Вчера, 8 јули 2020 година, претставници на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија предводени од претседателот на Асоцијацијата, Филип Димитровски, остварија работна средба со претставници од Финтек тимот од Народната Банка на Република Северна Македонија.
На средбата се дискутираше за моменталната состојба во која се наоѓа Финтек секторот во земјата, а се направи и резиме на влијанието од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19 врз небанкарските финансиски друштва. Исто така, беше дискутирано за наодите од истражувањето на Светска Банка поврзано со развојот на Финтек индустријата во Западен Балкан, влијанието на регулативата и политиките и насоки за унапредување и нивната примена во национален контекст.
Како заклучок од средбата беше потврдена подготвеност за понатамошна соработка во насока на унапредување на Финтек секторот во чекор со Европските практики за развој на Финтек индустријата како дел од националната стратегија за Финтек. Ќе се продолжи да се работи на идентификување и заложби за унапредување на пристапот до податоци и информации, како и ќе се вложат заеднички напори кон јакнење на финансиската писменост на населението.
Асоцијацијата на Финансиски друштва останува посветена кон својата мисија да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.