Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Годишна Анализа на небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија

2020 анализа

Скопје, 27 август 2021 година – Според статистиката на Народната банка на Северна Македонија, во рамки на финансискиот систем на Северна Македонија, вкупните средства на останатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 12,8%.

Средствата на небанкарските финансиски друштва имаат годишен раст од 14,1%. На крајот на 2020 година, вкупните средства на финансиски друштва изнесуваат околу 5 милијарди денари, а најголем дел  од нив или 89% се однесуваат на побарувањата од приватниот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари.

За илустрација, согласно податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка на Северна Македонија, банките учествуваат со 81,4% во вкупните средства на финансискиот систем, а евидентно во последните неколку години, расте учеството на небанкарските финансиски друштва, и тоа до 0,6% од вкупните средства на финансискиот систем.

Бројот на финансиски друштва гледано историски од 2015 година се зголеми за 3 пати, од 10 регистрирани финансиски друштва во 2015 година до 32 финансиски друштва во 2021 година.

Отука, растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација и финасиската вклученост во домашната економија. Нивната улога е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми.

Суштината на небанкарските финансиски друштва, е да ги пресретне краткорочните финансиски потреби на граѓаните за финансиски услуги на брз, ефикасен и едноставен начин, со примена на напредна и иновативна технологија на сите канали кои потрошувачите ги преферираат, со акцент на дигиталните канали. Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање, брзо да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена. Небанкарските финансиски друштва обезбедувале и што е најважно, ќе продолжат да обезбедуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин, и тоа многу брзо и едноставно, онлајн или филијала, токму во моментите кога е тоа најпотребно, што директно влијание на квалитетот на животот на корисниците на услугите.

 

Анализите кои се прават во рамките на Асоцијацијата на финансиски друштва покажуваат дека небанкарските финансиски друштва на годишна основа, сметано за 2020 година, имаат економско влијание од околу 853 милиони денари, а тука влегуваат сите матерјални трошоци, трошоци за услуги, вработени и јавни давачки. Споредбено со 2019 година кога финансиските друштва потрошија околу 804 милиони денари, растот е евидентен.

 

Дополнително, придонесот на НБФИ во државната каса расте и изнесува околу 167 милиони денари на годишна основа сметано за 2020 година, додека во 2019 година изнесуваше138 милиони денари.

Индустријата на небанкарските финансиски друштва вработува претежно млад кадар, а годишните трошоци за вработени во оваа индустрија, согласно податоците за 2019 г. изнесуваа околу 245 милиони денари, а во 2020 година се зголемија на близу 300 милиони денари.

Улогата на финансиските друштва е значајна во поглед на зголемување на степенот на финансиска интермедијација. И покрај сѐ уште ниското учество во вкупната кредитна активност, брзиот раст на кредитите на финансиските друштва во последните години  укажува на висока кредитна побарувачка, односно на потреба за повисока финансиска вклученост на одредени слоеви на населението и малите фирми.

Од друга страна, глобалната пандемија и економска состојба влијае на финансиските капацитети на македонското општество, па токму затоа, клучно е сите засегнати страни да ги препознаат можностите, но и ризиците  во овие околности. Надлежните институции треба да ја промовираат финансиската инклузија на сите членови на општеството, како и да овозможуваат пристап до финансии преку развој и поддршка на каналите за алтернативно финансирање како што се истакнува и во извештаите на меѓународните финансиски институции, како што е ОЕЦД. Од друга страна пак, граѓаните треба да бидат свесни за своите краткорочни и долгорочни финансиски капацитети преку одбирање на соодветен извор на финансирање како што се традиционалните финансиски институции или небанкарските финансиски друштва. Финансиските институции мора да делуваат со највисоко ниво на етика и одговорност, применувајќи пофокусирана евалуација на кредитните способности на своите клиенти со цел тие да ги пресретнат краткорочните  потреби за финансиски средства на клиентите, и соодветно пресретнување на нивните обврски.

 

*Извор: Истражување на Асоцијацијата на финансиски друштва на Република Северна Македонија и НБРМ.

 

Повеќе информации за Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија се достапни на веб страницата www.afd.mk

Сподели:

Потпишан меморандум за соработка помеѓу АФД и Прајваси

Со цел развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија, подобрување на квалитетот на финтек услугите и промоција на најдобри стандарди на пракса, подигнување на јавната свесност за финансиските услуги, а во заложба за понатамошен развој и понатамошна соработка во иднина, АФД Асоцијација на Финансиски Друштва и Национално здружение за промоција на правото на заштита на личните податоци ПРАЈВАСИ, потпишаа Меморандум за Соработка, во кој се поставени основите на идната заедничка соработка. Предмет на овој Меморандум е уредување на соработката помеѓу страните и спроведување на взаемни активности на полето на: финтек, дигитализација, едукација на населението (финансиско описменување), меѓусебна промоција и учество во заеднички активности и проекти.

Развојот на технологијата, ја наметнува потребата за компаниите, посебно компаниите кои во своето работење ги имаат интегрирано современите технолошки достигнувања, да инвестираат во мерки и системи за заштита на личните податоци. Заштитата на личните податоци со донесувањето и стапувањето на регулативата на сила, која е целосно усогласена со европските закони, дополнително само добива на значење.

Преку соработката со Прајваси, АФД продолжува на патот кон остварување на своите цели за унапредување на работењето на небанкарските финансиски друштва и посебно вложување во стандардизација на финансиските услуги, истовремено создавајќи одговорна пракса со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.

Целите за здружување на граѓаните во Прајваси е подигање на јавната свест  за заштита на личните податоци во Република Северна Македонија со промовирање на дијалог и дебати на теми од заеднички интерес, обуки и слично, споделување на идеи, како и развивање, појаснување и подобрување на легислативата од аспект на заштита на личните податоци но и поднесување барања и  застапување на субјектите на личните податоци пред надлежните органи за остварување на правото за заштита на личните податоци.

Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, и други организации кои работат надвор од банкарскиот сектор, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија.

Сподели:

ЛЕТНА ЕДУКАЦИЈА СО АФД

Во рамките на заложбите за одговорно кредитирање и подигнување на јавната свесност за финансиските услуги како такви и нивните можности, Асоцијација на финансиски друштва на Северна Македонија спроведува финансиска едукација за потрошувачките кредити во рамките на проектот Летна Едукација со АФД.  Проектот Летна едукација со АФД има за цел финансиска едукација на потрошувачите и пошироката јавност и едукација за заштитата на потрошувачите при потрошувачките кредити.

Проектот ќе се спроведе преку едукативни активности на теми кои опфаќаат унапредување на финансиската едукација на граѓаните вклучително и Кодексот на добра пракса на АФД, кој обезбедува дополнителна заштита на интересите на корисниците на услугите од членовите на Асоцијацијата, насоки за фер комерцијална пракса и критеируми за професионална внимателност, во согласност со фер пазарните практики, добрата волја и принципите за одговорно кредитирање кои се општо прифатени кај небанкарската кредитна индустрија.

Едукацијата во рамки на АФД ќе се спроведе од страна на генералниот секретар и членките на АФД преку емитување на едукативни видеа.

Едукативните видеа ќе одговорат на темите кои се најактуелни и ги засегаат потрошувачите при подигнување на потрошувачки кредити и тоа:

  1. Сѐ што треба да знаете за финансиските друштва
  2. Што значи одговорно кредитирање?
  3. Што треба да знаеш пред да подигнеш потрошувачки кредит?
  4. Како да го отплатиш кредитот без задоцнување и како да се заштитиш доколку го надминеш договорениот рок на отплата на кредитот?
  5. Како да постапиш доколку имаш жалба или поплака на потрошувачки кредит?

Со оваа активност, Асоцијацијата останува на својата мисија за создавање на одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединците и на општеството како целина.

Содржините ќе бидат објавени на порталот пари.мк, како и на веб страната и социјалните медиуми на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија.

www.afd.mk

Сподели: