиско друштво, сега истите можат да ги достават во Асоцијацијата.
Со ваквиот начин на работа, според утврдени правила, се очекува да се обезбеди поголема доверба и кај корисниците, но и кај надлежните институции и секако и кај целокупната јавност во индустријата која е релативно нова кај нас. Од Асоцијацијата ги поттикнуваат и останатите небанкарски финансиски институции да се приклучат и да работат заедно на добро избалансиран развој на индустријата.