Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Финансиската писменост е суштински елемент за секоја земја и нејзиниот развој

Добро развиен, безбеден и стабилен финансиски сектор кој може да ги задоволи потребите на корисниците на финансиски услуги е важен за секоја земја и нејзиниот развој. Широк спектар на финансиски производи е во интерес не само на инвеститорите, туку и на секој клиент поединечно. Во пазарната економија, секоја индивидуа пред сè, се грижи за својот домашен буџет и донесува независни одлуки за инвестиции и позајмување средства, преземајќи ризик врз себе. Со обезбедување на информации и подобрување на разбирањето на финансиските услуги, корисниците на финансиски услуги развиваат свесност за ризик и стекнуваат вештини за управување со тие ризици. Меѓутоа, за да можат да донесат соодветна одлука, неопходно е тие да имаат целосни и разбирливи информации, врз основа на кои можат да направат споредби на производи со кои се среќаваат на пазарот. Дополнителното знаење им дава можност да изберат соодветна услуга. Токму затоа, финансиската писменост е суштинска потреба на секое семејство кое треба да најде начин како правилно да управува со својот домашен буџет, да ги задоволи своите егзистенционални потреби, да ги подмири своите обврски, да купи куќа, да заштеди пари за образованието на децата, да обезбеди средства за старост…

Со развојот на финансискиот пазар во светот, како и со развојот на сè покомплексни финансиски производи, потрошувачите почнаа да наидуваат на бројни иновации на финансиските пазари. Денес тие се соочуваат со голем број различни кредитни инструменти, како и со различни видови на штедење што ги нудат банкарските и небанкарските финансиски институции (финансиски друштва, осигурителни компании, пензиски фондови, инвестициски фондови …) за кои воопшто немаат, или немаат доволно знаење.

Истражувањето спроведено за потребите на ОЕЦД за финансиска писменост откри ниско ниво на знаење за финансиски производи во многу земји, вклучително и во развиените. Така, 71% од испитаниците во Јапонија немаат знаење за инвестирање во обврзници. Во Австралија 67% од испитаниците изјавиле дека го разбираат концептот на каматната стапка, но само 28% го знаеа точниот одговор за решавање на проблем користејќи го тој концепт. Зголемениот број корисници на кредитни картички во земјите на ОЕЦД доведе до зголемување на личен банкрот – едно од 10 семејства во САД доживеа личен банкрот, а во Австрија овој број е зголемен за 11%.

Од наведените причини, Дирекцијата за финансиски и деловни работи на ОЕЦД издаде три препораки чија цел е да ги охрабрат и земјите-членки на ОЕЦД и оние кои не се, да обезбедат финансиско образование за сите социјални сфери, почнувајќи од основно училиште.

Финансиското образование е функција која е комплементарна на функцијата за заштита на потрошувачите, а преклопувањето помеѓу овие две функции е очигледно. Нивната заедничка улога е да обезбедат информации за финансиски производи. Заштита на потрошувачите значи регулирање, пропишување минимални стандарди за работа на финансиските институции и поставување услови за откривање на информации за финансиски производи што ги нудат овие финансиски институции. Функцијата за заштита на потрошувачите е да се обезбедат регулаторни услови во кои финансиските институции работат на транспарентен начин и во согласност со практиките на добрата деловна пракса. Професионалниот и фер однос на финансиските институции кон корисниците на финансиски услуги придонесува за зајакнување на поврзаноста на корисниците со тие институции, зајакнување на довербата, зајакнување на здрава конкуренција и развој на финансискиот сектор. Ова е важно во услови кога постојано се појавуваат нови, покомплексни производи и играчи на пазарот, особено во делот на небанкарскиот сектор.

Во Северна Македонија финансиските друштва, како претставници на небанкарскиот финансиски сектор претставуваат индустрија која во последниве години расте со забрзано темпо, станувајќи вистинско дополнување на кредитната активност на традиционалните финансиски институции и потврдувајќи дека населението имаше потреба од ваков вид услуги.

Дел од финансиските друштва формираа Асоцијација на финансиски друштва (АФД) чија основна цел е промовирање сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање и воведување стандарди за квалитет на услугите, но истовремено и едукација на населението за финансиските услуги чиј дел се и оние ко ги нудат финансиските друштва. Во таа насока, на пример, Тиго Фајнанс, која е членка на Асоцијацијата, во моментов има медиумска кампања „Тиго Финансиски речник“  со која населението на интересен начин се запознава со основните финансиски поими – камати, кредити, Финтек  и друго. Едукативните содржини во форма на речници, новости, чекори и видео содржини за поедноставно и правилно користење на услугите на финансиските друштва и едукација се исто така достапни на страниците на М-Кеш, Иуте Кредит, Кредисимо, Мого, Дигитал Фајнанс и СН Финансии.

Членките на Асоцијацијата, во насока на заштита на потрошувачите потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Тој во својата содржина јасно ги дефинира обврските и правата како на небанкарските друштва, така и на барателите на кредити. Но, многу поважно е тоа што гарантира дополнителна заштита на интересите на потрошувачите кои добиле или очекуваат да добијат услуга од членовите на Асоцијацијата.

Преку Кодексот се практикува одговорно задолжување од страна на клиентите, а друштвата ги оценуваат нивните финансиски услови и способност да ги исполнат обврските. Членките на своите клиенти им ги обезбедуваат потребните информации за природата на кредитите и истовремено се посветени на едукација на населението за што всушност се наменети овие производи, вклучувајќи го фактот дека кредитите не се препорачливи за решавање на претходно постоечки финансиски тешкотии.

Кодексот за добра пракса истовремено дава сигурност за корисниците на кредитите од некоја од членките на Асоцијацијата дека деловните практики кои се утврдени во овој документ ќе се почитуваат, а секоја активност спротивна на пропишаниот кодекс, ќе биде санкционирана. Клиентите, доколку имаат поплаки на услугите, можат да поднесат и жалба до Асоцијацијата на Финансиски друштва, која ќе биде обработена во рок од 5 дена, а доколку е потребно, ќе биде покрената и дополнителна истрага.

Сподели: