Работна средба на Асоцијацијата на финансиските друштва со гувернерката на Народната банка
Во рамките на активностите од процесот на подготовка на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од стручниот тим на Народната банка одржа работна средба со претставници на Асоцијацијата на финансиските друштва. Меѓу другото, состанокот имаше за цел информирање и дискусија за новите технологии кои овие финансиски институции ги применуваат, како и за предизвиците со кои тие се соочуваат како понови учесници во финансискиот екосистем.
Во разговорот беше посочено дека брзиот раст на алтернативното финансирање надвор од традиционалните канали, јасно укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација во домашната економија. Притоа беше нагласено дека дел од финансиските друштва користат дигитални канали и нови бизнис модели.
Како што беше разговарано на состанокот, Народната банка, е активно посветена на давање поддршка за развој на финтек-секторот. Соговорниците истакнаа дека се бројни придобивките и можностите за развојот на финтек-секторот во нашата земја, како што е можноста за обезбедување поголем број можности и подобри услуги, пред сѐ за потрошувачите, но и за малите бизниси. Финтек-секторот има потенцијал да ја зголеми финансиската инклузија, ќе го зајакне финансискиот систем, како и да придонесе за усогласување на финансискиот систем со меѓународните најдобри практики и може да помогне за интеграција на земјата во Европската Унија.
Народната банка преку воспоставената Порта за иновации, соработува со сите заинтересирани субјекти, сѐ со цел да го олесни, да го поттикне и да помогне во развојот на иновациите во областа на финансиите. Како дел од активностите во овој сегмент, Народната банка започна и со изработката на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот со којашто ќе се дефинираат активностите и мерките за забрзување на дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите. Во таа насока, и на работната средба беше заклучено дека Народната банка во рамки на своите надлежности останува цврсто на определбата за овозможување отворен дијалог со сите заинтересирани страни кои што преземаат активности за поддршка на финтек-развојот.
Преставниците на Асоцијацијата на финансиски друштва ја потврдија подготвеноста за активно учество во креирање на стратегијата за развој на Финтек, како и споделување на искуства, знаења и практики од европските земји со поразвиен сектор на финансиски услуги базирани на технологија. Како заклучок од средбата беше потврдена подготвеноста за соработка во насока на креирање на Националната стратегија за развој на Финтек во нашата земја, чии носители ќе бидат регулаторните органи, со поддршка и придонес од страна на соодветните чинители во финансискиот сектор.
Асоцијацијата на Финансиски друштва останува посветена кон својата мисија да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.