Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

ИНТЕРВЈУ СО МАЈА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ, ФИНАНСИСКИ ЕКСПЕРТ И ПОРАНЕШЕН ВИЦЕ ГУВЕРНЕР НА НБРМ: Потребна е Стратегија за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија

1. Кој е уделот на небанкарскиот финансиски сектор во Република Северна Македонија?

Финансискиот сектор во Македонија е банкоцентричен, односно банките имаат доминантна позиција во него. Сепак, во последните неколку години доаѓа до промена во структурата во насока на зголемено учеството на задолжителните пензиски фондови, но и на останатите финансиски институции. Според податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка, банките учествуваат со 81,4% во вкупните средства на финансискиот систем, а по нив, позначајно учество имаат задолжителните пензиски фондови со 11,2%. Друштвата за неживотното и за животното осигурување учествуваат со 2,3% и 1,2%, соодветно. Она што е евидентно во последните неколку години е растот на учеството на инвестициските фондови до 1,3% и на финансиските друштва до 0,6% од вкупните средства на финансискиот систем.

Извор: НБРСМ и пресметки на авторот

Доколку го анализираме само пазарот на кредити, трансформацијата којашто се случува во светски рамки не ја заобиколи ни домашната економија. Брзиот раст на алтернативното кредитирање надвор од традиционалните канали е особено изразено во последните неколку години. Растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација и финасиската вклученост во домашната економија. Нивната улога е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми. Бројот на кленти физички лица од 14.400 во 2015 година достигна околу 100.000 во 2019 година, а бројот на клиенти правни лица од 538 се зголеми на 686 во истиот период. Воедно, користењето на современите достигнувања во технологијата, односно на дигитални канали и нови бизнис модели од страна на голем дел од финансиските друштва преставува позитивен чекор за приклучување кон дигиталното време.

Првото интегрално истражување на овој сектор насловено како Финансиските друштва во Република Северна Македонија – Сектор во експанзија пред КОВИД-19 кризата, под покровителство на Асоцијацијата на финансиски друштва, покажа дека во последните години (2015-2019 година), активата и кредитите на финансиските друштва остварија раст за 4,7 пати, односно за 2,5 пати што е највисок раст во рамки на домашниот финансиски сектор. Финансиските друштва се значајни за пазарот на кредити, којшто покрај банките и штедилниците како традиционални кредитори, го сочинуваат и лизинг друштвата. Вкупните средства на небанкарските финансиски институции (НБФИ) кои даваат кредити (вклучително и финансиски лизинг) на крајот од 2019 година достигнаа 193 милиони евра, што е раст од 71,4% во однос на 2015 година. Двете третини од растот на средствата на НБФИ се должи на финансиските друштва, чиишто средства кумулативно се зголемија за 4,7 пати и достигнаа 67 милиони евра на крајот од 2019 година. Највисок годишен раст на активата на финансиските друштва е забележан во 2017 година (кога двојно се зголеми), а во 2018 и 2019 година продолжи годишниот раст со двоцифрени стапки од 31% и 52%, соодветно.

Улогата на финансиските друштва е значајна во поглед на зголемување на степенот на финансиска интермедијација. Во Република Северна Македонија, степенот на финансиска интермедијација мерен преку домашните кредити на приватниот сектор[1] е низок во споредба со земјите од Европската Унија (ЕУ), а во линија со земјите од регионот. На крајот од 2019 година, кредитите на приватниот сектор од домашните банки и НБФИ се 50,1% од БДП, што е далеку под просекот во ЕУ (околу 86% од БДП во 2019 година[2]). Кредитите на финансиските друштва достигнаа 0,7% од БДП во 2019 година (од 0,3% од БДП во 2015 година).

И покрај сѐ уште ниското учество во вкупната кредитна активност, брзиот раст на кредитите на финансиските друштва во последните години (за 2,5 пати од 2015 до 2019 година) укажува на висока кредитна побарувачка, односно на потреба за повисока финансиска вклученост на одредени слоеви на населението и малите фирми. Банките и покрај тоа што остануваат доминанти кредитори на приватниот сектор, во последните години имаат пад на учеството (од 97% во 2015 година, на 96,1% на крајот од 2019 година). Ова поместување во најголем дел го отсликува зголеменото учество на финансиските друштва на кредитниот пазар (0,7% во 2015 година, на 1,3% на крајот од 2019 година). Наспроти нив, штедилниците губат пазарен удел, а лизинг компаниите од 2017 година наваму, имаат умерен раст на поддршка на приватниот сектор. Бруто кредитите на финансиските друштва во последите три години имаат двоцифрен годишен раст, а на крајот од 2019 година достигнаа 74 милиони евра, што е 33,6% од вкупните кредити на приватниот сектор од страна на НБФИ.

2. Што покажуваат податоците за небанкарскиот финансиски сектор за 2020 година?

Извор: НБРСМ и пресметки на авторотПоследните податоци заклучно со крајот на 2020 година покажуваат на годишен раст на вкупните средства на останатите финансиски институции[3] (ОФИ) од 12,8%. Во рамки на ОФИ, највисок годишен раст имаат средствата на пензиските фондови (од 15,4%), а потоа и средствата на финансиските друштва (од 14,1%). Средствата на лизиг друштвата имаат годишен раст од 11,5%, додека на осигурителните друштва за 7,8%. Најнизок годишен раст во 2020 година има активата на инвестициските фондови од 3,7%.

Според статистиката на Народната банка[4], на крајот 2020 година вкупните средства на финансиските друштва се околу 5 милијарди денари, а најголем дел од активата или 89% се однесува на побарувањата од приватениот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари. Споредено со крајот на 2019 година, кредитирањето на населението бележи двоцифрен раст од 24,3%, додека на фирмите е намалено за 4,6%. Ваквата динамика на кредитирање кај населението и покрај тоа што е забавена во однос на претходите три години, сепак укажува на задржана поддршка на овој сектор од страна на финансиските друштва во услови на Ковид-19 криза. Двоцифрениот годишен раст на кредитите на населението во 2020 година е остварен и покрај значајното нарушување на билансите во второто тримесечје од годината, кога финансиските друштва беа погодени од антикризната мерка на Владата. Сепак, податоците за намалено кредитирање на фирмите не се охрабрувачки и покажуваат на не-доволна поддршка на овој сектор.

Извор: НБРСМ и пресметки на авторот

Кредитирањето од страна на финансиските друштва ќе биде многу значајно во наредниот период. Во услови кога расположливиот доход на населението е намален, заради намалувања на плати, скратено работно време, отпуштања, намалени приливи од дознаки и сл., кредитната побарувачка во мали износи за потрошувачки цели има потенцијал да се зголеми. Ова го покажуваат и последните трендови на овој сегмент, односно побарувачката за кредити од финансиските друштва е значајно зголемена, и покрај фактор што е поскапа за разлика од банките. Затоа, финансиските друштва треба да се гледаат како интегрален дел од кредитниот пазар, од којшто бенефит имаат домаќинствата и целата економија.

3.Каде ја гледате иднината на FinTech во Северна Македонија?

Нашата земја мора да се вклучи на новото дигитално време и мора да ги искористи предностите коишто ги нуди современата технологија. Според мене, она што треба да се направи и спроведе во најкус период е Стратегија за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија. Во неа треба да се почне од дефинирање на јасни цели, а тоа е дека FinTech-от влијае на зголемување на финансиската инклузија на населението, го подобрува пристапот до финансии и за микро, малите и средни претпријатија, го зголемува протокот на парите во економијата или со еден збор ја зголемува вкупната моќ на економијата. Воедно, работењето на финтек компаниите ја зголемува конкуренцијата и ги поттикнува иновациите во рамки на традиционалните даватели на финансиски услуги, а иновациите се својствено дефлаторни, односно имаат пониски цени на финансиските производи и услуги. Од влезот на FinTech-от сите ќе имаме полза.

FinTech-от ќе биде “новата нормала” за кајшто сите засегнати страни, тука мислам на бизнисот, финансиските институции, регулаторите, пошироката јавност, треба да градат капацитети за нејзино прифаќање. Дека расте свесноста за FinTech во нашата земја, покажува физибилити-студијата од Анкетата за развој на финтек-секторот (Анкетата) во земјата спроведена од Народната банка, во рамките на проект поддржан од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Според резултатите, сите испитаници (220) го разбираат значењето на финтекот за економијата и речиси сите (89%) ја оправдуваат потребата за развој на финтек-секторот.

Традиционалниот финансиски сектор кај нас е спор во имплементација на новините, но сметам дека сѐ повеќе ќе ги користи можностите на финтек услугите со цел да се приближи поблиску до клиентите. Охрабрува фактот што во Анкетата висок процент или 72% од домашните банки и останатите небанкарски институции кажале дека имаат иницијативи за дигитална трансформација, а 58% дека развиваат финтек производи и услуги (највеќе банките). Од новите технологии, најзастепена е автоматизацијата, по што следат иновациите во плаќањата и анализите со користење на големи бази податоци (англ. Big data analytics). Традиционалните финансиски институции како ограничувачки фактори за дигитална трансформација на прво место ја наведуваат регулативата, половината сметаат дека пазарот не е доволно голем да ја оправда инвестицијата, а помалку од половина (40%) сметаат дека постои отсуство на капацитет или талент за спроведување. Недостатокот на финансиски средства е поизразен кај небанкарските институции во однос на банките, додека релативно помал број на испитаници (20-30%) се согласуваат дека отпорот од страна на менаџментот е предизвик.

Она што изненадува е сѐ уште ниската соработка на постојните даватели на финансиски услуги со ИТ компаниите или со финтек претприемачките компании. Оваа соработка во иднина треба да се зајакне преку партнерства, заедничи вложувања и слични форми на здружување. Воедно, мнозинството од испитаниците од групата инкубатори, акселератори и потенцијални инвеститори (71%) сметаат дека државата треба да ги поттикне инвестициите во потенцијални финтек-компании. Фонд за иновации и технолошки развој би требало да биде решение, кое во иднина би го олеснило процесот на финансирање на малите бизниси со иновативни решенија. Истите сметаат дека со донесување на националната стратегија, повеќе кредитни линии би биле на располагање за малите бизниси со иновативни идеи и за традиционалните финансиски институции доколку тие поттикнуваат иновативни решенија.

Отворено банкарство во Северна Македонија е уште еден сегмент којшто треба да се заврши. За тоа потребно е да се спроведат најдобрите практики и регулативи од европските земји. Нашата регулатива, односно Законот за платежни услуги и платни системи треба веднаш да се донесе, со што ќе се овозможи отворено банкарство и влез на нови деловни субјекти (Third Party Providers).

Сепак, и во оваа фаза нашите банки не се пасивни и веќе преземаат активности за отворање на нивните ИТ системи со нови интерфејси и модули за интеракција со клиенти и надворешни компании.

Дигиталната трансформација на финансиите треба да биде пратена од регулаторите. Воедно потребна е поголема соработна помеѓу регулаторите и финтек индустријата. Ова јасно го покажува годишното истражување Финансиските друштва во Република Северна Македонија – Сектор во експанзија пред КОВИД-19 кризата во коешто беше спроведена Анкета на мислењето на финансиските друштва во однос на неколку значајни сегменти. Според финансиските друштва потребно е регулаторите да покажат отвореност за соработка со преставниците и двигателите на FinTech-от во нашата земја. Перцепцијата на преставниците на секторот е дека постои ниска вклученост на финтек индустријата во создавањето на нова регулатива којашто е значајна за секторот; ниска е отвореноста на законодавецот и регулаторите за дијалог, консултации и соработка; регулативата за финтек индустријата не е предвидлива и стабилна на долг рок; ниска е соработка со банкарскиот сектор, кога станува збор за транспарентност и развојот на целиот финансиски сектор; и ниска е хармонизацијата на домашната регулатива за финтек индустијата со другите Балкански земји. Двигателите на FinTech-от во нашата земја се подготвени да ја понудат својата експертиза и знаење која ја носат од меѓународни, европски пазари при креирањето на стратегиите за FinTech.

Покрај креирање на регулатива којашто ќе овозможи развој на FinTech во нашата држава, потребно е регулаторите да се спремаат за новото време. Влезот на FinTech-от има бенефити за економијата, но ја изложува и на ризици. Висок процент од испитаниците во Акетата сметаат дека најголем ризик е можноста за сајбер напади, финансиски криминал и перење на пари. Затоа е потребно интегриран пристап на сите регулатори во сите области со цел да се минимизираат ризиците.

И за крај, за да населението ја прифати дигиталната транформација на финансиите потребно е да има финансиска и дигитална писменост. Едукација за финансии и за користење на ИТ технологијата треба да има уште во основно училиште, а за останатите старосни групи поддршката треба да ја обезбедат давателите на финансиски услуги. Генерално, треба да настојуваме да го зголемување на квалитетот на образование кон новото време, и да ги задржиме младите во економијата, кои се нашите таленти и иден потенцијал за економски раст!

 

Референци:

[1] Приватниот сектор се однесува на нефинансиските друштва (фирми/правни лица) и домаќинствата (население/физички лица).
[2] Извор: Светска банка
[3] Во останатите финансиски институции се вклучени: инвестициските фондови, пензиските фондови, осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг.
[4] Се однесува на статистиката на ОФИ, достапна на НБРМ веб https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-bilans-i-pregledi-na-finansiskite-institucii-kvartalni-podatoci.nspx

 

Сподели:

Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот ќе го трасира патот за забрзување на дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите

Работна средба на Асоцијацијата на финансиските друштва со гувернерката на Народната банка

 

Во рамките на активностите од процесот на подготовка на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од стручниот тим на Народната банка одржа работна средба со претставници на Асоцијацијата на финансиските друштва. Меѓу другото, состанокот имаше за цел информирање и дискусија за новите технологии кои овие финансиски институции ги применуваат, како и за предизвиците со кои тие се соочуваат како понови учесници во финансискиот екосистем.

Во разговорот беше посочено дека брзиот раст на алтернативното финансирање надвор од традиционалните канали, јасно укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација во домашната економија. Притоа беше нагласено дека дел од финансиските друштва користат дигитални канали и нови бизнис модели.

Како што беше разговарано на состанокот, Народната банка, е активно посветена на давање поддршка за развој на финтек-секторот. Соговорниците истакнаа дека се бројни придобивките и можностите за развојот на финтек-секторот во нашата земја, како што е можноста за обезбедување поголем број можности и подобри услуги, пред сѐ за потрошувачите, но и за малите бизниси. Финтек-секторот има потенцијал да ја зголеми финансиската инклузија, ќе го зајакне финансискиот систем, како и да придонесе за усогласување на финансискиот систем со меѓународните најдобри практики и може да помогне за интеграција на земјата во Европската Унија.

Народната банка преку воспоставената Порта за иновации, соработува со сите заинтересирани субјекти, сѐ со цел да го олесни, да го поттикне и да помогне во развојот на иновациите во областа на финансиите. Како дел од активностите во овој сегмент, Народната банка започна и со изработката на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот со којашто ќе се дефинираат активностите и мерките за забрзување на дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите. Во таа насока, и на работната средба беше заклучено дека Народната банка во рамки на своите надлежности останува цврсто на определбата за овозможување отворен дијалог со сите заинтересирани страни кои што преземаат активности за поддршка на финтек-развојот.

Преставниците на Асоцијацијата на финансиски друштва ја потврдија подготвеноста за активно учество во креирање на стратегијата за развој на Финтек, како и споделување на искуства, знаења и практики од европските земји со поразвиен сектор на финансиски услуги базирани на технологија. Како заклучок од средбата беше потврдена подготвеноста за соработка во насока на креирање на Националната стратегија за развој на Финтек во нашата земја, чии носители ќе бидат регулаторните органи, со поддршка и придонес од страна на соодветните чинители во финансискиот сектор.

Асоцијацијата на Финансиски друштва останува посветена кон својата мисија да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.

Сподели: