Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Онлајн кредитите се едноставни, ефикасни и поволни, но треба да се користат одговорно и разумно

Многу често, граѓаните ги задоволуваат финансиските потреби со позајмување пари, односно со подигање кредити од традиционалните финансиски институции или финансиските друштва. Меѓутоа, многу е важно секој поединец  да знае паметно да управува со своите средства, бидејќи подеднакво се ризични ситуациите и при недостиг на пари, но и позајмување во ситуација кога не постои финансиска одржливост за отплата на позајмените средства.

Финансиските друштва, како најзначаен дел од небанкарскиот финансиски сектор формираа Асоцијација на финансиски друштва со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.  Aсоцијацијата, во која членуваат  финансиските друштва Тиго Фајнанс, Мого, Дигитал фајнанс, Кредисимо, М Кеш, СН Финансиско друштво и Иуте кредит, посветено работи на овозможување поддршка и асистенција на клиентите за унапредување на нивните вештини и капацитети да прават разумни одлуки кога станува збор за земањето на кредити од финансиските друштва.

Краткорочните кредити инаку, најчесто се користат за покривање неочекувани трошоци, здравствени, образовни, за поправки во домот и слично. Иако услугата е лесна и поволна, треба да се користи одговорно и разумно. Пред подигање на краткорочен кредит, треба да се процени вистинската потреба за овие средства и можноста да се исплати на навреме. Истовремено, се препорачува секој кој одлучил да подигне краткорочен кредит, да се осигура дека му одговара поставената камата, дека внимателно ги проучил условите на договорот и дека води сметка за својот буџет за навреме да го исплати кредитот.

Краткорочните кредити не треба да се користат како решение за долгорочни финансиски проблеми. Исто така, не треба да се користат за исплаќање на други кредити, како хипотеки, лизинг и слично.

Од Асоцијацијата препорачуваат доколку клиентот има потешкотии и не е во можност да ги исполни своите обврски, во ниеден случај не треба да позајмува од други кредитори само за да го исплати постоечкиот долг, ниту треба да го одолговлекува проблемот, туку треба да се обрати до компанијата од каде земал кредит  за да се изнајде заедничко решение.

За да се создаде одговорна пракса во индустријата, членките на Асоцијацијата потпишаа и „Кодекс за добра пракса“ со кој се обезбедува дополнителна заштита на интересите на клиентите кои добиле или очекуваат да добијат услуга од членовите на Здружението. Овој Кодекс вклучува насоки за фер комерцијална пракса и критеируми за професионална внимателност, во согласност со фер пазарните практики, добрата волја и принципите за одговорно кредитирање кои се општо прифатени кај небанкарската кредитна индустрија.

Кодексот за добра пракса истовремено дава сигурност за корисниците на кредитите од некоја од членките на Асоцијацијата дека деловните практики кои се утврдени во овој документ ќе се почитуваат. Со ваквиот начин на работа, според утврдени правила, се очекува да се обезбеди поголема доверба и на корисниците, но и на надлежните институции и секако и на целокупната јавност во индустријата на финансиски друштва.

Сподели: