Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Одблиску со членките на АФД: СН Финансии – Интервју со Никола Јошевски, Генерален директор на СН Финансии

Кои се СН Финансиско друштво?

ФД “СН Финансии ” ДОО Битола  започна со работа во 2016 година како дел од СН групацијата која функционира од 2014 година. Идејата за негово создавање произлезе од група професионалци, докажани во осигурителниот, банкарскиот сектор, и воопшто во бизнисот кои внимателно предвидувајќи го развојот на бизнисот во нашата држава и слушајќи што клиентите сакаат заклучија дека потребата од одговорен и сигурен партнер е секојдневна неопходност на граѓаните.  Целта ни беше да формираме посветена компанија, чија стратегија ќе биде поставена на оние елементи кои клиентите најмногу ги ценат, а тоа е стабилност, профитабилност, раст и иновации. Четирите столба на кои ФД “СН Финансии ”  ДОО Битола функционира. Секојдневно делуваме добро во име на клиентите, но и како општествено одговорна компанија кон заедницата. Сакаме задоволни клиенти, а со својата транспарентна и тимска работа негуваме однос кој се темели на доверба и взаемно почитување. Успехот е во нашите 30 вработени низ цела Македонија, заслужни во сегментот на работа и со население и со компании.

Современите решенија, информатичката технологија која ја имплементираме и прилагодените понуди на продукти за овој стандард, наменети за кредитирање заедно со тимот, ја чинат  ФД “СН Финансии ”   вистински партнер.

Зошто СН финансии е членка на АФД?

Да се припаѓа на асоцијација која има заеднички интереси и работи на наше унапредување, за нас во ФД “СН Финансии ”  е значајна работа.  Кога целите кон врвен развој на компанијата, сакате да се опкружите со истомисленици кои исто како вас сакаат напредок во оваа индустрија и таргетираат секогаш подобри резултати. Тука конкуренцијата се става во сенка, зошто паметните менаџери во оваа бранша добро знаат дека делувањето во иста рамка која ја предвидел регулаторот е можна со взаемна, професионална и посветена работа, базирана на високи етички стандарди. Истовремено, членувањето значи и почит на другиот, еднакви пазарни услови, респект кон начелата за самостојност, независност во работењето и слободно пазарно делување без ограничување на конкуренцијата во овој сектор. Не е само бенефит, туку е и чест да се биде член во АФД.  Конечно членувањето во оваа асоцијација, значи и лобирање и јавно застапување во интерес на подобри финансиски услуги кон населението.

Дали правното и бизнис опкружување во Македонија дава можности за развој на небанкарскиот финансиски сектор?

Небанкарскиот финансиски сектор е поширок сектор и опфаќа институции кои се добро етаблирани во нашата земја, како што се осигурителните компании и пензиските фондови, но опфаќа и една млада индустрија, која е во зачеток, а тоа се финансиските друштва. Јас како управител и косопственик на “ФД СН Финансии ” ДОО Битола, можам да говорам токму за нив.

Оваа индустрија е регулирана со законот за финансиски друштва кој стапи во сила во декември 2010 година. Но, иако законот е во сила веќе 10 години, експанзијата на финансиски друштва се случува последните неколку години. Сведоци сме на основање на голем број на финансиските друштва, во последните години. Законот за Финансиски друштва даде иницијална можност за почетен развој на овој дел на небанкарскиот финансиски сектор, но за вистинска експанзија на финансиските друштва, а и креирање на успешни  Finтech  компании кои подоцна ќе се шират и надвор од границите на нашата земја, потребни се и измени на други закони како што е законот  за платежни услуги и платни системи што ќе им овозможи на финансиските друштва поголем број на можности за развој и раст, а со тоа ќе им обезбеди на населението во нашата држава, поквалитетни и поевтини услуги.

Со кои предизвиците се соочувате како финансиско друштво основано со домашен капитал во Битола?

Нашето мото е “ НЕМА НЕЗНАМ, НЕМА НЕМОЖАМ“, а нашата организациска култура е секогаш прво насочена да гледа кон можностите.

Луѓето, генерално кога ги прашувате за предизвици, мислат на пречки.

Нашата филозофија во ФД “СН Финансии ”  е да се прилагодиме на условите, кои реално не ни даваат целосни можности да го постигнеме својот полн деловен потенцијал кој го поседуваме. Некогаш се регулативите, некогаш се луѓето, а некогаш ситуациите кои не можеме да ги предвидиме, како што е и здравствената криза која го погоди светот.

Но, токму тој наш концепт кој го користиме во менаџирање и носење на одлуки е насочен кон брзо и ефикасно прилагодување на условите и решавање на проблемите.

Ова е нова индустрија, па оттука и миговите кога имаме пречки да се развиваме брзо, зошто опкружувањето не е подготвено да го фати чекорот со овие глобални трендови кои финансиските институции ширум светот ги етаблира на важни позиции во едно модерно општество, ги надминуваме со брзи и креативни решенија. Тука зборуваме за решенија кои ни овозможуваат брз технолошки развој, поевтини и побрзи услуги од оние на кои досега беше навикнато населението, полесна достапност до нашите финансиски услуги…

Ние вложуваме многу во технологија што ни овозможува голем дел од нашите услуги да ги нудиме онлајн. Оттука, КОВИД-19 кризата ја дочекавме “на нозе”, што би се рекло. Затоа, секогаш ќе верувам во инвестирање во технологија и во квалитетни човечки ресурси, кои гледаат напред и делуваат во правец да се спречат ризиците или да се сведат на минимум. Многумина ме прашуваат, како е од Битола да се обезбедат високостручни кадри во овие специфични професии кои нас нѐ интересираат? Одговорот е дека Битола има одличен потенцијал, универзитетски град со факултети кои продуцираат одлични кадри. Ова е и некој “природен”  IT hub, во кој има многу компании кои се лоцирани тука, токму заради мозокот на некои млади брилијантни луѓе, заради опкружувањето да се функционира во помала средина и во град кој ги има сите предности на голем град, но е функционален како мал град. Брзо се стигнува на работа, животните трошоци се помали, опкружени сме со природа: планини, езера, па и море на час и половина. Американците токму во такви предели, наменски формирале зони во кои ќе се сместуваат вакви бизниси на новото време.  Ако се гледа во потенцијал, гледам убава иднина на Битола, што значи локацијата не ни е хендикеп, напротив…предност е.

А, ако зборуваме од аспект на генералните проблеми со кои се соочуваат и другите финансиски друштва во нашата држава, тоа би бил список кој би го изрецитирал секој менаџер во оваа бранша: немањето евтини и  стабилни извори на капитал, прилагодување на нашето работење на услови за време на пандемија, унапредување на технолошките процеси и едукација на населението за онлајн користење на нашите услуги и слично. На овие теми, сите ние членки на АФД треба заеднички да работиме, да лобираме и јавно да ги застапуваме проблемите за кои бараме решение и подобар бизнис амбиент.

Каде ја гледате иднината на финтек индустријата во пост-корона економската слика на Македонија?  

Финтек индустријата во нашата земја дефинитивно ќе оди напред. Пандемијата која ни се случува во изминатите месеци е еден вид  на акцелератор кој драстично го забрза развојот на оваа индустрија. Сите увидоа што значи бизнисите да нудат онлајн услуги.  И што значи, ако тоа го нема. Ова е и добра подготовка за населението да разбере зошто неколку години водевме кампањи зошто е добро да бидат наши клиенти. Штедат и време и пари, а денес го чуваат и здравјето на тој начин. За жал, со епидемијата многумина разбраа дека е време да се префрлат на онлајн услуги, кои ние како ФД “СН Финансии ” ги нудиме од првиот ден, а сега пак подготвени сме за нови продукти кои ќе го поедностават животот во новото „нормално“. Бизнис опкружувањето во коешто ќе осамнеме кога пандемијата ќе приврши – што може да е за една, две или три години – ќе биде многу поразлично од времето пред кризата. Мора да гледаме напред.

Затоа јас често повторувам дека финансиските друштва се тука да ја стимулираат потрошувачката моќ на населението и во време на криза. Останувам цврсто на премисата дека микро-кредитирањето е суштински важно за секое општество. Ги таргетира ранливите групи, поттикнува вработување, придонесува кон подобрување на животниот стандард на лицата кои немаат пристап до традиционалните извори на финансирање, што конечно придонесува до економско и социјално јакнење, па и финансиска инклузија.

Во светот, овој наш сектор фантастично брзо расте и ја шири лепезата на услуги со една единствена цел, а тоа е да го унапреди квалитетот на услуги и да ја шири својата достапност до што поголем број на граѓани.

А, во ваква светска здравствено-економска криза, ова наше банкарство од сенка-како развиениот свет ги нарекува финансиските друштва, може да одигра и тоа како, витална улога.

Само да појаснам, што значи тоа банкарство од сенка. Со појавата на небанкарските институции во 2011 година во Македонија започна примената на финансиската инклузија, за која развиениот свет одамна знае и ја применува, а на овој терен таа либерализација беше неопходна со една единствена цел – унапредување на финансиското работење на пазарот во целина, бидејќи на клиентите им стојат на располагање повеќе опции за задоволување на нивните финансиски потреби од различен карактер.

Сега, како никогаш порано, овој сектор ќе биде значаен за ублажување на економската криза која допрва доаѓа. Во Република Северна Македонија се регистрирани 28 финансиски друштва кои извршуваат повеќе финансиски активности како што се издавање на кредити, издавање на картички, гаранции и факторинг.

Дека овој сектор има голем комерцијален, но и развоен потенцијал покажува и едно истражување на познатата светска ревизорско-консултантска компанија EY, која утврди дека 1/3 од потрошувачите ширум светот користат две или повеќе Fintech услуги, што е одлична статистика. Ова се параметри од пред пандемијата. Така што сигурен сум дека на крај на 2020 година бројките ќе бидат многу поголеми. Во оваа индустрија само во 2016 година биле инвестирани 17,4 милијарди долари. Во 2019 таа сума е драстично мултиплицирана, што значи многу се инвестира. Во истото истражување акцентирано е кои се државите низ светот во кои се оди напред футуристички, а каде се тапка во место.

Оттука е креирана и една Regtech ( Regulatory Technology) алатка која мапира на кои земји и на кои прогресивни компании во тие земји треба да им се помогне во постигнувањето на можностите кои ги дава оваа индустрија.

Сакам Македонија во 2021 година да биде на листата на држави во која фундаментално се подобрени финансиските услуги во интерес на корисниците.

 

 

Сподели: