Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Интервју со Филип Димитровски, Претседател на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија за pari.com.mk

Пандемија и претстојната економска состојба ќе влијае на финансиските капацитети на македонското општество – клучно е сите засегнати страни да ги препознаат можностите, но и ризиците  во овие околности

 

Пари: Како Претседател на Асоцијацијата на финансиски друштва, се залагате за развој на FinTech индустријата во Северна Македонија, па можете ли најпрво да ни објасните што е FinTech и каква е улогата на небанкарските финансиски институции во нашата земја?

Димитровски: Во најсимплифицирана форма – Финтек компаниите нудат финансиски услуги со користење на софтвер и онлине технологија, со што финансиските услуги ги прават поедноставни и подостапни од претходно. Овие компании го користат интернетот и мобилните иновативни технологии за финансиски продукти како што се кредитирање, плаќања, тргување и друго, со едноставна цел – да го подобрат животот и да ги максимизираат придобивките за крајните корисници, граѓаните, но и компаниите и индустриите. Кај нас, носители на развојот на финтек индустријата се финансиските друштва чие формирање беше правно овозможено во 2010 година со донесување на Закон за финансиски друштва, со цел тие да ја надополнат понудата на финансиски услуги на постојниот финансиски систем. Индустријата на финансиски друштва доживеа значаен пораст последниве години за што говорат  зголемениот  број на одобрени кредити,  висината на пласираните средства и бројот на друштва кои даваат вакви услуги, отсликувајќи ги потребите и движењата на побарувачката на пазарот за потребата за пристап до финансии, притоа обезбедувајќи пристап до финансирање за физичките лица и малите компании на кои не им се достапни кредитите од традиционалните финансиски институции.

Ние услугите ги нудиме онлајн, а тоа ги прави достапни во било кое време и од било кое место. Бројот на небанкарските финансиски друштва и нивните услуги во државата постојано расте, а со тоа расте и бројот на граѓани кои ги согледуваат предностите овозможени од финансиската технологија. Во моментот во нашата земја се регистрирани 28 финансиски друштва. Овие институции, поради поволностите што ги нудат и специфичноста на нивната дејност, своето место на пазарот го најдоа во задоволување на потребите на граѓаните за брз пристап до релативно мала сума пари за краток рок, нешто што традиционалните финансиски институции не го овозможуваат, или пак, процесот е далеку пообемен и од временска и физичка перспектива: обемна документација, одговор за неколку денови и сл.

За да го подигнеме квалитетот во работењето како важен предуслов за натамошен раст на целата индустрија, ние во мај минатата година ја формиравме Асоцијација на финансиски друштва. Во неа се финансиските друштва Тиго Фајнанс, Кредисимо, М Кеш, СН Финансиско друштво и Мого, а целта на обединувањето е друштвата е заеднички напор за создавање одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот.

 

Пари: Какво е влијанието на небанкарскиот финансиски сектор во  финансискиот систем и воопшто во целокупната македонска економија?

Димитровски: Небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија за овие 10 години брзо порасна, но сé уште има мал удел како во вкупните средства на финансискиот систем, така и во вкупното портфолио на кредити, за што говори и податокот од 0,60% учество во вкупните финансиски средства, односно 67  мил. евра (согласно последниот извештај за финансиска стабилност објавен од НБРСМ за 2019 г.). Доминантна позиција во финансискиот сектор во нашата земја сѐ уште имаат традиционалните финансиски институции со 81,7% учество во вкупните средства на финансискиот систем.

Небанкарскиот финансиски сектор иако мал, сепак не е со незначително влијание во македонската економија. Небанкарските финансиски друштва вложија над 14 милиони евра во економијата и вработуваат над 1.000 луѓе, претежно млад и способен кадар. Анализите што ги правиме во рамките на Асоцијацијата на финансиски друштва за системското влијание на индустријата на небанкарските финансиски институции (НБФИ) врз македонската економија покажуваат дека овој сектор на годишна основа, сметано за 2019 година, инвестира околу 13 милиони евра, а тука влегуваат сите материјални трошоци, трошоци за услуги, вработени и јавни давачки, додека учеството на НБФИ во државниот буџет  изнесува 2 милиони евра на годишна основа.

Економско влијание на НБФИ индустријата ги вклучува трошоците за суровини и други матерјали, услуги со карактер на матерјални трошоци, останати трошоци на работење, трошоци за вработени и данок на добивка. Извор: АФД

Годишните трошоци за вработени во оваа индустрија, согласно податоците изнесуваат близу 4 милиони евра.

 

Пари: Како се одрази пандемијата на Ковид-19 во небанкарскиот финансиски сектор и каде го гледате овој сектор во пост-корона сликата во нашата земја?

Димитровски: Како и во другите сектори на економијата во нашата земја, па и пошироко и ние ги почувствуваме последиците од здравствено-економската криза на Ковид-19. Финансиските друштва во овие услови се соочуваат со проблеми за одржување на ликвидноста и сервисирање на трошоците за оперативно работење, имајќи ги превид неизбежната намалена платежна дисциплина и ограничениот пристап до финансирање кај нас и низ европските пазари. Во услови на глобална финансиска криза, нашите извори на финансирање се стопирани или ограничени што дополнително ја отежнува ситуацијата за финансирање на деловното работење.

Небанкарските финансиски друштва, за разлика од традиционалните финансиски институции немаат депозити и евтини извори на финансирање, напротив, небанкарските финансиски друштва се финансираат од сопствени средства и други извори со повисок трошок на финансирање, кој изнесува приближно 15%.

Глобалната пандемија и претстојната економска состојба ќе влијае на финансиските капацитети на македонското општество, па токму затоа, клучно е сите засегнати страни да ги препознаат можностите, но и ризиците  во овие околности. Надлежните институции треба да ја промовираат финансиската инклузија на сите членови на општеството, како и да овозможуваат пристап до финансии преку развој и поддршка на каналите за алтернативно финансирање како што се истакнува и во извештаите на меѓународните финансиски институции, како што е ОЕЦД. Од друга страна пак, граѓаните треба да бидат свесни за своите краткорочни и долгорочни финансиски капацитети преку одбирање на соодветен извор на финансирање како што се традиционалните финансиски институции или небанкарските финансиски друштва. Финансиските институции мора да делуваат со највисоко ниво на етика и одговорност, применувајќи пофокусирана евалуација на кредитните способности на своите клиенти со цел тие да ги пресретнат краткорочните  потреби за финансиски средства на клиентите, и соодветно пресретнување на нивните обврски.

Свесни сме дека небанкарските финансиски друштва иако имаат скромен удел во вкупните финансиски средства, претставуваат значаен фактор кој ќе може да понуди поддршка на населението во периодот што следи за излез од економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

Пари: Неодамна се комплетираше новата Влада на Република Северна Македонија со силен фокус кон европска интеграција и развој на економијата, какви се вашите очекувања од новата Влада?

Димитровски: Имаме големи очекувања од новата Влада на Република Северна Македонија, посебно што во финансиската сфера се екипираше исклучително искусен тим. Од Владата очекуваме да даде силен поттик кон развој на зелената економија и напредните технологии и во таа смисла да го подржи развојот на финансиските услуги базирани на финансиска технологија, се со цел подобрување на животниот стандард и подигнување на нивото на финансиска писменост на граѓаните на нашата земја.

Веруваме дека новата Влада ја дели истата прогресивна перспектива за овој сектор, односно неговата иднина и можности за развој во Северна Македонија. Нашата земја неодамна стана членка на НАТО, а веќе оваа година се очекува и почеток на преговорите за приклучување кон ЕУ, што е дополнителен стимул за инвеститорите бидејќи дава дополнителни гаранции за стабилноста, стандардите и правната сигурност за водење на бизнис во Северна Македонија.

Впрочем, ова го посочува и експертската јавност, поентирајќи дека улогата и FinТech секторот, односно на финансиските друштва кои даваат брзи кредити треба да биде амортизер, односно да обезбеди брза поддршка за населението и микро и малите претпријатија. Затоа е потребно, овој сегмент на небанкарски институции кои се финансираат од сопствени средства и преку други извори со повисок трошок на финансирање да се поддржат, како што во своето интервју за АФД истакна г-ѓата Маја Кадиевска Војновиќ.

Правната рамка е донесена, како што кажав и правните предуслови за развојот на овој сектор се поставени, но сепак престои процес на дорегулација и усогласување на македонската регулатива со европската регулатива во оваа област. Во оваа смисла, ние како Асоцијација на финансиски друштва, соработуваме со Министерството за финансии и Народната Банка на Република Северна Македонија, нудејќи ја нашата помош и експертиза, во дооформување на регулаторната рамка за финансиските друштва. Така во овој период, активно се вклучивме со забелешки на Предлог-Законот за платежни услуги и платни системи и очекуваме во новиот закон, кој треба да се донесе, финансиските друштва да се вклучат како даватели на платежни услуги во нашата земја.

Од друга страна, имајќи предвид дека финансиските друштва се практично родени „дигитални“,  процесот на дигитализација, кој се повеќе зема замав во услови на економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, значително го олеснува и унапредува нашето работење, па во таа смисла ние се залагаме како Асоцијација за целосна имплементација и заокружување на процесот за воведување на дигитален идентитет во нашата земја.

Подигнување на нивото на финансиска писменост е една од основните цели и задачи кои си ги постави Асоцијацијата на финансиски друштва и ние продолжуваме да работиме во соработка со регулаторот и надлежните институции за поголемо разбирање на нашите граѓани за придобивките и користењето на финансиските услуги.

*преземено од pari.com.mk 

Сподели: