Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Потпишан меморандум за соработка помеѓу МАСИТ и АФД: Со заеднички активности и проекти кон унапредување на дигиталната и финансиската писменост на граѓаните

Со цел промоција и развој на ИКТ и финтек индустријата во Република Северна Македонија, подобрување на квалитетот на финтек услугите, како и подигање на јавната свест на населението за финансиските услуги, АФД Асоцијација на Финансиски Друштва и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, потпишаа Меморандум за Соработка, во кој се поставени основите на идната заедничка соработка.

„Потпишувањето на овој Меморандум за Соработка е еден од клучните чекори во здружувањето на напорите на нашите две организации кон унапредување на финтек и ИКТ индустријата во Република Северна Македонија. Се надеваме на успешна соработка во интерес на двете страни, но уште повеќе од интерес на нашите граѓани кои ќе ги позлуваат придобивките од заедничките активности и проекти на полето на финтек, дигитализација и едукација на населението за дигиталните услуги. Веруваме дека со заеднички сили уште повеќе ќе придонесеме кон подигнување на јавната свест за придобивките од користење на технологијата, особено во услови на забрзана миграција кон дигитализацијата  – изјави Јана Никодиновска, Генерален Секретар на АФД.

„Во време на постојана дигитална трансформација, глобализација и зголемена употреба на дигиталните услуги, потребата од спојување на ИКТ компаниите и компаниите од финтек индустријата станува неопходна. Особено во овој специфичен период за сите нас, предизвикан од корона вирусот, спојувањето и заедничкиот настап на овие два сектори, а сѐ со цел, олеснет живот на граѓаните, е клучно за непречено продолжување на секојдневниот живот. Искрено се радуваме за престојните заеднички проекти и активности помеѓу МАСИТ и АДФ“, изјави Анита Никова, Извршен директор на МАСИТ

 

* * *

За АФД

Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија и нејзините членки ФД Тиго Фајнанс, ФД Кредисимо, ФД М-Кеш, СН Финансиско друштво, ФД Мого и ФД Дигитал фајнанс, вложува големи напори за обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата, еднаквост и етика, промоција на сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање, промоција на можностите што ги нудат небанкарските финансиски технолошки решенија, а кои ќе бидат од корист на поединците и општеството, како и изградба на конструктивен дијалог и дизајнирање среднорочна стратегија за одржлив развој на индустријата заедно со надзорните органи, регулаторот и законодавецот во државата. Повеќе информации за АФД се достапни на веб страницата www.afd.mk

 

За МАСИТ

Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ ја претставува Македонската ИКТ индустрија и ги промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето.

Комората ги претставува компаниите кои работат со широк спектар на ИКТ производи и услуги во Македонија и од своето основање во 2000 година, како непрофитна и волонтерска институција, на своите компании членки им овозможува пристап до информации, едукација, правни совети, соработка, вмрежување и промоција на домашно, регионално и меѓународно ниво, се со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата. МАСИТ соработува регионално и интернационално со други организации и асоцијации. Региoнално МАСИТ соработува со сите ИКТ Асоцијации од регионот на ЈИЕ (Југо-Источна Европа), и е член на Balkan and Black Sea Cluster Network. Интернационално МАСИТ e членка на World Information Technology and Services Alliance – WITSA (www.witsa.org) од мај 2005. Повеќе информации за МАСИТ се достапни на веб страницата www.masit.org.mk

 

 

 

 

Сподели: