Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Финансиската писменост е суштински елемент за секоја земја и нејзиниот развој

Добро развиен, безбеден и стабилен финансиски сектор кој може да ги задоволи потребите на корисниците на финансиски услуги е важен за секоја земја и нејзиниот развој. Широк спектар на финансиски производи е во интерес не само на инвеститорите, туку и на секој клиент поединечно. Во пазарната економија, секоја индивидуа пред сè, се грижи за својот домашен буџет и донесува независни одлуки за инвестиции и позајмување средства, преземајќи ризик врз себе. Со обезбедување на информации и подобрување на разбирањето на финансиските услуги, корисниците на финансиски услуги развиваат свесност за ризик и стекнуваат вештини за управување со тие ризици. Меѓутоа, за да можат да донесат соодветна одлука, неопходно е тие да имаат целосни и разбирливи информации, врз основа на кои можат да направат споредби на производи со кои се среќаваат на пазарот. Дополнителното знаење им дава можност да изберат соодветна услуга. Токму затоа, финансиската писменост е суштинска потреба на секое семејство кое треба да најде начин како правилно да управува со својот домашен буџет, да ги задоволи своите егзистенционални потреби, да ги подмири своите обврски, да купи куќа, да заштеди пари за образованието на децата, да обезбеди средства за старост…

Со развојот на финансискиот пазар во светот, како и со развојот на сè покомплексни финансиски производи, потрошувачите почнаа да наидуваат на бројни иновации на финансиските пазари. Денес тие се соочуваат со голем број различни кредитни инструменти, како и со различни видови на штедење што ги нудат банкарските и небанкарските финансиски институции (финансиски друштва, осигурителни компании, пензиски фондови, инвестициски фондови …) за кои воопшто немаат, или немаат доволно знаење.

Истражувањето спроведено за потребите на ОЕЦД за финансиска писменост откри ниско ниво на знаење за финансиски производи во многу земји, вклучително и во развиените. Така, 71% од испитаниците во Јапонија немаат знаење за инвестирање во обврзници. Во Австралија 67% од испитаниците изјавиле дека го разбираат концептот на каматната стапка, но само 28% го знаеа точниот одговор за решавање на проблем користејќи го тој концепт. Зголемениот број корисници на кредитни картички во земјите на ОЕЦД доведе до зголемување на личен банкрот – едно од 10 семејства во САД доживеа личен банкрот, а во Австрија овој број е зголемен за 11%.

Од наведените причини, Дирекцијата за финансиски и деловни работи на ОЕЦД издаде три препораки чија цел е да ги охрабрат и земјите-членки на ОЕЦД и оние кои не се, да обезбедат финансиско образование за сите социјални сфери, почнувајќи од основно училиште.

Финансиското образование е функција која е комплементарна на функцијата за заштита на потрошувачите, а преклопувањето помеѓу овие две функции е очигледно. Нивната заедничка улога е да обезбедат информации за финансиски производи. Заштита на потрошувачите значи регулирање, пропишување минимални стандарди за работа на финансиските институции и поставување услови за откривање на информации за финансиски производи што ги нудат овие финансиски институции. Функцијата за заштита на потрошувачите е да се обезбедат регулаторни услови во кои финансиските институции работат на транспарентен начин и во согласност со практиките на добрата деловна пракса. Професионалниот и фер однос на финансиските институции кон корисниците на финансиски услуги придонесува за зајакнување на поврзаноста на корисниците со тие институции, зајакнување на довербата, зајакнување на здрава конкуренција и развој на финансискиот сектор. Ова е важно во услови кога постојано се појавуваат нови, покомплексни производи и играчи на пазарот, особено во делот на небанкарскиот сектор.

Во Северна Македонија финансиските друштва, како претставници на небанкарскиот финансиски сектор претставуваат индустрија која во последниве години расте со забрзано темпо, станувајќи вистинско дополнување на кредитната активност на традиционалните финансиски институции и потврдувајќи дека населението имаше потреба од ваков вид услуги.

Дел од финансиските друштва формираа Асоцијација на финансиски друштва (АФД) чија основна цел е промовирање сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање и воведување стандарди за квалитет на услугите, но истовремено и едукација на населението за финансиските услуги чиј дел се и оние ко ги нудат финансиските друштва. Во таа насока, на пример, Тиго Фајнанс, која е членка на Асоцијацијата, во моментов има медиумска кампања „Тиго Финансиски речник“  со која населението на интересен начин се запознава со основните финансиски поими – камати, кредити, Финтек  и друго. Едукативните содржини во форма на речници, новости, чекори и видео содржини за поедноставно и правилно користење на услугите на финансиските друштва и едукација се исто така достапни на страниците на М-Кеш, Иуте Кредит, Кредисимо, Мого, Дигитал Фајнанс и СН Финансии.

Членките на Асоцијацијата, во насока на заштита на потрошувачите потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Тој во својата содржина јасно ги дефинира обврските и правата како на небанкарските друштва, така и на барателите на кредити. Но, многу поважно е тоа што гарантира дополнителна заштита на интересите на потрошувачите кои добиле или очекуваат да добијат услуга од членовите на Асоцијацијата.

Преку Кодексот се практикува одговорно задолжување од страна на клиентите, а друштвата ги оценуваат нивните финансиски услови и способност да ги исполнат обврските. Членките на своите клиенти им ги обезбедуваат потребните информации за природата на кредитите и истовремено се посветени на едукација на населението за што всушност се наменети овие производи, вклучувајќи го фактот дека кредитите не се препорачливи за решавање на претходно постоечки финансиски тешкотии.

Кодексот за добра пракса истовремено дава сигурност за корисниците на кредитите од некоја од членките на Асоцијацијата дека деловните практики кои се утврдени во овој документ ќе се почитуваат, а секоја активност спротивна на пропишаниот кодекс, ќе биде санкционирана. Клиентите, доколку имаат поплаки на услугите, можат да поднесат и жалба до Асоцијацијата на Финансиски друштва, која ќе биде обработена во рок од 5 дена, а доколку е потребно, ќе биде покрената и дополнителна истрага.

Сподели:

Сѐ поголема експанзија на финтек индустријата во нашата земја

Со спојувањето на технологијата и финансиските услуги, финтек индустријата ги направи финансиските услуги уште подостапни за граѓаните. Првенствено претставувана токму од финансиските друштва, овој начин на работа и услуга создава можности за мали и брзи микрокредити, што за граѓаните пак значи инстант услуга и задоволување на некаква непредвидена финансиска потреба.

Брзите онлајн кредити сега се добиваат за многу кратко време – само неколку минути, со далеку поедноставена процедура за одобрување, минимална документација и воопшто целото корисничко искуство е на сосема друго ниво. Небанкарските финансиски друштва своите услуги ги нудат онлајн, а тоа ги прави достапни во било кое време и од било кое место. Бројот на ваквите небанкарски финансиски институции и нивните услуги во државата постојано расте, а со тоа расте и бројот на граѓани кои ги согледуваат нивните предности, овозможени од финансиската технологија.

Овие институции, поради поволностите што ги нудат и специфичноста на нивната дејност, своето место на пазарот го најдоа во задоволување на потребите на граѓаните за брз пристап до релативно мала сума пари за краток рок, нешто што традиционалните финансиски институции не го овозможуваат, или пак, процесот е далеку пообемен и од временска и физичка перспектива: обемна документација, одговор за неколку денови и сл.

Трендот на растот на финтек индустријата во светски рамки се очекува и во иднина да продолжи, што, од една страна ќе значи поголема конкуренцијата на финансискиот пазар, додека од друга страна, тоа ќе значи постојано подобрување на квалитетот на услугата која ја нудат субјектите на пазарот, што се разбира, генерира придобивки кои ќе ги ползуваат крајните корисници.

За да го подигнат квалитетот во работењето како важен предуслов за натамошен раст на целата индустрија, седум од технолошки најнапредните и најголеми финансиски друштва во земјава,  во мај годинава формираа Асоцијација на финансиски друштва. Во неа се финансиските друштва Тиго Фајнанс, Мого, Диџитал фајнанс, Кредисимо, М Кеш, СН Финансиско друштво и Иуте кредит, а целта на обединувањето е друштвата е заеднички напор за создавање одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.

Членките на Асоцијацијата потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедува повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле кредит или планираат да земат одреден кредит од членка на Асоцијацијата. Кодексот се занимава и со прашања како што се проценка на кредитоспособноста на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот.   Примената на точките од Кодексот за клиентите е видлива преку печатот Одговорен Кредитор кој членките го имаат усвоено, што ги уверува клиентите дека ќе ги добијат соодветниот третман.

Сподели:

Средба на претставниците на финансиските друштва и Гувернерката на НБРСМ и Министерката за Финансии

На 6 септември  во Народната банка се одржа прва заедничка средба на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Нина Ангеловска со претставници на Здружението на финансиски организации при Стопанската комора на Македонија и на Асоцијацијата на финансиски друштва. На средбата акцентот беше ставен на состојбите, движењата и трендовите во секторот на финансиските друштва, кој претставува мал, но динамичен сегмент од финансискиот систем. Одделно беше разговарано и за предизвиците коишто со себе ги носи развојот на финансиската технологија и областите во коишто треба да се очекува нејзина примена и кај нас во натамошниот период.

Соговорниците се осврнаа и на неодамна донесените измени на Одлуката за методологијата за пресметување годишна стапка на вкупните трошоци, со којашто се пропишува начинот на пресметување на СВТ на одобрените потрошувачки кредити од страна на сите кредитори, вклучително и финансиските друштва. Притоа беше појаснето дека со измените се прецизира листата на трошоци коишто не се вклучуваат во пресметката на СВТ. Имено, од оваа листа се исклучуваат трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот, коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги, како и останатите трошоци коишто не се директно поврзани и со кои не е условено одобрувањето на кредитот. Со направените измени во регулативата се очекува дека ќе се обезбеди уште поголема транспарентност во формирањето на цените на потрошувачките кредити и дека на кредитобарателите ќе им биде навремено достапна поцелосна информација за вкупните трошоци коишто ќе ги имаат на годишно ниво.

Во завршницата на средбата беше искажана желба заедничката комуникација на двете институции со Здружението и Асоцијацијата да продолжи, со цел континуирано информирање за состојбите, трендовите и новостите во секторот на финансиските друштва. Гувернерката на Народната банка и министерката за финансии оценија дека таквата заедничка комуникација може да биде особено значајна и корисна во согледувањето на натамошните предизвици на нашиот финансиски систем и за оцената на неговата стабилност.

Презмено од НБРМ

Сподели: