Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Интервју со Јана Никодиновска, Генерален секретар на АФД за biznisvesti.mk: Одговорното кредитирање и финансиската инклузија остануваат врвни приоритети за небанкарските финансиски друштва

  1. Народната банка на Северна Македонија неодамна го објави извештајот за финансиска стабилност за 2019 година, каде се забележува раст на небанкарските финансиски друштва во речиси сите параметри, истакнувајќи ја нивната улога како институција која обезбедува финансиска инклузија на неопслуженото население. Каков е вашиот став на темата?

Извештајот на Народната Банка само го потврди токму она што ние го зборувавме во минатото, на кое впрочем се должи и континуираниот раст на сегментот на небанкарските финансиски друштва. Согласно извештајот „Финансиските друштва се најмладиот и најдинамичниот сегмент од финансискиот систем на Северна Македонија, коишто со својата кредитна активност овозможуваат повисоки нивоа на финансиска вклученост за одделните категории физички и правни лица со отежнат пристап до кредитите на депозитните финаниски институции. Иако на кредитниот пазар финансиските друштва функционираат речиси десет години, и натаму бележат меѓу највисоките стапки на раст, а интересот за основање нови финансиски друштва во последните години, е прилично голем“

Небанкарскиот финансиски сектор во Северна Македонија брзо порасна, но сé уште има мал удел како во вкупните средства на финансискиот систем, така и во вкупното портфолио на кредити, за што говори и податокот од 0,60% учество во вкупните финансиски средства, односно 67  мил. евра (согласно последниот извештај за финансиска стабилност објавен од НБРСМ за 2019 год.). Доминантна позиција во финансискиот сектор во нашата земја сѐ уште имаат традиционалните финансиски институции со 81,7% учество во вкупните средства на финансискиот систем.

Небанкарскиот финансиски сектор иако мал, сепак не е со незначително влијание во македонската економија. Небанкарските финансиски друштва вложија над 14 милиони евра во економијата и вработуваат над 1.000 луѓе, претежно млад и способен кадар. Анализите што ги правиме во рамките на Асоцијацијата на финансиски друштва  (АФД) за влијанието на индустријата на небанкарските финансиски институции (НБФИ) врз економијата, покажуваат дека овој сектор на годишна основа, сметано за 2019 година, троши околу 13 милиони евра, а тука влегуваат сите материјални трошоци, трошоци за услуги, вработени и јавни давачки, додека учеството на НБФИ во државниот буџет  изнесува 2 милиони евра на годишна основа.

Сепак, како и кај повеќето индустрии, овие бројки ќе изгледаат многу поразлично годинава поради состојбата со Ковид-19, со што основано ќе се потврди она што како Асоцијација го говоревме изминатиот период – дека секторот е ранлив и илузорно е да се поистовети на рамниште како останатите финансиски институции.

  1. Како кризата на Ковид-19 се одрази во вашиот сектор и како вие го гледате овој сектор пост-Ковид?

Економската криза која беше предизвикана од здравствената криза на пандемијата на Ковид-19, не го одмина ни секторот на небанкарските финансиски друштва, како и другите сектори во економијата. Поради состојбата со корона вирусот, финансиските друштва со соочуваат со потешкотии за одржување на ликвидноста и сервисирање на трошоците за оперативното работење, па во таа смисла превземаат активности за рационализација на трошоците во оперативното работење, имајќи ги превид неизбежната намалена платежна дисциплина и ограничениот пристап до финансирање, кај нас и низ европските пазари, што до некаде може да се каже дека ги става како второзасегната индустрија под влијание на Ковид-19. Многумина ќе прашаат зошто?  Во услови на глобална финансиска криза, нашите извори на финансирање се стопирани или ограничени што дополнително ја отежнува ситуацијата за финансирање на деловното работење. Небанкарските финансиски друштва, за разлика од традиционалните финансиски институции немаат депозити и евтини извори на финансирање, напротив, небанкарските финансиски друштва се финансираат од сопствени средства и други извори со повисок трошок на финансирање, кој изнесува приближно 15%.

Поради тоа, најголем дел од финансиските друштва не беа во можност да пласираат нови кредити, а поради ограничените и скапи извори на финансирање се успорува и интересот за позајмување поради неконкуретност на понудите, а сето тоа само оди на штета на граѓаните бидејќи се ограничува пристапот до  финансирање неопходен токму во овие моменти.  Изминатата година, нашата индустрија забележа рапиден раст на небанкарските потрошувачки кредити, што ги отслика движењата на пазарот и потребата за пристап до финансии и во таа смисла финансиските друштва износија голем дел од финансискиот товар во државата обезбедувајќи пристап до финансирање за физичките лица и малите комапнии на кои не им се достапни банкарските кредити.

Имајќи ја предвид неодамнешната историја, поточно периодот од почетокот на пандемијата, па до ден денешен, како што посочува „McKinesey & Company“, Ковид-19 им нанесе значаен удар на бројни индустрии, и само потврдува дека Финтек индустријата е ранлива на промени кои би можеле да ја стават на работ на одржливоста. На потег се регулаторите кои најнапред, мораат да ги имаат предвид овие предизвици како историски момент во носењето на регулативите кои ја засегаат индустријата, антиципирајќи го истовремено и времето за опоравување од моменталната состојба.

Потребата од финансиски услуги од секогаш постоела и ќе постои. Впрочем, Финтек  индустријата се појавила  токму во оној момент кога настанале различните потреби за алтернативни и напредни начини на финансирање. Без разлика дали станува збор за состојба на економска криза, кога на населението му е потребен пристап до средства кои не можат да ги добијат на поинаков начин, како што е случајот со небанкарските финансиски друштва, или пак пристап и управување со финансиските услуги преку напредните технологии што доведоа до раѓање на новите индустрии базирани на финансиска технологија.

Посебен акцент низ целокупната еволуција на финансискиот систем на иднината, особено пост-Ковид  е одговорноста на чинителите. Се разбира  одговорното кредитирање на сите чинители, и од страна на понудата, и од страна на побарувачката, ќе игра клучна улога во односите на двете страни. Тоа е нешто за што АФД и нејзините членки уште од првиот ден од основањето се залагаат и промовираат и затоа, во сите наши деловни операции ја ставаме одговорноста над сѐ. Сега, како никогаш досега е важно градењето на партнерство и доверба со клиентите , каде што сега испливува на површина фокусот којшто го имаат финтек компаниите – а тоа е целосна прилагодливост и фокусираност кон клиентот и неговите потреби.

Место за подобрување се разбира секогаш има, со тоа што сите светла сега се насочени кон зголемување на напорите за финансиска едукација, со чие што зголемување, право пропорционално ќе се зголемува и користењето на финансиските услуги понудени од страна на сите финансиски институции.

  1. Најзагрозените индустрии од корона кризата добија извесна финансиска подршка од државата, има ли подршка за развој на небанкарскиот финансиски сектор?

Во дадените услови се надзира крајот на здравствената криза во светот или барем нејзино ставање под контрола со пронаоѓање на вакцина за корона вирусот, но останува економска криза, чиишто ефекти најверојатно допрва ќе ги почуствуваме. Моменталната помош на загрозените сектори претставува привремена инекција кон задржување на овие сектори во живот и е за поздравување. Но, она што е сметаме дека е сега неопходно, е стратешки пристап, проценка на штетите и план за поддршка за целата економија која се соочува со ликвидносни проблеми. Фокусираната поддршка во овие индустрии ќе придонесе кон поглатко надминување на периодот, амортизирајќи дополнителни негативни економски ефекти како отпуштања, намалени давачки и сл., што ќе им овозможи во иднина да бидат едни од клучните играчи во побрзото закрепнување на целокупната економија.

Овде се вбројуваат небанкарските финансиски друштва кои во нашата земја се носители на финтек индустријата, кои иако имаат скромен удел во вкупните финансиски средства на финансискиот систем, претставуваат  значаен фактор кој ќе може да понуди поддршка на економијата и населението во периодот што следи. Небанкарските финансиски друштва обезбедувале и што е најважно, ќе продолжат да обезбедуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин, и тоа многу брзо и едноставно, онлајн или филијала, токму во моментите кога е тоа најпотребно, што директно влијание на квалитетот на животот на корисниците на услугите.

Да заклучам, небанкарските финансиски друштва можат и остануваат да му помогнат на населението да го надмине овој кризен период, како што посочуваат експертите и меѓународните финансиски институции, но за да се реализира тоа, неопходна е подршка на секторот бидејќи како што претходно беше напоменато, небанкарските финансиски друштва во моментов немаат капацитет да пласираат средства во обем колкав што му е потребен и ќе му биде потребен во следниот период на населението.

  1. Кои се вашите очекувања од новата Влада на Република Северна Македонија во однос на финтек индустријата?

Очекуваме оваа Влада да даде еден свеж имплулс на подршка во развојот на финансиските услуги базирани на технологија односно да даде подршка на  развојот не само на финтек индустријата, туку и на целата македонска економија бидејќи тоа е од клучно значење за опстојувањето на нашата економија во овие исклучително тешки околности на светска економска криза од таков размер.

Очекуваме да се заокружи целосно регулаторната рамка во нашиот сектор, тука посебно мислам на регулативата која е во завршна фаза, со цел да се создадат правни предуслови за понатамошен развој на финтек индустријата во едни уредени и контролирани услови. Очекуваме во новиот закон кои ги регулира платежните услуги и финансиските друштва да се најдат на листата на носители на платниот промет.  Континуирано работиме со регулаторот и надлежните институции со наши предлози за подобрување на правната рамка. Во тој контекст очекуваме и подобрувања и во даночната регулатива, а посебно во однос на исправката на вредноста на нефункционалните побарувања, со цел финансиските друштва да добијат ист даночен третман како и традиционалните финансиски институции.

Создавање на поволни услови за развој на нашата индустрија е клучно посебно имајќи во предвид што дополнително на леснотијата на пристап до финансиски услуги што небанкарските финансиски друштва ја овозможија, истите во услови на нашата земја обезбедуваат и пристап до финансиски услуги за дел од населението кое нема пристап до традиционалните финансиски услуги односно финансиска инклузија на сите делови од населението во Северна Македонија. Ова уште повеќе само добива на значење во контекст на напорите за заживување на економијата и помош на населението како резултата на економската криза од пандемијата на Ковид-19.

Сподели: