Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Потпишан меморандум за соработка помеѓу АЕТМ и АФД

Партнерство помеѓу едни од водечките индустрии за дигитална трансформација на општеството – Финтек индустријата и е-трговијата

Во насока на развој на е-трговијата и финтек секторот во Северна Македонија, АФД – Асоцијацијата на финансиски друштва и АЕТМ – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, склучија Меморандум за Соработка со кој обете Асоцијации ќе работат на промовирање и имплементација на современите достигнувања во е-трговијата и финтек во секојдневното живеење на граѓаните во Северна Македонија, како и подигнување на нивото на дигитална и финансиска писменост на населението.

АФД и АЕТМ соработката ќе ја остваруваат преку размена на информации од заеднички интерес, организирање на заеднички активности и проекти, учество на семинари, конференции, тркалезни маси и други едукативни содржини од областа на е-трговија, финтек и слични теми, размена на искуства и давање на професионални совети.

„Нашите основни цели кон коишто се стремиме и работиме уште од формирањето на Асоцијацијата се подигнување на јавната свесност за Финтек индустријата и нивните можности, како и едукација на населението за придобивките од користење на современите технолошки решенија. Преку соработката со АЕТМ веруваме дека заеднички ќе успееме во напорите да придонесеме кон создавање на финансиски и дигитално едуцирано население кое ги ужива придобивките од дигиталната доба во која живееме.изјави Јана Никодиновска, Генерален Секретар на АФД.

„Моменталната ситуација поврзана со COVID-19, даде можност сите да се уверат колку е потребна дигитализацијата на процесите час поскоро. Како Асоцијација за е-трговија на Македонија, изминатиов период цврсто се залагавме за подобрена едукација кога се во прашање дигиталните вештини, работевме на подигнување на свеста од потребите на е-трговијата во секој бизнис, а сега директно финансиски и консултативно помагаме за отворање на нови 40 е-продавници со цел зголемување на понудата. Веруваме дека потпишувањето на овој меморандум со АФД ќе биде само почеток кон една плодна соработка преку која успешно ќе се справуваме со предизвиците кои ги носи дигитализацијата и заеднички ќе придонесеме кон едно – дигитално паметно општество, каде е-трговијата и финтек индустријата ќе бидат составен дел од тоа општество„ – изјави Филип Чижбановски, в.д. претседател на АЕТМ.

 

* * *

За АФД

Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија и нејзините членки ФД Тиго Фајнанс, ФД Кредисимо, ФД М-Кеш, СН Финансиско друштво, ФД Мого и ФД Дигитал фајнанс, вложува големи напори за обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата, еднаквост и етика, промоција на сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање, промоција на можностите што ги нудат небанкарските финансиски технолошки решенија, а кои ќе бидат од корист на поединците и општеството, како и изградба на конструктивен дијалог и дизајнирање среднорочна стратегија за одржлив развој на индустријата заедно со надзорните органи, регулаторот и законодавецот во државата. Повеќе информации за АФД се достапни на веб страницата www.afd.mk

  За АЕТМ

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија е прва и единствена асоцијација која се стреми кон инклузивна е-трговија. Нашата мисија е да креираме иднина за раст и развој на е-трговијата во Република Македонија. Асоцијацијата има за цел да ги поддржи интересите на компаниите за е-трговија како и сите засегнати компании и организации, да придонесе кон знаењето за е-трговија и негово прошиурување вклучувајќи ги поврзаните услуги и технологии и да ги намали и елиминира бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на индустријата. Преку најразлични активности како што се обуки и истражувања, лобирање и информирање асоцијацијата се стреми да изгради поволна околина за раст на е-трговијата во С.Македонија. Асоцијацијата беше основана во декември 2017 година и за само две години успеа да изгради партнерска соработка со сите засегнати страни од синџирот за е-трговија. Моментално брои речиси 80 компании кои станаа нејзини членови и поддржувачи.

“Ние веруваме дека иднината за подобра С. Македонија е во дигитална Македонија и смарт општество, а е-трговијата е интегрален дел од едно такво општество.”

Сподели: