Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

ИНТЕРВЈУ СО ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ, НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ПРОМОЦИЈА НА ПРАВОТО ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИTE ПОДАТОЦИ ПРАЈВАСИ

1. Вие сте еден од основачите и претседател на Прајваси, здружение кое се занимава со заштита на личните податоци. Што е целта за формирање на вакво здружение?

НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ПРОМОЦИЈА НА ПРАВОТО  ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИTE ПОДАТОЦИ е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на нивните  интересите во врска со остварување на уставно загарантираното право на заштита на личните одатоци како и сите оние што работат како офицери за заштита на личните податоци или имаат работни одговорности во делокругот на заштитата на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија и пошироко, а во согласност со Уставот и Законот.

Граѓаните се здружуваат во Здружението како непрофитна организација на заинтересирани   професионалци од областа на заштита на лични податоци, заради зајакнување на способностите и капацитетите на офицерите за заштита на личните податоци, но ова е и здужение на сите оние кои активно делуваат во областа на заштита на личните податоци или се инволвирани односно  покажуваат интерес за заштитата на правата и слободите на субјектите на  личните податоци.

Здружувањето е и со цел за  подигање на јавната свест  за заштита на личните податоци во Република Северна Македонија со промовирање на дијалог и дебати на теми од заеднички интерес, обуки и слично, споделување на идеи, како и развивање, појаснување и подобрување на легислативата од аспект на заштита на личните податоци, но и поднесување барања и  застапување на субјектите на личните податоци пред надлежните органи за остварување на правото за заштита на личните податоци.

 

2. Набрзо истекува рокот за усогласување на работењето на компаниите со новиот Закон за заштита на лични податоци. Што накратко се обврските од новиот закон и што би им препорачале на компаниите?

Обврските од новата лигислатива не се мали, предизвикот е голем, затоа на компаниите и сите останати на кој овој Закон се однесува им препорачувам да веднаш пристапат кон преземање мерки и активности за спроведување на законот и тоа како прва работа што треба да се направи е назначување на овластено лице за заштита на личните податоци-офицер бидејки тоа лице всушност е носителот на активностите за спроведување на законот во компанијата. Секоја компанија треба да направи детална анализа за потребата од назначување на офицер, а во случај на сомневање дали треба или не треба, се препорачува да сепак се назначи таков офицер. Критериуми за назначување на офицер се: – Доколку основната дејност на компанијата бара редовно и систематско  следење во голем обем на субјектите на податоци, и -Доколку основните активности на компанијата се состојат во обработка на посебни категории лични податоци во голем обем. Сепак, одлучувачки фактор за назначување на офицер мора да бидат неговите професионални способности, особено неговото/нејзиното стручно знаење за законот и праксата. Добрата работа со новиот Закон е можноста да се ангажира надворешно лице офицер, за разлика од стариот закон кога тоа лице мораше да биде од редот на вработените со тоа што во тек на вршење на работите често пати имаше конфликт на интереси во работата, а и квалитетот на испорачаните резултати не беше на завидно ниво во голем број случаи.

За таа цел Здружението и самото се вклучи во поддршка во имплементацијата на законот со тоа што нуди услуга за ангажирање на надворешно лице офицер од професионалци што се дел од нашиот тим.

 

3. Дали сметате дека во нашата земја се создадени сите услови за заштита на личните податоци, посебно дали регулативата дава доволно заштита за субјектите на лични податоци?

Дефинитивно се согласувам дека кај нас се создадени сите предуслови за заштита на личните податоци со тоа што е заокружена легислативната рамка. Недостасуваат уште неколку подзаконски акти кои се надеваме Регулаторот ке успее да ги донесе што поскоро. Но, тоа е еден сегмент целокупната слика за областа. Ама мора да се има предвид дека како и секоја друга област и ова е жива материја која се менува и дополнува преку праксата. Потешкиот дел всушност е практичната примена на прописите во работењето на контролорите и обработувачите што само по себе е огромен предизвик од една страна и зголемената јавна свест кај граѓаните за зголемените права кои им ги нуди законот кои се повеќе ќе бидат во активна улога за да си ги бараат или заштитуваат своите права, а со тоа ќе им создаваат дополнителни обврски на компаниите.

 

4. Вие бевте и Директор на Агенцијата за заштита на лични податоци во еден период, како  ја оценувате заштитата на личните податоци во Северна Македонија, постои ли ефективна заштита?

Ова прашање би било можеби поадекватно одговорено ако се адресира до Агенцијата за заштита на личните податоци, но мое лично мислење и перцепција е дека не е доволно само да се носат законите туку мора и да се спроведат за што секако согласно истите тие закони, надлежни се токму регулаторните тела како што е Агенцијата. За да се постигне било каков напредок во имплементацијата на законот, би било повеќе од пожелно да се зголеми бројот на предвидени активности на регулаторот како за подигање на свеста на општата јавност за материјата, така и давање подршка на контролорите и обработувачите за посигање што поголема усогласеност со прописите за заштита на личните податоци.

Сподели:

Годишна Анализа на небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија

2020 анализа

Скопје, 27 август 2021 година – Според статистиката на Народната банка на Северна Македонија, во рамки на финансискиот систем на Северна Македонија, вкупните средства на останатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 12,8%.

Средствата на небанкарските финансиски друштва имаат годишен раст од 14,1%. На крајот на 2020 година, вкупните средства на финансиски друштва изнесуваат околу 5 милијарди денари, а најголем дел  од нив или 89% се однесуваат на побарувањата од приватниот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари.

За илустрација, согласно податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка на Северна Македонија, банките учествуваат со 81,4% во вкупните средства на финансискиот систем, а евидентно во последните неколку години, расте учеството на небанкарските финансиски друштва, и тоа до 0,6% од вкупните средства на финансискиот систем.

Бројот на финансиски друштва гледано историски од 2015 година се зголеми за 3 пати, од 10 регистрирани финансиски друштва во 2015 година до 32 финансиски друштва во 2021 година.

Отука, растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација и финасиската вклученост во домашната економија. Нивната улога е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми.

Суштината на небанкарските финансиски друштва, е да ги пресретне краткорочните финансиски потреби на граѓаните за финансиски услуги на брз, ефикасен и едноставен начин, со примена на напредна и иновативна технологија на сите канали кои потрошувачите ги преферираат, со акцент на дигиталните канали. Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање, брзо да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена. Небанкарските финансиски друштва обезбедувале и што е најважно, ќе продолжат да обезбедуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин, и тоа многу брзо и едноставно, онлајн или филијала, токму во моментите кога е тоа најпотребно, што директно влијание на квалитетот на животот на корисниците на услугите.

 

Анализите кои се прават во рамките на Асоцијацијата на финансиски друштва покажуваат дека небанкарските финансиски друштва на годишна основа, сметано за 2020 година, имаат економско влијание од околу 853 милиони денари, а тука влегуваат сите матерјални трошоци, трошоци за услуги, вработени и јавни давачки. Споредбено со 2019 година кога финансиските друштва потрошија околу 804 милиони денари, растот е евидентен.

 

Дополнително, придонесот на НБФИ во државната каса расте и изнесува околу 167 милиони денари на годишна основа сметано за 2020 година, додека во 2019 година изнесуваше138 милиони денари.

Индустријата на небанкарските финансиски друштва вработува претежно млад кадар, а годишните трошоци за вработени во оваа индустрија, согласно податоците за 2019 г. изнесуваа околу 245 милиони денари, а во 2020 година се зголемија на близу 300 милиони денари.

Улогата на финансиските друштва е значајна во поглед на зголемување на степенот на финансиска интермедијација. И покрај сѐ уште ниското учество во вкупната кредитна активност, брзиот раст на кредитите на финансиските друштва во последните години  укажува на висока кредитна побарувачка, односно на потреба за повисока финансиска вклученост на одредени слоеви на населението и малите фирми.

Од друга страна, глобалната пандемија и економска состојба влијае на финансиските капацитети на македонското општество, па токму затоа, клучно е сите засегнати страни да ги препознаат можностите, но и ризиците  во овие околности. Надлежните институции треба да ја промовираат финансиската инклузија на сите членови на општеството, како и да овозможуваат пристап до финансии преку развој и поддршка на каналите за алтернативно финансирање како што се истакнува и во извештаите на меѓународните финансиски институции, како што е ОЕЦД. Од друга страна пак, граѓаните треба да бидат свесни за своите краткорочни и долгорочни финансиски капацитети преку одбирање на соодветен извор на финансирање како што се традиционалните финансиски институции или небанкарските финансиски друштва. Финансиските институции мора да делуваат со највисоко ниво на етика и одговорност, применувајќи пофокусирана евалуација на кредитните способности на своите клиенти со цел тие да ги пресретнат краткорочните  потреби за финансиски средства на клиентите, и соодветно пресретнување на нивните обврски.

 

*Извор: Истражување на Асоцијацијата на финансиски друштва на Република Северна Македонија и НБРМ.

 

Повеќе информации за Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија се достапни на веб страницата www.afd.mk

Сподели:

Потпишан меморандум за соработка помеѓу АФД и Прајваси

Со цел развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија, подобрување на квалитетот на финтек услугите и промоција на најдобри стандарди на пракса, подигнување на јавната свесност за финансиските услуги, а во заложба за понатамошен развој и понатамошна соработка во иднина, АФД Асоцијација на Финансиски Друштва и Национално здружение за промоција на правото на заштита на личните податоци ПРАЈВАСИ, потпишаа Меморандум за Соработка, во кој се поставени основите на идната заедничка соработка. Предмет на овој Меморандум е уредување на соработката помеѓу страните и спроведување на взаемни активности на полето на: финтек, дигитализација, едукација на населението (финансиско описменување), меѓусебна промоција и учество во заеднички активности и проекти.

Развојот на технологијата, ја наметнува потребата за компаниите, посебно компаниите кои во своето работење ги имаат интегрирано современите технолошки достигнувања, да инвестираат во мерки и системи за заштита на личните податоци. Заштитата на личните податоци со донесувањето и стапувањето на регулативата на сила, која е целосно усогласена со европските закони, дополнително само добива на значење.

Преку соработката со Прајваси, АФД продолжува на патот кон остварување на своите цели за унапредување на работењето на небанкарските финансиски друштва и посебно вложување во стандардизација на финансиските услуги, истовремено создавајќи одговорна пракса со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.

Целите за здружување на граѓаните во Прајваси е подигање на јавната свест  за заштита на личните податоци во Република Северна Македонија со промовирање на дијалог и дебати на теми од заеднички интерес, обуки и слично, споделување на идеи, како и развивање, појаснување и подобрување на легислативата од аспект на заштита на личните податоци но и поднесување барања и  застапување на субјектите на личните податоци пред надлежните органи за остварување на правото за заштита на личните податоци.

Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, и други организации кои работат надвор од банкарскиот сектор, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија.

Сподели:

ЛЕТНА ЕДУКАЦИЈА СО АФД

Во рамките на заложбите за одговорно кредитирање и подигнување на јавната свесност за финансиските услуги како такви и нивните можности, Асоцијација на финансиски друштва на Северна Македонија спроведува финансиска едукација за потрошувачките кредити во рамките на проектот Летна Едукација со АФД.  Проектот Летна едукација со АФД има за цел финансиска едукација на потрошувачите и пошироката јавност и едукација за заштитата на потрошувачите при потрошувачките кредити.

Проектот ќе се спроведе преку едукативни активности на теми кои опфаќаат унапредување на финансиската едукација на граѓаните вклучително и Кодексот на добра пракса на АФД, кој обезбедува дополнителна заштита на интересите на корисниците на услугите од членовите на Асоцијацијата, насоки за фер комерцијална пракса и критеируми за професионална внимателност, во согласност со фер пазарните практики, добрата волја и принципите за одговорно кредитирање кои се општо прифатени кај небанкарската кредитна индустрија.

Едукацијата во рамки на АФД ќе се спроведе од страна на генералниот секретар и членките на АФД преку емитување на едукативни видеа.

Едукативните видеа ќе одговорат на темите кои се најактуелни и ги засегаат потрошувачите при подигнување на потрошувачки кредити и тоа:

  1. Сѐ што треба да знаете за финансиските друштва
  2. Што значи одговорно кредитирање?
  3. Што треба да знаеш пред да подигнеш потрошувачки кредит?
  4. Како да го отплатиш кредитот без задоцнување и како да се заштитиш доколку го надминеш договорениот рок на отплата на кредитот?
  5. Како да постапиш доколку имаш жалба или поплака на потрошувачки кредит?

Со оваа активност, Асоцијацијата останува на својата мисија за создавање на одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединците и на општеството како целина.

Содржините ќе бидат објавени на порталот пари.мк, како и на веб страната и социјалните медиуми на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија.

www.afd.mk

Сподели:

Потпишан меморандум за соработка помеѓу АФД и Едулактика

Со задоволство ја објавуваме соработката помеѓу Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија и Едулактика.

Брзите промени во светот на бизнисот, посебно со развојот на технологијата, ја наметнуваат потребата за компаниите и нивните вработени истите да ги дочекаат припремени и многу брзо да се адаптираат на промените и да се впуштат во нивна примена и контрола.

Преку соработката со Едулактика, АФД продолжува на патот кон остварување на своите цели за унапредување на работењето на небанкарските финансиски друштва и посебно вложување во развојот на човечкиот капитал, истовремено создавајќи одговорна пракса со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.

Едулактика им овозможува на професионалците и бизнисите да растат поврзувајќи ги со знаење, идеи и можности преку поттикнување на промени и подобрување на знаењето со креирање на специјализирани обуки кои што одговараат на деловните потреби, а кои се пренесени од врвни експерти во своите области.

Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, и други организации кои работат надвор од банкарскиот сектор, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија.

Сподели:

ИНТЕРВЈУ СО МАЈА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ, ФИНАНСИСКИ ЕКСПЕРТ И ПОРАНЕШЕН ВИЦЕ ГУВЕРНЕР НА НБРМ: Потребна е Стратегија за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија

1. Кој е уделот на небанкарскиот финансиски сектор во Република Северна Македонија?

Финансискиот сектор во Македонија е банкоцентричен, односно банките имаат доминантна позиција во него. Сепак, во последните неколку години доаѓа до промена во структурата во насока на зголемено учеството на задолжителните пензиски фондови, но и на останатите финансиски институции. Според податоците од последниот Извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка, банките учествуваат со 81,4% во вкупните средства на финансискиот систем, а по нив, позначајно учество имаат задолжителните пензиски фондови со 11,2%. Друштвата за неживотното и за животното осигурување учествуваат со 2,3% и 1,2%, соодветно. Она што е евидентно во последните неколку години е растот на учеството на инвестициските фондови до 1,3% и на финансиските друштва до 0,6% од вкупните средства на финансискиот систем.

Извор: НБРСМ и пресметки на авторот

Доколку го анализираме само пазарот на кредити, трансформацијата којашто се случува во светски рамки не ја заобиколи ни домашната економија. Брзиот раст на алтернативното кредитирање надвор од традиционалните канали е особено изразено во последните неколку години. Растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација и финасиската вклученост во домашната економија. Нивната улога е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми. Бројот на кленти физички лица од 14.400 во 2015 година достигна околу 100.000 во 2019 година, а бројот на клиенти правни лица од 538 се зголеми на 686 во истиот период. Воедно, користењето на современите достигнувања во технологијата, односно на дигитални канали и нови бизнис модели од страна на голем дел од финансиските друштва преставува позитивен чекор за приклучување кон дигиталното време.

Првото интегрално истражување на овој сектор насловено како Финансиските друштва во Република Северна Македонија – Сектор во експанзија пред КОВИД-19 кризата, под покровителство на Асоцијацијата на финансиски друштва, покажа дека во последните години (2015-2019 година), активата и кредитите на финансиските друштва остварија раст за 4,7 пати, односно за 2,5 пати што е највисок раст во рамки на домашниот финансиски сектор. Финансиските друштва се значајни за пазарот на кредити, којшто покрај банките и штедилниците како традиционални кредитори, го сочинуваат и лизинг друштвата. Вкупните средства на небанкарските финансиски институции (НБФИ) кои даваат кредити (вклучително и финансиски лизинг) на крајот од 2019 година достигнаа 193 милиони евра, што е раст од 71,4% во однос на 2015 година. Двете третини од растот на средствата на НБФИ се должи на финансиските друштва, чиишто средства кумулативно се зголемија за 4,7 пати и достигнаа 67 милиони евра на крајот од 2019 година. Највисок годишен раст на активата на финансиските друштва е забележан во 2017 година (кога двојно се зголеми), а во 2018 и 2019 година продолжи годишниот раст со двоцифрени стапки од 31% и 52%, соодветно.

Улогата на финансиските друштва е значајна во поглед на зголемување на степенот на финансиска интермедијација. Во Република Северна Македонија, степенот на финансиска интермедијација мерен преку домашните кредити на приватниот сектор[1] е низок во споредба со земјите од Европската Унија (ЕУ), а во линија со земјите од регионот. На крајот од 2019 година, кредитите на приватниот сектор од домашните банки и НБФИ се 50,1% од БДП, што е далеку под просекот во ЕУ (околу 86% од БДП во 2019 година[2]). Кредитите на финансиските друштва достигнаа 0,7% од БДП во 2019 година (од 0,3% од БДП во 2015 година).

И покрај сѐ уште ниското учество во вкупната кредитна активност, брзиот раст на кредитите на финансиските друштва во последните години (за 2,5 пати од 2015 до 2019 година) укажува на висока кредитна побарувачка, односно на потреба за повисока финансиска вклученост на одредени слоеви на населението и малите фирми. Банките и покрај тоа што остануваат доминанти кредитори на приватниот сектор, во последните години имаат пад на учеството (од 97% во 2015 година, на 96,1% на крајот од 2019 година). Ова поместување во најголем дел го отсликува зголеменото учество на финансиските друштва на кредитниот пазар (0,7% во 2015 година, на 1,3% на крајот од 2019 година). Наспроти нив, штедилниците губат пазарен удел, а лизинг компаниите од 2017 година наваму, имаат умерен раст на поддршка на приватниот сектор. Бруто кредитите на финансиските друштва во последите три години имаат двоцифрен годишен раст, а на крајот од 2019 година достигнаа 74 милиони евра, што е 33,6% од вкупните кредити на приватниот сектор од страна на НБФИ.

2. Што покажуваат податоците за небанкарскиот финансиски сектор за 2020 година?

Извор: НБРСМ и пресметки на авторотПоследните податоци заклучно со крајот на 2020 година покажуваат на годишен раст на вкупните средства на останатите финансиски институции[3] (ОФИ) од 12,8%. Во рамки на ОФИ, највисок годишен раст имаат средствата на пензиските фондови (од 15,4%), а потоа и средствата на финансиските друштва (од 14,1%). Средствата на лизиг друштвата имаат годишен раст од 11,5%, додека на осигурителните друштва за 7,8%. Најнизок годишен раст во 2020 година има активата на инвестициските фондови од 3,7%.

Според статистиката на Народната банка[4], на крајот 2020 година вкупните средства на финансиските друштва се околу 5 милијарди денари, а најголем дел од активата или 89% се однесува на побарувањата од приватениот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари. Споредено со крајот на 2019 година, кредитирањето на населението бележи двоцифрен раст од 24,3%, додека на фирмите е намалено за 4,6%. Ваквата динамика на кредитирање кај населението и покрај тоа што е забавена во однос на претходите три години, сепак укажува на задржана поддршка на овој сектор од страна на финансиските друштва во услови на Ковид-19 криза. Двоцифрениот годишен раст на кредитите на населението во 2020 година е остварен и покрај значајното нарушување на билансите во второто тримесечје од годината, кога финансиските друштва беа погодени од антикризната мерка на Владата. Сепак, податоците за намалено кредитирање на фирмите не се охрабрувачки и покажуваат на не-доволна поддршка на овој сектор.

Извор: НБРСМ и пресметки на авторот

Кредитирањето од страна на финансиските друштва ќе биде многу значајно во наредниот период. Во услови кога расположливиот доход на населението е намален, заради намалувања на плати, скратено работно време, отпуштања, намалени приливи од дознаки и сл., кредитната побарувачка во мали износи за потрошувачки цели има потенцијал да се зголеми. Ова го покажуваат и последните трендови на овој сегмент, односно побарувачката за кредити од финансиските друштва е значајно зголемена, и покрај фактор што е поскапа за разлика од банките. Затоа, финансиските друштва треба да се гледаат како интегрален дел од кредитниот пазар, од којшто бенефит имаат домаќинствата и целата економија.

3.Каде ја гледате иднината на FinTech во Северна Македонија?

Нашата земја мора да се вклучи на новото дигитално време и мора да ги искористи предностите коишто ги нуди современата технологија. Според мене, она што треба да се направи и спроведе во најкус период е Стратегија за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија. Во неа треба да се почне од дефинирање на јасни цели, а тоа е дека FinTech-от влијае на зголемување на финансиската инклузија на населението, го подобрува пристапот до финансии и за микро, малите и средни претпријатија, го зголемува протокот на парите во економијата или со еден збор ја зголемува вкупната моќ на економијата. Воедно, работењето на финтек компаниите ја зголемува конкуренцијата и ги поттикнува иновациите во рамки на традиционалните даватели на финансиски услуги, а иновациите се својствено дефлаторни, односно имаат пониски цени на финансиските производи и услуги. Од влезот на FinTech-от сите ќе имаме полза.

FinTech-от ќе биде “новата нормала” за кајшто сите засегнати страни, тука мислам на бизнисот, финансиските институции, регулаторите, пошироката јавност, треба да градат капацитети за нејзино прифаќање. Дека расте свесноста за FinTech во нашата земја, покажува физибилити-студијата од Анкетата за развој на финтек-секторот (Анкетата) во земјата спроведена од Народната банка, во рамките на проект поддржан од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Според резултатите, сите испитаници (220) го разбираат значењето на финтекот за економијата и речиси сите (89%) ја оправдуваат потребата за развој на финтек-секторот.

Традиционалниот финансиски сектор кај нас е спор во имплементација на новините, но сметам дека сѐ повеќе ќе ги користи можностите на финтек услугите со цел да се приближи поблиску до клиентите. Охрабрува фактот што во Анкетата висок процент или 72% од домашните банки и останатите небанкарски институции кажале дека имаат иницијативи за дигитална трансформација, а 58% дека развиваат финтек производи и услуги (највеќе банките). Од новите технологии, најзастепена е автоматизацијата, по што следат иновациите во плаќањата и анализите со користење на големи бази податоци (англ. Big data analytics). Традиционалните финансиски институции како ограничувачки фактори за дигитална трансформација на прво место ја наведуваат регулативата, половината сметаат дека пазарот не е доволно голем да ја оправда инвестицијата, а помалку од половина (40%) сметаат дека постои отсуство на капацитет или талент за спроведување. Недостатокот на финансиски средства е поизразен кај небанкарските институции во однос на банките, додека релативно помал број на испитаници (20-30%) се согласуваат дека отпорот од страна на менаџментот е предизвик.

Она што изненадува е сѐ уште ниската соработка на постојните даватели на финансиски услуги со ИТ компаниите или со финтек претприемачките компании. Оваа соработка во иднина треба да се зајакне преку партнерства, заедничи вложувања и слични форми на здружување. Воедно, мнозинството од испитаниците од групата инкубатори, акселератори и потенцијални инвеститори (71%) сметаат дека државата треба да ги поттикне инвестициите во потенцијални финтек-компании. Фонд за иновации и технолошки развој би требало да биде решение, кое во иднина би го олеснило процесот на финансирање на малите бизниси со иновативни решенија. Истите сметаат дека со донесување на националната стратегија, повеќе кредитни линии би биле на располагање за малите бизниси со иновативни идеи и за традиционалните финансиски институции доколку тие поттикнуваат иновативни решенија.

Отворено банкарство во Северна Македонија е уште еден сегмент којшто треба да се заврши. За тоа потребно е да се спроведат најдобрите практики и регулативи од европските земји. Нашата регулатива, односно Законот за платежни услуги и платни системи треба веднаш да се донесе, со што ќе се овозможи отворено банкарство и влез на нови деловни субјекти (Third Party Providers).

Сепак, и во оваа фаза нашите банки не се пасивни и веќе преземаат активности за отворање на нивните ИТ системи со нови интерфејси и модули за интеракција со клиенти и надворешни компании.

Дигиталната трансформација на финансиите треба да биде пратена од регулаторите. Воедно потребна е поголема соработна помеѓу регулаторите и финтек индустријата. Ова јасно го покажува годишното истражување Финансиските друштва во Република Северна Македонија – Сектор во експанзија пред КОВИД-19 кризата во коешто беше спроведена Анкета на мислењето на финансиските друштва во однос на неколку значајни сегменти. Според финансиските друштва потребно е регулаторите да покажат отвореност за соработка со преставниците и двигателите на FinTech-от во нашата земја. Перцепцијата на преставниците на секторот е дека постои ниска вклученост на финтек индустријата во создавањето на нова регулатива којашто е значајна за секторот; ниска е отвореноста на законодавецот и регулаторите за дијалог, консултации и соработка; регулативата за финтек индустријата не е предвидлива и стабилна на долг рок; ниска е соработка со банкарскиот сектор, кога станува збор за транспарентност и развојот на целиот финансиски сектор; и ниска е хармонизацијата на домашната регулатива за финтек индустијата со другите Балкански земји. Двигателите на FinTech-от во нашата земја се подготвени да ја понудат својата експертиза и знаење која ја носат од меѓународни, европски пазари при креирањето на стратегиите за FinTech.

Покрај креирање на регулатива којашто ќе овозможи развој на FinTech во нашата држава, потребно е регулаторите да се спремаат за новото време. Влезот на FinTech-от има бенефити за економијата, но ја изложува и на ризици. Висок процент од испитаниците во Акетата сметаат дека најголем ризик е можноста за сајбер напади, финансиски криминал и перење на пари. Затоа е потребно интегриран пристап на сите регулатори во сите области со цел да се минимизираат ризиците.

И за крај, за да населението ја прифати дигиталната транформација на финансиите потребно е да има финансиска и дигитална писменост. Едукација за финансии и за користење на ИТ технологијата треба да има уште во основно училиште, а за останатите старосни групи поддршката треба да ја обезбедат давателите на финансиски услуги. Генерално, треба да настојуваме да го зголемување на квалитетот на образование кон новото време, и да ги задржиме младите во економијата, кои се нашите таленти и иден потенцијал за економски раст!

 

Референци:

[1] Приватниот сектор се однесува на нефинансиските друштва (фирми/правни лица) и домаќинствата (население/физички лица).
[2] Извор: Светска банка
[3] Во останатите финансиски институции се вклучени: инвестициските фондови, пензиските фондови, осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг.
[4] Се однесува на статистиката на ОФИ, достапна на НБРМ веб https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-bilans-i-pregledi-na-finansiskite-institucii-kvartalni-podatoci.nspx

 

Сподели:

Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот ќе го трасира патот за забрзување на дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите

Работна средба на Асоцијацијата на финансиските друштва со гувернерката на Народната банка

 

Во рамките на активностите од процесот на подготовка на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од стручниот тим на Народната банка одржа работна средба со претставници на Асоцијацијата на финансиските друштва. Меѓу другото, состанокот имаше за цел информирање и дискусија за новите технологии кои овие финансиски институции ги применуваат, како и за предизвиците со кои тие се соочуваат како понови учесници во финансискиот екосистем.

Во разговорот беше посочено дека брзиот раст на алтернативното финансирање надвор од традиционалните канали, јасно укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиска интермедијација во домашната економија. Притоа беше нагласено дека дел од финансиските друштва користат дигитални канали и нови бизнис модели.

Како што беше разговарано на состанокот, Народната банка, е активно посветена на давање поддршка за развој на финтек-секторот. Соговорниците истакнаа дека се бројни придобивките и можностите за развојот на финтек-секторот во нашата земја, како што е можноста за обезбедување поголем број можности и подобри услуги, пред сѐ за потрошувачите, но и за малите бизниси. Финтек-секторот има потенцијал да ја зголеми финансиската инклузија, ќе го зајакне финансискиот систем, како и да придонесе за усогласување на финансискиот систем со меѓународните најдобри практики и може да помогне за интеграција на земјата во Европската Унија.

Народната банка преку воспоставената Порта за иновации, соработува со сите заинтересирани субјекти, сѐ со цел да го олесни, да го поттикне и да помогне во развојот на иновациите во областа на финансиите. Како дел од активностите во овој сегмент, Народната банка започна и со изработката на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот со којашто ќе се дефинираат активностите и мерките за забрзување на дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите. Во таа насока, и на работната средба беше заклучено дека Народната банка во рамки на своите надлежности останува цврсто на определбата за овозможување отворен дијалог со сите заинтересирани страни кои што преземаат активности за поддршка на финтек-развојот.

Преставниците на Асоцијацијата на финансиски друштва ја потврдија подготвеноста за активно учество во креирање на стратегијата за развој на Финтек, како и споделување на искуства, знаења и практики од европските земји со поразвиен сектор на финансиски услуги базирани на технологија. Како заклучок од средбата беше потврдена подготвеноста за соработка во насока на креирање на Националната стратегија за развој на Финтек во нашата земја, чии носители ќе бидат регулаторните органи, со поддршка и придонес од страна на соодветните чинители во финансискиот сектор.

Асоцијацијата на Финансиски друштва останува посветена кон својата мисија да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина.

Сподели:

Финансиското друштво Креди Јес се приклучува кон Асоцијацијата на Финансиски друштва на Северна Македонија

АФД со задоволство му посакува топло добредојде на финансиското друштво КРЕДИ ЈЕС. Креди Јес ДОО Скопје е финансиско друштво кое работи врз основа на решение издадено од Министерство за Финансии на Република Северна Македонија 13-7340/4 од 31.10.2019 година. “Финансиското Друштво Креди Јес нуди брзи и поволни потрошувачки кредити со флексибилни рати и без скриени трошоци. Транспарентност, почит кон клиентите, квалитетна услуга и брзина се наш приоритет при секоја наша услуга. Со приклучување кон АФД и учество во активностите на Асоцијацијата сметаме дека повеќе можеме да придонесеме за развој на Финтек индустријата во Северна Македонија – изјавија директорите на Креди Јес, Борислав Стефанов Георгиев и Ивајло Михајлов Инџов.

Генералниот Секретар на Асоцијацијата, Јана Никодиновска ги охрабрува небанкарските финансиски друштва да и се придружат на Асоцијацијата за да работиме на унапредување и развој на Финтек индустријата: „Асоцијацијата ја формиравме како платформа за дијалог и соработка со регулаторот за дефинирање на стратегија за развој на Финтек индустријата, за да работиме заеднички на унапредување на финансиската писменост и транспарентност, не само на небанкарските финансиски институции, туку и на целиот финансиски сектор во Северна Македонија.“

Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија ги соединува компаниите за финансиска технологија, исто така позната како FinTech, и други организации кои работат надвор од банкарскиот сектор, давајќи финансиски услуги на жителите на Северна Македонија. Мисија на асоцијацијата e да се создаде одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, истовремено објаснувајќи ги на пошироката јавност различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат FinTech за развој на поединци и на општеството како целина. Асоцијацијата е формирана со цел да го надгледува секторот за финансиски друштва и да го промовира неговиот развој.

Сподели:

Интервју со Филомена Пљаковска-Аспровска, Главен Извршен Директор на КаСис АД Скопје

Филомена Пљаковска-Аспровска е Претседател на Управниот одбор и Главен Извршен Директор на КаСис АД Скопје, единствениот процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички во Република Северна Македонија со кој АФД има потпишано Меморандум за соработка за едукација и надградба на финасиска писменост. Со г-ѓа Пљаковска-Аспровска разговараме за искуствата во 2020 година во услови на пандемија на Ковид, како и перспективите за развој на дигиталните технологии и дигитални канали во Северна Македонија.

2020 година беше година на предизвици за сите на глобално ниво, особено со појавата на пандемијата на Ковид. Како се носите со предизвиците од Ковид и кои мерки ги превземате?

КаСис како општестевено одговорна компанија и процесор кој нуди услуги на деловните банки, финансиски институции и други заинтересирани субјекти од областа на работењето со платежни картички и електронска трговиja во новонастантите услови на пандемија (CoVid-19) превзеде низа мерки во својот делокруг се со една цел, континуираност на услугите и поддршка на клиентите.

Уште од самиот почеток на пандемијата сите вработени кај кои природата на работните задачи дозволува работа од дома, своите работни задачи ги извршуваат од дома. Дел од вработените, чие физичко присуство е неопходно во просториите на Компанијата за да се обезбеди непречен континуитет на процесите, работат во ротирачки режим на работа.

Во овој период дојде до израз високата свест и одговорност на сите вработени за што менаџментот е посебно благодарен.

Дигиталните технологии, меѓу кои е-трговија и е-плаќања беа од особено значење во услови на Ковид, колку тие ќе бидат значајни во следниот период?

Ние како независен процесор сертифициран од страна на MasterCard и Visa доследно ги следиме и практикуваме меѓународно прифатените стандарди за работа, и усогласеноста со таквите стандарди со една единствена цел обезбедување висок степен на безбедност и оперативна доверливост на своите клиенти. Како Компанија продолжуваме да се стремиме кон eфективни и ефикасни капацитети за сигурност, заштита и превенција од злоупотреба на картичките, соработка со сите засегнати страни и заедно со банките да обезбедиме електронската трговија и употребата на платежната картичка како медиум остане доверлива и достапна за клиентите.

Во таа смисла ние подржуваме и со гордост и задоволство КаСис беше спонзор во 2020 на конференција за Е-трговија во организација на АЕТМ.

Се споделија искуства, новитети, но и идни значајни проекти поврзано со раст и развој на е-трговијата, како и за сигурноста во е-плаќање, кои вклучуваат пред се совети за безбедно купување на интернет. При секое купување на интернет првенствено корисникот треба да ја провери интернет страницата на која купува, и да се информира за трговецот. Да се избегнуваат купувања на хотспот мрежи и задолжително да постои верификуван начин на плаќање преку интернет страницата.

Како би го оцениле нивото на финансиска писменост, од аспект на сајбер безбедност, а и во смисла на можности за финансиска инклузија на населението во Северна Македонија?

Мораме да сме искрени и да нотираме дека Република Северна Македонија има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, високо квалификувани експерти, изградено ниво на доверба и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста.

Сите чинители почнувајќи од Банките, Финсиските Друштва, Народната Банка континуирано го даваат својот максимум преку организирање на презентации и твининг–проеки. Нашата компанија исто така учествува на настани и безрезервно сме подготвени да го даваме својот придонес каде и да е потребно. Посветено ќе продолжиме да овозможуваме и развиваме сигурни, современи и достапни решенија. Дел од нашата мисија во 2021 година е посветен на неколку едиторијали поврзани со едукација и финансиска писменост, можностите за финансиска инклузија низ дигиталните канали за плаќање со платежна картичка. Објавените содржини ќе бидат посветени на безбедно користење на платежни картички, безбедно купување на Интернет и бенефитите од поттикнување на растот на е-трговијата на начин разбирлив и применлив за секаков вид на целни групи корисници на платежни картички.

Пандемијата на ковид-19 која веќе цела година ни наметна поинаков начин на живеење, уште повеќе го зголеми купувањето преку интернет насекаде во светот, и онлајн нарачките станаа сечие секојдневие дури и за најосновните човекови потреби како што се набавување на храна и нарачки на јадења доставени на домашна адреса.

Ние го следиме трендот и навистина што се однесува за користењето на картичките слободно може да кажеме дека на доста високо ниво е свеста за нивната примена поготово од безбедносен аспект.

Како процесор, со што се гордеете во годинава што изминува и кои ви се плановите за 2021 година?

Во изминатиот период во услови на глобална пандемија во КаСис покрај обезбеден континуитет и непрекинатост во испораката на постојните услуги за нашите клиенти, развиваме нови услуги кои ќе овозможат дополнителни придобивки за нашите клиенти и нивните крајни корисници – иматели на платежни картички и трговци. Најнови сервиси кои ги понудивме на банките беа “Ажурирање мобилен телефонски број на банкомат”, “Web service” (проверка и промена на статус на картичка и АТМ/ПОС/Интернет лимит директно од страна на имателот на картичка) и новите картични продукти за плаќање (стикери/минитаг).

Паралелно преку системот кој го поседува КаСис за спречување на сомнителни трансакции, скоро сите банки во нашиот систем беа дефинирани со цел заштита и превенција од злоупотреби со платежни картички. Во однос на нашиот портал cPay каде во моментов работат повеќе од 60% виртуелни продавници на македонскиот пазар, односно 800 е-commerce трговци и 29.800 регистрирани клиенти и просечно месечно се реализираат повеќе од 280,000 трансакции, имплементиравме3D безбедносен модел. Истиот овозможува автентикација на сопственикот на картичка при online купување на интернет со MasterCard SecureCode и Verified by Visa 3D.

Како нови cPay функционалности се овозможија плаќање во еден чекор, плаќање во два чекора – пред-авторизација и комплетирање, рефундирање/делумно рефундирање, повторувачки плаќања (Recurring payments), Card-On-File, можност еден трговец да користи терминали за различни брендови на картички преку различни банки. Придобивките за учесниците во е-трговија се повеќекратни. За банките значајна дополнителна услуга за трговците флексибилност во тековното работење според принципот 24×7 (без ограничување во работното време) за крајните корисници плаќање на производи и услуги преку интернет од било кое место, без физичко присуство.

Многу сме благодарни на сите наши клиенти со кои со заеднички труд завршивме проекти кое се од мандаторно значење за MasterCard и Visa. Горди сме и на нашиот тим кој во услови на пандемија доследно и со голема посветеност ги релизираше сите проекти во рок.

Во новата 2021 година очекуваме да продолжиме со иста динамика на нови проекти и нови услуги кон забрзан развој на дигиталните канали и начини на плаќање.

Сподели:

Одблиску со членките на АФД: Тиго – интервју со Филип Димитровски, извршен директор на Тиго Фајнанс

  1. Пред сѐ, кои се Тиго Фајнанс?

По дефиниција, едноставниот одговор би бил небанкарско финансиско друштво, или попрецизно Финтек компанија лиценцирана од Министерството за Финансии на Република Северна Македонија која нуди лесни, едноставни и брзи решенија за поддршка на физички лица, со цел пресретнување на нивните финансиски потреби. На пазарот сме присутни нешто повеќе од 3 години, односно од декември 2017 кога се основаше компанијата.

Меѓутоа, доколку би го проширил одговорот, би рекол дека ние сме современа компанија со високи етички и професионални стандарди и со цврсто вкоренети вредности кои се применуваат на највисоко ниво, како со нашите клиенти, така во корпоративната култура на компанијата и вработените, но и во општото делување на финансискиот пазар и во заедницата, која има сериозни намери да ја подобри куповната моќ на населението и да ја унапреди финансиската инклузија на сите општествени слоеви.

Од аспект на нашиот продукт, преферираме да комуницираме дека нудиме производ наменет за оние граѓани кои имаат потреба од финансиска поддршка на брз, едноставен и транспарентен начин, токму во моментите кога тоа ним им е најпотребно. Нудиме кредити од 2.000 до 80.000 денари, со процес на апликација и одобрување кој се мери во помалку од 10 минути, благодарение на напредната технологија која ја користиме. Напредните, но и сложени алгоритми ни овозможуваат сеопфатна проценка на кредитоспособноста на лицето кое аплицира, па така за само 30 секунди клиентите добиваат информација дали нивната апликација е одобрена, а веќе за неколку минути го добиваат и одобрениот износ: нешто што е исклучително важно за корисниците и што нè позиционира како еден од водечките брендови во индустријата на небанкарски финансиски друштва.

Во текот на овие повеќе од 3 години, Тиго овозможи пристап до финансии во износ од над 30 милиони евра на граѓани кои имале потреба од средства, од кои повеќе од 60.000 се уникатни клиенти.

Во моментов, инаку, Тиго брои над 80 вработени, врвни професионалци во својата област, моментално има 15 филијали ширум земјата, а со моменталната динамика на експанзијата која ќе продолжи до крајот на годината, очекуваме и околу 30% раст по бројот на вработени. Сите овие податоци зборуваат во полза на тоа дека нашата стратегија за обезбедување брз, едноставен и транспарентен пристап до финансии е исправна и во таа насока продолжуваме и натаму.

 

  1. Вие сте извршен директор на Тиго, а воедно сте и Претседател на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија, па во таа смисла кои се предностите да се биде дел од ваква организација?

Тиго Фајнанс е еден од основачите на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија. Претседавањето со оваа Асоцијација, пред сè дава исклучителна предност дека заедно со останатите друштва можеме помоќно да делуваме во насока на создавање одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот. Сите членови на АФД, всушност со потпишувањето на Кодексот за добра пракса и формално се обврзуваме за одговорно кредитирање и обезбедување на повисоко ниво на заштита на клиентите, но преку него се обезбедуваат и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле заем или планираат да земат одреден заем од членка на Асоцијацијата.

Имено, АФД се залага и за севкупниот развој на Финтек индустријата во Северна Македонија, па основањето на Асоцијацијата всушност беше одговор на потребата да се подигне квалитетот на работењето на секторот. Земајќи предвид дека индустријата иако веќе се позиционира како сериозен чинител на финансискиот пазар, сепак е сè уште релативно млада, па оттука како членови имаме обврска заедно да делуваме за обезбедување унифицирани стандарди за квалитетот на индустријата, но и да гарантираме сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање за клиентите. Дополнително, како Асоцијација активно работиме и на унапредување на соработката со надлежните институции, па во таа насока, како членови имаме можност заеднички да иницираме средби, состаноци и соработки со различни чинители од интерес и да делуваме во насока на зајакнување на односите со регулаторот во поглед на одлуките кои се однесуваат за индустријата на небанкарски финансиски друштва и се релевантни за нашето работење.

Како резултат од тие средби произлезе и подготвеност за понатамошна соработка со повеќе институции, како со Владата на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Народната банка итн., а во насока на континуирано информирање за состојбите и новостите во секторот; понатаму за заедничко согледување и совладување на можните предизвици и ризици, како предизвикани од здравствено-економската криза, така и општо за индустријата, но и генерално за унапредување на Финтек секторот во чекор со Европските практики за развој како дел од националната стратегија за Финтек.

На крајот, но не помалку важно, како членови на Асоцијацијата, голема предност е и можноста заеднички да спроведуваме бројни истражувања за небанкарските финансиски друштва што ни даваат подобар увид во секторот, да работиме на анализи на пазарот, но и да делуваме во насока на подобрување на перцепцијата за секторот, на едукација на населението за подигнување на нивото на финансиска писменост итн.

Сè ова, од една страна навистина претставува предност да се биде дел од Асоцијацијата, меѓутоа од друга, е и голем предизвик и одговорност да се зборува во име на севкупниот сектор на небанкарски финансиски друштва.

 

  1. Како на вашето работење во Северна Македонија се одрази кризата предизвикана од Ковид-19?

Здравствено-економската криза несомнено го погоди целиот бизнис сектор, па така ниту Финтек индустријата не остана имуна на последиците. Најголемиот предизвик беше одржување на ликвидноста, имајќи предвид дека небанкарските финансиски друштва се финансираат од сопствени извори, за разлика од традиционалните финансиски институции кои располагаат со депозитите на населението и други евтини извори на финансирање.

Од друга страна, потребата за финансиски услуги, во криза или не, секогаш ќе ја има, и тука е предноста на небанкарските финансиски друштва бидејќи една од главните улоги на овој сектор е токму овозможување инклузија за финансиски неопслуженото население од страна на традиционалниот финансиски систем. Меѓутоа во услови на Ковид, кога улогата на финансиските друштва беше уште позначајна, од споменатите предизвици најмногу трпеа токму граѓаните кои во овој кризен период имаа најголема потреба од алтернативни финансиски услуги.

Оваа состојба нè научи дека за Финтек напредокот кон кој се стремиме треба да постои добро уредена институционална рамка која ќе се погрижи овие предизвици лесно да се надминуваат и впрочем стоиме на располагање на регулаторите заедно да ги процениме предизвиците и да создадеме стратешки пристап за побрзо надминување на состојбата, а со тоа и да му помогнеме на населението да го надмине овој кризен период.

Да резимирам:. Небанкарските финансиски институции се, и ќе продолжат да бидат во пост-Ковид периодот, клучни во пресретнување на краткорочните финансиски потребни кај населението, нудејќи поддршка на клиентите за излез од економската криза. Оттука, очекуваме дека состојбата за индустријата во претстојниот период ќе се стабилизира, но само со поддршка и унапредување на соработката со релевантните органи и регулатори.

 

  1. Има ли според вашето мислење правни и бизнис предуслови за развој на небанкарскиот финансиски сектор во нашата земја?

Би сакал да одговорам дека има, а доколку се потпрам на неодамна објавената физибилити-студија со резултати од Анкетата за развој на Финтек-секторот во земјата спроведена од Народната банка, одговорот би бил дека севкупниот сектор за финансиски услуги во Република Северна Македонија е подготвен за финтек-трансформaција. Ова тврдење нам ни оди во прилог, меѓутоа важно е да се потенцира и дека Тиго, како Финтек компанија, практично е родена дигитално и нашето оперативно работење е целосно во чекор со новото дигитално време и новите финансиски потреби кои се наметнуваат. Оттука навистина ме радува фактот што токму секторот на небанкарски финансиски друштва може да биде предводник на таа дигитална трансформација во финансискиот систем, што создава исклучително поволни бизнис предуслови за развој.

Клучните наоди укажуваат на тоа дека потребата за развој на Финтек-секторот е оправдана, но и дека неопходни се натамошни измени во регулативата заради поддржување на развојот на Финтек индустријата. Всушност, овие неопходни измени во регулативата се најголемата пречка за развој на секторот, бидејќи токму рамка којашто ќе поддржува иновативни решенија, притоа несомнено водејќи сметка и за потенцијалните ризици, е предуслов за развој на индустријата од правен аспект и за модернизација на севкупниот финансиски систем.

Небанкарските финансиски друштва имаат важна улога во заздравувањето на целата економија, бидејќи овозможуваат подобрување на куповната моќ на населението и обезбедуваат финансиска инклузија на неопслуженото население. Воедно, иако вкупниот удел на секторот можеби е мал, сепак истиот вработува илјадници луѓе, а влијае и врз севкупното социо-економско опкружување преку својот придонес во државните давачки кој не е за занемарување, но и преку општествените проекти за развој на заедницата. Накратко кажано, соодветен развој на Финтек индустријата е и во интерес на граѓаните и во интерес на економијата во целост, а ова се фактори кои треба да се увидат и од страна на регулаторните тела. Односно, потребно е да се подобри соработката со државните органи, во насока секторот да биде инволвиран при носење на регулатива за развој на Финтек индустријата во Република Северна Македонија на долг рок.

Од бизнис аспект, сметам дека има предуслови за развој на секторот на небанкарски финансиски друштва, како што споменав, исто така и затоа што небанкарските финансиски друштва овозможуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин. Како поволен бизнис предуслов не смее да се исклучи ниту фактот дека Финтек индустријата отвора огромен потенцијал да биде двигател на финансиската индустрија во иднина, особено што потребите на клиентите за поголема достапност на финансиските услуги на дигиталните канали во ерата на дигитализацијата сѐ повеќе ќе растат, па новите финтек-услови базирани на напредни технологии се всушност и одговор на сѐ подинамичниот пазар, па оттука, небанкарските финансиски друштва иако се најмладиот сегмент на финансискиот сектор во Северна Македонија, се и најбрзо растечкиот сегмент кој поддржува стотици илјади граѓани и мали компании.

Сподели: