Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Одблиску со членките на АФД: Кредисимо – Интервју со Ѓорги Руков, Директор за меѓународен бизнис развој во Кредисимо

Кои се Credissimo во Македонија?

Credissimo Македонија е дел од ФинТек групација на меѓународни компании со повеќе од 14 години успешна историја. Credissimo во Република Северна Македонија е една од водечките структури во финансискиот сектор за брзо кредитирање, која нуди брзи и лесни финансиски решенија во формата на микро кредити.

Ние сме единственото финансиско друштво во Македонија кое ги обезбедува своите услуги целосно онлајн, без физички контакт со клиентите и посетување на канцеларии, нешто кое се укажа како исклучително важна и актуелна тематика во последно време, а во нашата компанија е долгогодишна практика.

Зошто Credissimo е членка на АФД?

Еден од темелите на кој го базираме нашето работење е целосна транспарентност за корисниците на нашите услуги. Токму поради таа причина, ја поткрепивме идејата да се формира Асоцијација која би ги обединила сите финансиски друштва во Македонија и која ќе се стреми да обезбеди фер и коректна практика на услугите во небанкарскиот финансиски сектор.

Таа практиката се воспостави и како основната мисија на АФД, а покрај успешно исполнување на основната мисија, сметаме дека Асоцијацијата досега доведе и до поголема информираност на генералното население за услугите кои ги нудат финансиските друштва, како и зголемување на довербата во користење на брзите кредити како практично решение.

Со кои предизвици се соочувате во услови на пандемија на Ковид-19 и дали условите за работа за финансиските друштва се исти во Македонија и другите пазари?

Како што напоменав погоре, ние сме единствените кои ги нудиме нашите услуги целосно онлајн. Поради таа причина, во време кога целосниот финансиски сектор се ориентира кон онлајн работење со цел да ги задржи своите клиенти за време на пандемијата, ние бевме и повеќе од подготвени.

И додека сме сведоци на целосна дигитална трансформација во финансискиот сектор, изминатиот период го искористивме да ги усовршивме нашите процеси и уште повеќе да ја олесниме достапноста до нашите услуги, како и да започнеме со подготовка на нови производи и услуги кои ќе одговараат на предизвиците кои се пред нас. Навистина сметам дека пандемијата доведе до долго одложуваната дигитализација во секторот и приоретизирање на онлајн услугите наспроти традиционалното работење, бидејќи тоа е иднината на финансиските услуги.

Како ја оценувате бизнис климата за работа за финансиските друштва во Македонија?

Нашата групација е веќе присутна на 4 меѓународни пазари – Бугарија, Полска, Колумбија и Македонија. Како и секој пазар, така и Македонија со себе ги носи своите предизвици, но за разлика од другите пазари на кои сме присутни можам слободно да кажам дека македонските клиенти се едни од најлојалните. Според нашите анализи, дури 69% од клиентите ги користат нашите услуги повеќекратно.

Сметам дека делумно за тоа е причината што ние како Credissimo постојано се трудиме да ги приспособиме најновите светски трендови од финансиската сфера кон македонските клиенти, а тоа тие ни го враќаат со нивната доверба.

Дополнително, трендот на дигитализација на финансиските услуги кој произлезе можеби како единствената позитивна последица од пандемијата, ќе доведе до поголема достапност на услугите кои ги нудат воедно финансиските друштва и банките и зголемување на улогата која ја имаме како сектор во секојдневието на граѓаните.

 

Сподели: