Генералниот секретар на АФД, Јана Никодиновска разговараше со редакцијата на банкарство.мк за НБФИ индустријата и предизвиците на Финтек индустријата.
Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, и други организации кои работат надвор од банкарскиот сектор, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија.
Мисија на асоцијацијата e да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.
За назначувањето на функцијата како прв оперативец на асоцијацијата, соработката со финансиските друштва кои бележат забрзан раст, улогата на финансиските друштва, Кодексот за добра пракса и степенот на финансиска писменост на населението, разговаравме со Јана Никодиновска, Генерален секретар на АФД – Асоцијација на финансиски друштва на Северна Македонија.
Банкарство: Кон крајот на минатата година бевте назначени на функцијата Генерален секретар на Асоцијацијата на финансиски друштва во Северна Македонија (АФД). Кон што е насочен вашиот ангажман во Асоцијацијата?
Јана Никодиновска: Асоцијацијата на финансиски друштва во Република Северна Македонија беше основана во мај минатата година и обединува, досега, шест небанкарски финансиски друштва кои своето деловно работење го предводат во согласност со мисијата на АФД, односно, се залагаат за создавање на сигурна и одговорна индустрија и пракса, истовремено објаснувајќи ѝ ги на пошироката јавност разните можности кои алтернативните финансиски услуги можат да ги понудат за развој на поединци и на општеството како целина. Една од основните заложби на Асоцијацијата e да обезбеди сигурни, општествено одговорни и одржливи практики за кредитирање, како и стандарди за квалитет на услугите во индустријата, како и воспоставување на долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите, институциите и регулаторот.
Во рамките на зацртаната мисија и цели, моите активности како Генерален Секретар на АФД се насочени кон јакнење на внатрешната организација и структура, осигурување и промовирање на принципите на одговорно кредитирање и фер деловни практики, транспарентност во работата на Асоцијацијата и небанкарскиот финансиски сектор во целина, како и развој на индустријата во соработка со регулаторот и другите засегнати страни.
Едукацијата претставува исто така значаен сегмент од работата на граѓаните, па токму затоа, во претстојниот период ќе обрнеме особено внимание токму на подигнување на нивото на финансиска писменост на населението преку најразлични активности, меѓу кој е и реализација на еден исклучително важен проект за кој многу брзо јавноста ќе добие повеќе информации.
Банкарство: Бидејќи не работите во индустријата на финансиски друштва, која беше причината „надворешен“ член да биде избран за генерален секретар на АФД?
Јана Никодиновска: Ми преставува големо задоволство да се ангажирам како Генерален Секретар на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија бидејќи тоа е еден динамичен сектор кој брзо се развива. Повеќе од 10 години работам како правен консултант во областа на корпоративно управување, финансии и развој и се надевам дека со моето искуство и знаење ќе придонесам кон остварување на целите на АФД, а посебно да ја издигнеме Асоцијацијата на ниво на партнер на институциите во развојот и регулација на индустријата на FinTech услуги и партнер кај кој клиентите слободно ќе можат да се обратат доколку им е потребен совет за користењето на услугите на небанкарските финансиски друштва.
Со полна пареа ја започнуваме реализацијата на активностите за тековната година, а особено ме радува фактот што граѓаните и институциите веќе ги забележуваат нашите заложби за развој на индустријата и сѐ повеќе ја наоѓаат Асоцијацијата како инстанца за контакт, совет, поддршка и мислење.
Банкарство: Индустријата на финансиски друштва иако постои веќе 10 години, последниве две-три години бележи забрзан раст. Сепак, нивниот удел во финансискиот сектор во земјава е релативно скромен. Дали тоа се должи на недоволната информираност на јавноста за можностите кои ги нуди индустријата?
Јана Никодиновска: Небанкарскиот финансиски сектор кој се развива врз основа на финансиската технологија, последниве години бележи драстичен раст во светски рамки, а од тоа не е исклучок ниту нашата земја.
Небанкарскиот финансиски сектор во нашата земја е „најмладиот“ сегмент на финансискиот сектор, кој иако брзо расте, сé уште има мал удел како во вкупните средства на финансискиот систем, така и во вкупното портфолио на кредити, за што говори и податокот од 0,44% учество во вкупниот број на средства.
Меѓутоа, она што е важно да се напомене е дека небанкарските финансиски друштва немаат амбиција да го заменат или да бидат конкуренција на традиционалниот финансиски сектор, туку да ја дополнат понудата на финансиски услуги на пазарот.
Суштината на небанкарските финансиски друштва, е да ги пресретне краткорочните финансиски потреби на граѓаните за финансиски услуги на брз, ефикасен и едноставен начин, со примена на напредна и иновативна технологија на сите канали кои потрошувачите ги преферираат, со акцент на дигиталните канали. Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање, брзо да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена. Токму затоа, една од основните цели на Асоцијацијата е да ги доближи до граѓаните услугите на финансиските друштва.
Асоцијацијата нуди бесплатна помош и консултации за небанкарските финансиски услуги, како и подготовка на едукативни содржини, активности и настани за сите засегнати страни. Се разбира, и оваа година продолжуваме да вложуваме во едукацијата на населението и подигнување на знаењето за финансиските институции и услугите кои ги нудат, бидејќи евидентна е потребата за финансиска едукација, за што говорат и податоците од Истражувањето за Финансиска писменост на населението кое го спроведовме минатата година.
Перцепцијата на јавноста за небанкарскиот финансиски сектор значително се подобрува, за што говори и податокот од неодамна спроведеното истражување, дека 47% од вкупниот број на испитаници имаат позитивно до неутрално мислење за индустријата, а пак 18% немаат воопшто мислење за индустријата. Ова ни говори дека се движиме во вистинската насока во приближување на можностите кои ги носи индустријата, но сепак, потребно е понатамошно унапредување на финансиската писменост.
Кон крајот на минатата година се одржа средба на Асоцијацијата на финансиски друштва со преставниците на Народната банка на Република Северна Македонија и Министерство за финансиии се разгледаа состојбите, движењата и трендовите во секторот на финансиските друштва, кој претставува мал, но динамичен сегмент од финансискиот систем. Беа исто така адресирани предизвиците коишто со себе ги носи развојот на финансиската технологија и областите во коишто треба да се очекува нејзина примена и кај нас во натамошниот период.
Комуникацијата со институциите продолжува со цел континуирано информирање за состојбите, трендовите и новостите во секторот на финансиските друштва. Соработката е клучна за да се правилно увидат и адресираат натамошните предизвици во индустријата. Во таа смисла АФД останува партнер на институциите и активен чинител нудејќи ја својата помош, знаење и искуства од секторот, а заради негов натамошен развој, формулирање на стратегија и регулација на истиот.
Како што се равива технологијата, така ќе расте и небанкарскиот сектор, а и нашата земја веќе фаќа чекор со новите трендови во финансискиот сектор.
Банкарство: Членките на Асоцијацијата имаат потпишано Кодекс за добра пракса со кој презедоа низа обврски во поглед на заштита на потрошувачите. Ова е и една од обврските на Асоцијацијата. Дали во Асоцијацијата имате поплаки од незадоволни клиенти?
Јана Никодиновска: Целта на Кодексот за добра пракса е да се обезбеди дополнителна заштита на интересите на потрошувачите кои ги користат услугите на финансиските друштва членови на Асоцијацијата. Овој Кодекс ги утврдува принципите на фер комерцијална пракса и критериуми за професионална внимателност, во согласност со начелата на добра волја и принципите за одговорно кредитирање во постапување на финансиските друштва со клиентите.
Секоја од членките на Асоцијацијата е обврзана на секој клиент да му ги обезбеди потребни информации за кредитот, начинот на отплата, висината на трошоците и сите други информации врзани за природата на кредитот. Исто така, за да се обезбеди адекватност на одобрениот кредит со финансиските услови, членката има обврска да направи реална оценка на кредитоспособноста на клиентот во согласност со прописите и принципите за личен кредитен ризик, за да се спречи барателот на кредитот да преземе непотребни финансиски обврски.
Кодексот за добра пракса истовремено обезбедува сигурност за корисниците на кредитите дека членките на Асоцијацијата ќе ги почитуваат деловните практики кои се утврдени во овој документ, бидејќи во спротивно, доколку имаат забелешки и поплаки на работењето на некое финансиско друштво, сега корисниците на кредити имаат можност да се обратат во Асоцијацијата. Во Асоцијацијата постои механизам и процедура за постапување со жалби и поплаки од корисниците на кредит. Оваа услуга на Асоцијацијата е бесплатна. Жалбите се процесираат брзо во рок од 5 работни дена.
Нашето досегашно искуство покажува дека граѓаните повеќе се обраќаа во институциите со поплаки и тоа е пракса која сакаме да ја промениме и да ги насочиме граѓаните сите потребни информации и податоци, помош, советување, како и одговор на поплаките и жалбите да ги добијат во Асоцијацијата.
Банкарство: Неодамнешното истражување на јавното мислење кое го направи Асоцијацијата за степенот на финансиска писменост покажа дека иако граѓаните имаат потреба, сепак малку се информирани дека за неочекувани ситуации им стојат на располагање услугите на финансиските друштва. Како, според Вас може да се смени ваквата состојба?
Јана Никодиновска: Истражувањето што го спроведе Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија во периодот 11-19 септември 2019 година е прво од ваков вид и резултатите кои што произлегоа од тоа истражување може да се користат пошироко, а не само од финансиските друштва. Ова истражување извади на површина доста податоци за јавното мислење и навиките на нашите граѓани кога станува збор за водењето на сопствените финансии, нивото на финансиска писменост и познавањето на различните финансиски услуги кои ги има на пазарот.
Истражувањето се спроведе на примерок од 502 испитаници, на возраст од над 18 години, со еднаква застапеност на урбаните и руралните области на земјата. Така 51% од испитаниците не користеле никаква финансиска услуга од понудените финансиски инструменти во прашалникот во последните 3 години. 59% од испитаниците ја оценуваат својата финансиска писменост како слаба или просечна, а 36% не обрнуваат внимание на нивната финансиска писменост и им требаат дополнителни информации.
И покрај тоа што голем дел од населението нема средства, истражувањето покажува дека мал дел од нив ги користат расположливите финансиски услуги, но во исто време, и не располагаат со информации за можностите кои им се нудат – само 6% земале кредит од небанкарско финансиско друштво во изминатите 12 месеци.
Сето ова докажува дека има потреба од финансиски средства, а Финтек индустријата е потребна со вистинска причина – да ги обезбеди потребните средства, со најдобра корисничка грижа на брз, едноставен и лесен начин, без дополнително обезбедување, токму во неопходните, мали износи за ситуации кои бараат брзи решенија, како поправки во домот, купување на бела техника, плаќања за школување и слично. Сепак, за да можат граѓаните да разберат и да знаат која услуга кога да ја користат, потребни се дополнителни напори за унапредување на финансиската писменост на општеството.
Потребни се чекори, проекти и активности за подигнување на финансиската писменост кои Асоцијацијата е спремна да ги превземе, а тоа е и една од основните цели кои си ги постави Асоцијацијата. Од анализата е евидентно дека финансиска едукација е исто така неопходна и кога станува збор за користење на услугите што ги нудат небанкарските финансиски друштва, главно заради можностите за финансиска инклузија на населението со ограничен пристап до услугите на традиционалните финансиски институции.
Проследете го оригиналниот текст овде>>>