Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Достапност, ефикасност и брзина како главна предност на небанкарскиот финансиски сектор

Небанкарскиот финансиски сектор како еден од поголемите сектори на Финтек индустријата, во последните децении бележи рапиден раст и развој, раздвижувајќи го пазарот и промовирајќи напредок на индустријата за финансиски услуги на светско ниво.

Суштината на небанкарските финансиски институции (НБФИ), кај нас познати и како финансиски друштва, е да ги пресретне краткорочните финансиски потреби на граѓаните за финансиски услуги на брз, ефикасен и едноставен начин, со примена на напредна и иновативна технологија на сите канали кои потрошувачите ги преферираат, со акцент на дигиталните канали.

Но, што во суштина ги разлкува традиционалните финансиски институции и небанкарските финансиски институции? Дали тие се конкуренти?

Може да се каже дека традиционалните финансиски институции и небанкарските финансиски институции, во суштина не се конкуренти, бидејќи постојат неколку поголеми разлики помеѓу нив, и од аспект на целните групи, и од аспект на технологија, кориснички пристап и сл, но генерално,  може да се каже дека токму овие разлики ги прават комплементарни субјекти на финансискиот пазар кои придонесуваат кон зголемување на финасиската активност и напредок на целокупната индустрија.

Една од главните разлики е технологијата. Финансиските друштва во своите услуги ги користат современите технолошки решенија со кои едноставно и во неколку секунди, од компјутер или мобилен телефон, можат да се завршат сите процедури за аплицирање, да се изврши проверка на кредитоспособноста на барателот и во куси рокови да се добие одговор и бараните средства на сметка, доколку апликацијата е одобрена.  Предноста на давателите на небанкарски услуги е во тоа што нивните технолошки решенија се современи, што ги прави многу ефикасни, а со зголемената достапност на интернет и менувањето на корисничките навики за достапност на услугите на дигиталните канали, финансиските друштва можат да им обезбедат на клиентите потполно нов, целосно дигитализиран процес, наместо часови поминати во филијали или пополнување на купови од документи.

Исто така, нивната култура и ставови на компанијата се слични на онаа на start-up компаниите, чиј фокус е обезбедување на ефикасна услуга и одлично корисничко искуство спротивно на глобалните корпорации, каде често, сѐ се врти околу тешките бирократски процедури.

Корисниците на услугите на финансиските друштва се најчесто оние клиенти на кои им се потребни мали, микро кредити, кои ќе им помогнат за задоволување на неочекуваните финансиски потреби, за покривање на непредвидени трошоци во домаќинството и сл. Овие производи се прилагодени главно за краткорочна употреба, најчесто до 12 месеци, со што не го принудуваат потрошувачот да влезе во долгорочни обезбедени финансиски односи.

Целосна персонализација, непосредност, едноставност и достапност. Небанкарските финансиски институции нудат индивидуален пристап, флексибилност, дискреција, едноставност при аплицирањето, што подразбира избегнување на шалтерските процедури и непотребната документација, како и исклучување нотарски трошоци. За нив се аплицира онлајн, преку кој било уред со интернет, во куси постапки се проверува кредитоспособноста на барателот, и потоа повторно онлајн се одобрува кредитот, што не е случај кај традиционалните финансиски институции каде постојат обемни процедури, собирање потребни документи, обезбедување на жиранти, посета на филијалите во повеќе наврати и сл.

Финансиските друштва исто така отвораат филијали и вработуваат локален персонал и во руралните средини и помали градови каде што традиционалните финансиски институции не покажале интерес да работат и да ги опслужуваат  потрошувачите.

Од аспект на производи, традиционалните финансиски институции издаваат поголеми износи за подолг временски период и до неодамна, речиси беше невозможно да се подигне кредит од традиционална финансиска институција во износ од 6.000, 10.000, 15.000 илјади денари, суми кои многу често се итно потребни како финансиска интервенција за некои непредвидени трошоци. Од друга страна пак, небанкарските финансиски институции им помагаат на клиентите да ги решат акутните финансиски потреби, каде што времето има одлучувачка улога. Главната идеја на небанкарските финансиски институции се базира на краткорочни обврски, со кои се утврдуваат предности за небанкарски кредити, во ситуации кога парите се потребни брзо, а периодот на отплата не е долг. Со оглед дека износот на кредитот е многу помал отколку во традиционалните финансиски институции, па оттука и бирократските барања се значително помали.

Исто така, постои и една многу важна разлика помеѓу обата субјекта, а тоа е начинот на финансирање на работењето. Имено, за разлика од традиционалните финансиски институции,  небанкарските финансиски институции не собираат депозити, односно штедни влогови, кои, кај традиционалните финансиски институции се основен извор за евтино финансирање, а потоа од истото и кредитирање. Небанкарските финансиски институции своите активности ги финансираат или од сопствени средства или, во голем дел, од кредити.

Токму затоа активностите кои ги вршат финансиските друштва сé вистинско дополнување на кредитната активност на традиционалните финансиски институции. Нивната работа може да се нарече и позитивна конкуренција која придонесува за менување на конзервативниот пристап во однос на кредитирањето и граѓаните.

Во Северна Македонија, претставници на небанкарскиот финансиски сектор се финансиските друштва кои претставуваат индустрија која во последниве години расте со забрзано темпо, потврдувајќи дека населението имаше потреба токму од ваков вид услуги.

Со цел да создаде одговорна пракса, долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот, како и презентирање на пошироката јавност на различните можности што може да ги обезбедат финансиските друштва кои користат „Финтек“, во мај годинава се формираше и Асоцијација на финансиски друштва која во моментот ја сочинуваат 7 финансиски друштва кои работат на територијата на Република Северна Македонија и тоа: Финансиско друштво Тиго Фајнанс, Финансиско друштво Диџитал Фајнанс, Финансиско друштво МОГО, Финансиско друштво Кредисимо, Финансиско друштво М Кеш, Финансиско друштво СН Финансии и Финансиско друштво Иуте Кредит.

Таа ќе промовира сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање и истовремено ќе им даде и можност на финансиските друштва да работат заедно на воведување стандарди за квалитет на услугите, како и за дизајнирање среднорочна стратегија за развој на индустријата заедно со надзорните органи и законодавецот. Во исто време, Асоцијацијата ќе работи и на промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија, а кои ќе бидат од корист на поединците и општеството. Меѓусебната соработка на финансиските друштва ќе обезбеди и поголема доверба и на корисниците, но и на надлежните институции со што ќе се постигне поголема транспарентност на финансиската индустрија.

Сподели: