Вчера, 5 август 2020 година, претставници на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија предводени од генералниот секретар на Асоцијацијата, Јана Никодиновска, остварија работна средба со претставници од тимот за финансиска писменост од Народната Банка и Министерството за Финансии на Република Северна Македонија.
Генералниот секретар на Асоцијацијата ги презентираше активностите и заложбите на АФД за подигнување на нивото на финансиска писменост на граѓаните како една од основните цели на Асоцијацијата. На средбата се дискутираше за состојбите во нашата земја поврзани со нивото на финансиска писменост на населението и познавањето на финансиските услуги, како и потребата за понатамошни напори на национално ниво за унапредување на оваа област.
Како заклучок од средбата беше потврдена подготвеноста за соработка во насока на унапредување на финансиската писменост во рамките на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија на населението која е во подготовка, чии носители ќе бидат регулаторните органи, со поддршка и придонес од страна на соодветните чинители во финансискиот сектор.
Асоцијацијата на Финансиски друштва останува посветена кон својата мисија да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.