Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Финансиското друштво Креди Јес се приклучува кон Асоцијацијата на Финансиски друштва на Северна Македонија

АФД со задоволство му посакува топло добредојде на финансиското друштво КРЕДИ ЈЕС. Креди Јес ДОО Скопје е финансиско друштво кое работи врз основа на решение издадено од Министерство за Финансии на Република Северна Македонија 13-7340/4 од 31.10.2019 година. “Финансиското Друштво Креди Јес нуди брзи и поволни потрошувачки кредити со флексибилни рати и без скриени трошоци. Транспарентност, почит кон клиентите, квалитетна услуга и брзина се наш приоритет при секоја наша услуга. Со приклучување кон АФД и учество во активностите на Асоцијацијата сметаме дека повеќе можеме да придонесеме за развој на Финтек индустријата во Северна Македонија – изјавија директорите на Креди Јес, Борислав Стефанов Георгиев и Ивајло Михајлов Инџов.

Генералниот Секретар на Асоцијацијата, Јана Никодиновска ги охрабрува небанкарските финансиски друштва да и се придружат на Асоцијацијата за да работиме на унапредување и развој на Финтек индустријата: „Асоцијацијата ја формиравме како платформа за дијалог и соработка со регулаторот за дефинирање на стратегија за развој на Финтек индустријата, за да работиме заеднички на унапредување на финансиската писменост и транспарентност, не само на небанкарските финансиски институции, туку и на целиот финансиски сектор во Северна Македонија.“

Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, и други организации кои работат надвор од банкарскиот сектор, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија. Мисија на асоцијацијата e да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина. Асоцијацијата е формирана со цел да го надгледува секторот за финансиски друштва и да го промовира неговиот развој.

Сподели:

Интервју со Филомена Пљаковска-Аспровска, Главен Извршен Директор на КаСис АД Скопје

Филомена Пљаковска-Аспровска е Претседател на Управниот одбор и Главен Извршен Директор на КаСис АД Скопје, единствениот процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички во Република Северна Македонија со кој АФД има потпишано Меморандум за соработка за едукација и надградба на финасиска писменост. Со г-ѓа Пљаковска-Аспровска разговараме за искуствата во 2020 година во услови на пандемија на Ковид, како и перспективите за развој на дигиталните технологии и дигитални канали во Северна Македонија.

2020 година беше година на предизвици за сите на глобално ниво, особено со појавата на пандемијата на Ковид. Како се носите со предизвиците од Ковид и кои мерки ги превземате?

КаСис како општестевено одговорна компанија и процесор кој нуди услуги на деловните банки, финансиски институции и други заинтересирани субјекти од областа на работењето со платежни картички и електронска трговиja во новонастантите услови на пандемија (CoVid-19) превзеде низа мерки во својот делокруг се со една цел, континуираност на услугите и поддршка на клиентите.

Уште од самиот почеток на пандемијата сите вработени кај кои природата на работните задачи дозволува работа од дома, своите работни задачи ги извршуваат од дома. Дел од вработените, чие физичко присуство е неопходно во просториите на Компанијата за да се обезбеди непречен континуитет на процесите, работат во ротирачки режим на работа.

Во овој период дојде до израз високата свест и одговорност на сите вработени за што менаџментот е посебно благодарен.

Дигиталните технологии, меѓу кои е-трговија и е-плаќања беа од особено значење во услови на Ковид, колку тие ќе бидат значајни во следниот период?

Ние како независен процесор сертифициран од страна на MasterCard и Visa доследно ги следиме и практикуваме меѓународно прифатените стандарди за работа, и усогласеноста со таквите стандарди со една единствена цел обезбедување висок степен на безбедност и оперативна доверливост на своите клиенти. Како Компанија продолжуваме да се стремиме кон eфективни и ефикасни капацитети за сигурност, заштита и превенција од злоупотреба на картичките, соработка со сите засегнати страни и заедно со банките да обезбедиме електронската трговија и употребата на платежната картичка како медиум остане доверлива и достапна за клиентите.

Во таа смисла ние подржуваме и со гордост и задоволство КаСис беше спонзор во 2020 на конференција за Е-трговија во организација на АЕТМ.

Се споделија искуства, новитети, но и идни значајни проекти поврзано со раст и развој на е-трговијата, како и за сигурноста во е-плаќање, кои вклучуваат пред се совети за безбедно купување на интернет. При секое купување на интернет првенствено корисникот треба да ја провери интернет страницата на која купува, и да се информира за трговецот. Да се избегнуваат купувања на хотспот мрежи и задолжително да постои верификуван начин на плаќање преку интернет страницата.

Како би го оцениле нивото на финансиска писменост, од аспект на сајбер безбедност, а и во смисла на можности за финансиска инклузија на населението во Северна Македонија?

Мораме да сме искрени и да нотираме дека Република Северна Македонија има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, високо квалификувани експерти, изградено ниво на доверба и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста.

Сите чинители почнувајќи од Банките, Финсиските Друштва, Народната Банка континуирано го даваат својот максимум преку организирање на презентации и твининг–проеки. Нашата компанија исто така учествува на настани и безрезервно сме подготвени да го даваме својот придонес каде и да е потребно. Посветено ќе продолжиме да овозможуваме и развиваме сигурни, современи и достапни решенија. Дел од нашата мисија во 2021 година е посветен на неколку едиторијали поврзани со едукација и финансиска писменост, можностите за финансиска инклузија низ дигиталните канали за плаќање со платежна картичка. Објавените содржини ќе бидат посветени на безбедно користење на платежни картички, безбедно купување на Интернет и бенефитите од поттикнување на растот на е-трговијата на начин разбирлив и применлив за секаков вид на целни групи корисници на платежни картички.

Пандемијата на ковид-19 која веќе цела година ни наметна поинаков начин на живеење, уште повеќе го зголеми купувањето преку интернет насекаде во светот, и онлајн нарачките станаа сечие секојдневие дури и за најосновните човекови потреби како што се набавување на храна и нарачки на јадења доставени на домашна адреса.

Ние го следиме трендот и навистина што се однесува за користењето на картичките слободно може да кажеме дека на доста високо ниво е свеста за нивната примена поготово од безбедносен аспект.

Како процесор, со што се гордеете во годинава што изминува и кои ви се плановите за 2021 година?

Во изминатиот период во услови на глобална пандемија во КаСис покрај обезбеден континуитет и непрекинатост во испораката на постојните услуги за нашите клиенти, развиваме нови услуги кои ќе овозможат дополнителни придобивки за нашите клиенти и нивните крајни корисници – иматели на платежни картички и трговци. Најнови сервиси кои ги понудивме на банките беа “Ажурирање мобилен телефонски број на банкомат”, “Web service” (проверка и промена на статус на картичка и АТМ/ПОС/Интернет лимит директно од страна на имателот на картичка) и новите картични продукти за плаќање (стикери/минитаг).

Паралелно преку системот кој го поседува КаСис за спречување на сомнителни трансакции, скоро сите банки во нашиот систем беа дефинирани со цел заштита и превенција од злоупотреби со платежни картички. Во однос на нашиот портал cPay каде во моментов работат повеќе од 60% виртуелни продавници на македонскиот пазар, односно 800 е-commerce трговци и 29.800 регистрирани клиенти и просечно месечно се реализираат повеќе од 280,000 трансакции, имплементиравме3D безбедносен модел. Истиот овозможува автентикација на сопственикот на картичка при online купување на интернет со MasterCard SecureCode и Verified by Visa 3D.

Како нови cPay функционалности се овозможија плаќање во еден чекор, плаќање во два чекора – пред-авторизација и комплетирање, рефундирање/делумно рефундирање, повторувачки плаќања (Recurring payments), Card-On-File, можност еден трговец да користи терминали за различни брендови на картички преку различни банки. Придобивките за учесниците во е-трговија се повеќекратни. За банките значајна дополнителна услуга за трговците флексибилност во тековното работење според принципот 24×7 (без ограничување во работното време) за крајните корисници плаќање на производи и услуги преку интернет од било кое место, без физичко присуство.

Многу сме благодарни на сите наши клиенти со кои со заеднички труд завршивме проекти кое се од мандаторно значење за MasterCard и Visa. Горди сме и на нашиот тим кој во услови на пандемија доследно и со голема посветеност ги релизираше сите проекти во рок.

Во новата 2021 година очекуваме да продолжиме со иста динамика на нови проекти и нови услуги кон забрзан развој на дигиталните канали и начини на плаќање.

Сподели:

Одблиску со членките на АФД: Тиго – интервју со Филип Димитровски, извршен директор на Тиго Фајнанс

  1. Пред сѐ, кои се Тиго Фајнанс?

По дефиниција, едноставниот одговор би бил небанкарско финансиско друштво, или попрецизно Финтек компанија лиценцирана од Министерството за Финансии на Република Северна Македонија која нуди лесни, едноставни и брзи решенија за поддршка на физички лица, со цел пресретнување на нивните финансиски потреби. На пазарот сме присутни нешто повеќе од 3 години, односно од декември 2017 кога се основаше компанијата.

Меѓутоа, доколку би го проширил одговорот, би рекол дека ние сме современа компанија со високи етички и професионални стандарди и со цврсто вкоренети вредности кои се применуваат на највисоко ниво, како со нашите клиенти, така во корпоративната култура на компанијата и вработените, но и во општото делување на финансискиот пазар и во заедницата, која има сериозни намери да ја подобри куповната моќ на населението и да ја унапреди финансиската инклузија на сите општествени слоеви.

Од аспект на нашиот продукт, преферираме да комуницираме дека нудиме производ наменет за оние граѓани кои имаат потреба од финансиска поддршка на брз, едноставен и транспарентен начин, токму во моментите кога тоа ним им е најпотребно. Нудиме кредити од 2.000 до 80.000 денари, со процес на апликација и одобрување кој се мери во помалку од 10 минути, благодарение на напредната технологија која ја користиме. Напредните, но и сложени алгоритми ни овозможуваат сеопфатна проценка на кредитоспособноста на лицето кое аплицира, па така за само 30 секунди клиентите добиваат информација дали нивната апликација е одобрена, а веќе за неколку минути го добиваат и одобрениот износ: нешто што е исклучително важно за корисниците и што нè позиционира како еден од водечките брендови во индустријата на небанкарски финансиски друштва.

Во текот на овие повеќе од 3 години, Тиго овозможи пристап до финансии во износ од над 30 милиони евра на граѓани кои имале потреба од средства, од кои повеќе од 60.000 се уникатни клиенти.

Во моментов, инаку, Тиго брои над 80 вработени, врвни професионалци во својата област, моментално има 15 филијали ширум земјата, а со моменталната динамика на експанзијата која ќе продолжи до крајот на годината, очекуваме и околу 30% раст по бројот на вработени. Сите овие податоци зборуваат во полза на тоа дека нашата стратегија за обезбедување брз, едноставен и транспарентен пристап до финансии е исправна и во таа насока продолжуваме и натаму.

 

  1. Вие сте извршен директор на Тиго, а воедно сте и Претседател на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија, па во таа смисла кои се предностите да се биде дел од ваква организација?

Тиго Фајнанс е еден од основачите на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија. Претседавањето со оваа Асоцијација, пред сè дава исклучителна предност дека заедно со останатите друштва можеме помоќно да делуваме во насока на создавање одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот. Сите членови на АФД, всушност со потпишувањето на Кодексот за добра пракса и формално се обврзуваме за одговорно кредитирање и обезбедување на повисоко ниво на заштита на клиентите, но преку него се обезбедуваат и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле заем или планираат да земат одреден заем од членка на Асоцијацијата.

Имено, АФД се залага и за севкупниот развој на Финтек индустријата во Северна Македонија, па основањето на Асоцијацијата всушност беше одговор на потребата да се подигне квалитетот на работењето на секторот. Земајќи предвид дека индустријата иако веќе се позиционира како сериозен чинител на финансискиот пазар, сепак е сè уште релативно млада, па оттука како членови имаме обврска заедно да делуваме за обезбедување унифицирани стандарди за квалитетот на индустријата, но и да гарантираме сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање за клиентите. Дополнително, како Асоцијација активно работиме и на унапредување на соработката со надлежните институции, па во таа насока, како членови имаме можност заеднички да иницираме средби, состаноци и соработки со различни чинители од интерес и да делуваме во насока на зајакнување на односите со регулаторот во поглед на одлуките кои се однесуваат за индустријата на небанкарски финансиски друштва и се релевантни за нашето работење.

Како резултат од тие средби произлезе и подготвеност за понатамошна соработка со повеќе институции, како со Владата на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Народната банка итн., а во насока на континуирано информирање за состојбите и новостите во секторот; понатаму за заедничко согледување и совладување на можните предизвици и ризици, како предизвикани од здравствено-економската криза, така и општо за индустријата, но и генерално за унапредување на Финтек секторот во чекор со Европските практики за развој како дел од националната стратегија за Финтек.

На крајот, но не помалку важно, како членови на Асоцијацијата, голема предност е и можноста заеднички да спроведуваме бројни истражувања за небанкарските финансиски друштва што ни даваат подобар увид во секторот, да работиме на анализи на пазарот, но и да делуваме во насока на подобрување на перцепцијата за секторот, на едукација на населението за подигнување на нивото на финансиска писменост итн.

Сè ова, од една страна навистина претставува предност да се биде дел од Асоцијацијата, меѓутоа од друга, е и голем предизвик и одговорност да се зборува во име на севкупниот сектор на небанкарски финансиски друштва.

 

  1. Како на вашето работење во Северна Македонија се одрази кризата предизвикана од Ковид-19?

Здравствено-економската криза несомнено го погоди целиот бизнис сектор, па така ниту Финтек индустријата не остана имуна на последиците. Најголемиот предизвик беше одржување на ликвидноста, имајќи предвид дека небанкарските финансиски друштва се финансираат од сопствени извори, за разлика од традиционалните финансиски институции кои располагаат со депозитите на населението и други евтини извори на финансирање.

Од друга страна, потребата за финансиски услуги, во криза или не, секогаш ќе ја има, и тука е предноста на небанкарските финансиски друштва бидејќи една од главните улоги на овој сектор е токму овозможување инклузија за финансиски неопслуженото население од страна на традиционалниот финансиски систем. Меѓутоа во услови на Ковид, кога улогата на финансиските друштва беше уште позначајна, од споменатите предизвици најмногу трпеа токму граѓаните кои во овој кризен период имаа најголема потреба од алтернативни финансиски услуги.

Оваа состојба нè научи дека за Финтек напредокот кон кој се стремиме треба да постои добро уредена институционална рамка која ќе се погрижи овие предизвици лесно да се надминуваат и впрочем стоиме на располагање на регулаторите заедно да ги процениме предизвиците и да создадеме стратешки пристап за побрзо надминување на состојбата, а со тоа и да му помогнеме на населението да го надмине овој кризен период.

Да резимирам:. Небанкарските финансиски институции се, и ќе продолжат да бидат во пост-Ковид периодот, клучни во пресретнување на краткорочните финансиски потребни кај населението, нудејќи поддршка на клиентите за излез од економската криза. Оттука, очекуваме дека состојбата за индустријата во претстојниот период ќе се стабилизира, но само со поддршка и унапредување на соработката со релевантните органи и регулатори.

 

  1. Има ли според вашето мислење правни и бизнис предуслови за развој на небанкарскиот финансиски сектор во нашата земја?

Би сакал да одговорам дека има, а доколку се потпрам на неодамна објавената физибилити-студија со резултати од Анкетата за развој на Финтек-секторот во земјата спроведена од Народната банка, одговорот би бил дека севкупниот сектор за финансиски услуги во Република Северна Македонија е подготвен за финтек-трансформaција. Ова тврдење нам ни оди во прилог, меѓутоа важно е да се потенцира и дека Тиго, како Финтек компанија, практично е родена дигитално и нашето оперативно работење е целосно во чекор со новото дигитално време и новите финансиски потреби кои се наметнуваат. Оттука навистина ме радува фактот што токму секторот на небанкарски финансиски друштва може да биде предводник на таа дигитална трансформација во финансискиот систем, што создава исклучително поволни бизнис предуслови за развој.

Клучните наоди укажуваат на тоа дека потребата за развој на Финтек-секторот е оправдана, но и дека неопходни се натамошни измени во регулативата заради поддржување на развојот на Финтек индустријата. Всушност, овие неопходни измени во регулативата се најголемата пречка за развој на секторот, бидејќи токму рамка којашто ќе поддржува иновативни решенија, притоа несомнено водејќи сметка и за потенцијалните ризици, е предуслов за развој на индустријата од правен аспект и за модернизација на севкупниот финансиски систем.

Небанкарските финансиски друштва имаат важна улога во заздравувањето на целата економија, бидејќи овозможуваат подобрување на куповната моќ на населението и обезбедуваат финансиска инклузија на неопслуженото население. Воедно, иако вкупниот удел на секторот можеби е мал, сепак истиот вработува илјадници луѓе, а влијае и врз севкупното социо-економско опкружување преку својот придонес во државните давачки кој не е за занемарување, но и преку општествените проекти за развој на заедницата. Накратко кажано, соодветен развој на Финтек индустријата е и во интерес на граѓаните и во интерес на економијата во целост, а ова се фактори кои треба да се увидат и од страна на регулаторните тела. Односно, потребно е да се подобри соработката со државните органи, во насока секторот да биде инволвиран при носење на регулатива за развој на Финтек индустријата во Република Северна Македонија на долг рок.

Од бизнис аспект, сметам дека има предуслови за развој на секторот на небанкарски финансиски друштва, како што споменав, исто така и затоа што небанкарските финансиски друштва овозможуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин. Како поволен бизнис предуслов не смее да се исклучи ниту фактот дека Финтек индустријата отвора огромен потенцијал да биде двигател на финансиската индустрија во иднина, особено што потребите на клиентите за поголема достапност на финансиските услуги на дигиталните канали во ерата на дигитализацијата сѐ повеќе ќе растат, па новите финтек-услови базирани на напредни технологии се всушност и одговор на сѐ подинамичниот пазар, па оттука, небанкарските финансиски друштва иако се најмладиот сегмент на финансискиот сектор во Северна Македонија, се и најбрзо растечкиот сегмент кој поддржува стотици илјади граѓани и мали компании.

Сподели:

2020 анализа: Финансиските друштва и под предизвикувачки услови дадоа поддршка во надминување на ефекти предизвикани од Ковид – кризата, продолжуваат со отвореност за развој на финтек индустријата

Според статистиката на Народната банка на Северна Македонија, во рамки на финансискиот систем на Северна Македонија, вкупните средства на останатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 12,8%.

Средствата на финансиските друштва имаат годишен раст од 14,1%. На крајот на 2020 година, вкупните средства на финансиски друштва изнесуваат околу 5 милијарди денари, а најголем дел  од нив или 89% се однесуваат на побарувањата од приватниот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари. Споредено со крајот на 2019 година, кредитирањето на населението бележи раст од 24,3%, додека на фирмите е намалено за 4,6%.

Двоцифрениот годишен раст на кредитите на населението во 2020 година е остварен и покрај значајното нарушување на билансите во текот на годината, како резултат на состојбите од пандемијата на Kовид. Небанкарските финансиски друштва, кои се комплементарни на традиционалниот финансиски систем во кредитната поддршка на приватниот сектор, и под вакви предизвикувачки услови дадоа поддршка во надминување на негативните ефекти предизвикани од Ковид кризата. Во натамошниот период ќе продолжи нивната поддршка кон приватниот сектор со цел полесно опоравување на економијата од шокот предизвикан од пандемијата.

Маја Кадиевска Војновиќ, финансиски експерт и поранешен Вице Гувернер на Народната Банка на Северна Македонија смета дека овие бројки се охрабрувачки. „Интензивната кредитна поддршка на населението од страна на финансиските друштва и во услови на Ковид криза е за поздравување. Оваа трансформација на пазарот на кредити којашто се случува во светски рамки не ја заобиколи ни домашната економија. Брзиот раст на алтернативното кредитирање надвор од традиционалните канали е особено изразено во последните неколку години и треба да продолжи. Растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација и финасиската вклученост во домашната економија“ – оценува Кадиевска Војновиќ.

Улогата на финансиските друштва е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми. Воедно, користењето на современите достигнувања во технологијата, односно на дигитални канали и нови бизнис модели од страна на голем дел од финансиските друштва преставува позитивен чекор за приклучување кон дигиталното време.

Северна Македонија мора да се вклучи на новото дигитално време и мора да ги искористи предностите коишто ги нуди современата технологија. Кадиевска Војновиќ укажува дека потребна е Стратегија за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија. „Во неа треба да се почне од дефинирање на јасни цели, а тоа е дека FinTech-от влијае на зголемување на финансиската инклузија на населението, го подобрува пристапот до финансии и за микро, малите и средни претпријатија, го зголемува протокот на парите во економијата или со еден збор, ја зголемува вкупната моќ на економијата. Воедно, работењето на финтек компаниите ја зголемува конкуренцијата и ги поттикнува иновациите во рамки на традиционалните даватели на финансиски услуги, а иновациите се својствено дефлаторни, односно имаат пониски цени на финансиските производи и услуги. Од влезот на FinTech-от сите ќе имаме полза“, заклучи Маја Кадиевска Војновиќ.

Покрај креирање стратегија, соодветната регулатива треба да овозможи развој на FinTech во нашата држава. Исто така, потребно е сите регулатори да се спремаат за новото време. Во овој контекст, дијалогот со регулаторот за стабилноста на секторот на финансиските друштва сега е како никогаш порано повеќе од потребна.

„2021 година ја гледаме како година на Финтекот во нашата земја и очекуваме забрзани активности од страна на регулаторот и институциите во насока на подршка на развојот на овој сектор во Северна Македонија. Ценам дека небанкарските финансиски друштва кај кои Финтекот е интегриран во основата на нивното работење, а особено членството на АФД како едни од технолошки најнапредните небанкарски финансиски друштва во нашата земја, располагаат со одлично знаење и експертиза во областа, и можат да понудат значајна поддршка за креирање на стратегиите“ – изјави Филип Димитровски, Претседател на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија.

За илустрација, согласно податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка на Северна Македонија, банките учествуваат со 81,4% во вкупните средства на финансискиот систем, а евидентно во последните неколку години, расте учеството на небанкарските финансиски друштва, и тоа до 0,6% од вкупните средства на финансискиот систем.

Повеќе информации за Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија се достапни на веб страницата www.afd.mk

Сподели: