Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Анализа на небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија

Небанкарскиот финансиски сектор е заснован на употребата на финансиската технологија, а последниве години интензивно растеше глобално, но и локално се одрази тој тренд и во нашата земја. Финтек компаниите користат напреден софтвер, напредни маркетинг стратегии и онлајн технологии, создадени за безбедно и ефикасно доставување и доближување на финансиските услуги до клиентите и на овој начин истите ги прават подостапни од кога и да било претходно. Овие компании го користат интернетот и мобилните иновативни технологии за финансиски продукти како што се кредитирање, плаќања, тргување и друго, со едноставна цел – да го подобрат животот и да ги максимизираат придобивките за крајните корисници, граѓаните, но и компаниите и индустриите.

Кај нас, носител на развојот на финтек индустријата се финансиските друштва чие формирање беше правно овозможено во 2010 година со донесување на Закон за финансиски друштва, со цел тие да ја надополнат понудата на финансиски услуги на постојниот финансиски систем. Индустријата на финансиски друштва доживеа значаен пораст последниве години за што говорат  зголемениот  број на одобрени кредити,  висината на пласираните средства и бројот на друштва кои даваат вакви услуги, отсликувајќи ги потребите и движењата на побарувачката на пазарот за потребата за пристап до финансии, притоа обезбедувајќи пристап до финансирање за физичките лица и малите комапнии на кои не им се достапни кредитите од традиционалните финансиски институции. Во моментот во нашата земја се регистрирани 28 финансиски друштва.

НБФИ секторот во нашата земја е „најмладиот“ сегмент на финансискиот сектор, кој иако брзо расте, сé уште има мал удел како во вкупните средства на финансискиот систем, така и во вкупното портфолио на кредити, за што говори и податокот од 0,44% учество во вкупните финансиски средства согласно истражувањето на пазарот што минатата година го спроведе Асоцијацијата на финансиски друштва АФД. Доминантна позиција во финансискиот сектор во Северна Македонија сѐ уште имаат традиционалните финансиски институции со 82,5% учество во вкупните средства на финансискиот систем.

Анализите кои се прават во рамките на Асоцијацијата на финансиски друштва покажуваат дека НБФИ на годишна основа, сметано за 2019 година, имаат економско влијание од околу 804 милиони денари, а тука влегуваат сите матерјални трошоци, трошоци за услуги, вработени и јавни давачки.

 

 

 

 

Дополнително, придонесот на НБФИ во државната каса изнесува околу 138 милиони денари на годишна основа. (2019 г.)

 

 

 

 

 

 

Индустријата на небанкарските финансиски друштва вработува околу 1.000 луѓе, претежно млад кадар, а годишните трошоци за вработени во оваа индустрија, согласно податоците за 2019 г. изнесуваат околу 245 милиони денари.

 

 

 

 

 

 

Од друга страна, структурата на приходите на населението и навиките за штедење во нашата земја, според истражување на Асоцијацијата на финансиски друштва од 2019 година, покажува дека има голема потреба од финансиска инклузија, бидејќи, согласно резултатите, 12% од населението во Северна Македонија нема доволно пари дури ни за храна, а 57% може да си дозволи задоволување на потребите до максимум храна и облека, но дека нема доволно средства за уреди за домаќинството, како ТВ, фрижидер и сл. Исто така, 44% од испитаниците посочиле дека не се во можност да заштедат, бидејќи не им остануваат пари за штедење, додека 35% од испитаниците изјавиле дека со своите заштеди би можеле да живеат околу еден месец. И покрај тоа што голем дел од населението немаат средства, истражувањето покажува дека мал дел од нив ги користат расположливите финансиски услуги, но во исто време, и не располагаат со информации за можностите кои им се нудат – само 6% земале кредит од небанкарско финансиско друштво во изминатите 12 месеци и високи 52% не користеле ниту една финансиска услуга во изминатите 3 години.

Затоа за да можат граѓаните да разберат и да знаат која услуга кога да ја користат, потребни се дополнителни напори и проекти за едукација на населението како што тоа е случај кај некои од компаниите, како што наведува истражувањато, за унапредување на финансиската писменост на општеството, на што укажува и фактот дека 59% од испитаниците ја оценуваат својата финансиска писменост како слаба или просечна, а 36% не обрнуваат внимание на нивната финансиска писменост и им требаат дополнителни информации. За ова, но и за пошироки теми од областа на јакнење на финансиската писменост на населението, неопходна е блиска соработка со носителите и чинителите во оваа област, за што Асоцијацијата на финансиски друштва веќе оствари работни средби со Народната Банка и Министерството за финансии на Република Северна Македонија и склучи меморандум за соработка со водечките Асоцијации од областа – МАСИТ и АЕТМ.

Проекциите на меѓународните финансиски институции говорат дека Република Северна Македонија ќе се соочи со пад на економијата и до 4% поради состојбите со кризата.  Глобалната пандемија и претстојната економска состојба ќе влијае на финансиските капацитети на македонското општество, па токму затоа, клучно е сите засегнати страни да ги препознаат можностите, но и ризиците  во овие околности. Надлежните институции треба да ја промовираат финансиската инклузија на сите членови на општеството, како и да овозможуваат пристап до финансии преку развој и поддршка на каналите за алтернативно финансирање како што се истакнува и во извештаите на меѓународните финансиски институции, како што е ОЕЦД. Од друга страна пак, граѓаните треба да бидат свесни за своите краткорочни и долгорочни финансиски капацитети преку одбирање на соодветен извор на финансирање како што се традиционалните финансиски институции или небанкарските финансиски друштва. Финансиските институции мора да делуваат со највисоко ниво на етика и одговорност, применувајќи пофокусирана евалуација на кредитните способности на своите клиенти со цел тие да ги пресретнат краткорочните  потреби за финансиски средства на клиентите, и соодветно пресретнување на нивните обврски.

 

*Извор: Истражувања на Асоцијацијата на финансиски друштва на Република Северна Македонија

*преземено од БизнисВести.мк

Сподели: