Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Одблиску со членките на АФД: Тиго – интервју со Филип Димитровски, извршен директор на Тиго Фајнанс

  1. Пред сѐ, кои се Тиго Фајнанс?

По дефиниција, едноставниот одговор би бил небанкарско финансиско друштво, или попрецизно Финтек компанија лиценцирана од Министерството за Финансии на Република Северна Македонија која нуди лесни, едноставни и брзи решенија за поддршка на физички лица, со цел пресретнување на нивните финансиски потреби. На пазарот сме присутни нешто повеќе од 3 години, односно од декември 2017 кога се основаше компанијата.

Меѓутоа, доколку би го проширил одговорот, би рекол дека ние сме современа компанија со високи етички и професионални стандарди и со цврсто вкоренети вредности кои се применуваат на највисоко ниво, како со нашите клиенти, така во корпоративната култура на компанијата и вработените, но и во општото делување на финансискиот пазар и во заедницата, која има сериозни намери да ја подобри куповната моќ на населението и да ја унапреди финансиската инклузија на сите општествени слоеви.

Од аспект на нашиот продукт, преферираме да комуницираме дека нудиме производ наменет за оние граѓани кои имаат потреба од финансиска поддршка на брз, едноставен и транспарентен начин, токму во моментите кога тоа ним им е најпотребно. Нудиме кредити од 2.000 до 80.000 денари, со процес на апликација и одобрување кој се мери во помалку од 10 минути, благодарение на напредната технологија која ја користиме. Напредните, но и сложени алгоритми ни овозможуваат сеопфатна проценка на кредитоспособноста на лицето кое аплицира, па така за само 30 секунди клиентите добиваат информација дали нивната апликација е одобрена, а веќе за неколку минути го добиваат и одобрениот износ: нешто што е исклучително важно за корисниците и што нè позиционира како еден од водечките брендови во индустријата на небанкарски финансиски друштва.

Во текот на овие повеќе од 3 години, Тиго овозможи пристап до финансии во износ од над 30 милиони евра на граѓани кои имале потреба од средства, од кои повеќе од 60.000 се уникатни клиенти.

Во моментов, инаку, Тиго брои над 80 вработени, врвни професионалци во својата област, моментално има 15 филијали ширум земјата, а со моменталната динамика на експанзијата која ќе продолжи до крајот на годината, очекуваме и околу 30% раст по бројот на вработени. Сите овие податоци зборуваат во полза на тоа дека нашата стратегија за обезбедување брз, едноставен и транспарентен пристап до финансии е исправна и во таа насока продолжуваме и натаму.

 

  1. Вие сте извршен директор на Тиго, а воедно сте и Претседател на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија, па во таа смисла кои се предностите да се биде дел од ваква организација?

Тиго Фајнанс е еден од основачите на Асоцијацијата на Финансиски Друштва на Северна Македонија. Претседавањето со оваа Асоцијација, пред сè дава исклучителна предност дека заедно со останатите друштва можеме помоќно да делуваме во насока на создавање одговорна пракса, со цел долгорочна соработка и позитивна оценка од страна на потрошувачите и институциите за регулирање на пазарот. Сите членови на АФД, всушност со потпишувањето на Кодексот за добра пракса и формално се обврзуваме за одговорно кредитирање и обезбедување на повисоко ниво на заштита на клиентите, но преку него се обезбедуваат и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле заем или планираат да земат одреден заем од членка на Асоцијацијата.

Имено, АФД се залага и за севкупниот развој на Финтек индустријата во Северна Македонија, па основањето на Асоцијацијата всушност беше одговор на потребата да се подигне квалитетот на работењето на секторот. Земајќи предвид дека индустријата иако веќе се позиционира како сериозен чинител на финансискиот пазар, сепак е сè уште релативно млада, па оттука како членови имаме обврска заедно да делуваме за обезбедување унифицирани стандарди за квалитетот на индустријата, но и да гарантираме сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање за клиентите. Дополнително, како Асоцијација активно работиме и на унапредување на соработката со надлежните институции, па во таа насока, како членови имаме можност заеднички да иницираме средби, состаноци и соработки со различни чинители од интерес и да делуваме во насока на зајакнување на односите со регулаторот во поглед на одлуките кои се однесуваат за индустријата на небанкарски финансиски друштва и се релевантни за нашето работење.

Како резултат од тие средби произлезе и подготвеност за понатамошна соработка со повеќе институции, како со Владата на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Народната банка итн., а во насока на континуирано информирање за состојбите и новостите во секторот; понатаму за заедничко согледување и совладување на можните предизвици и ризици, како предизвикани од здравствено-економската криза, така и општо за индустријата, но и генерално за унапредување на Финтек секторот во чекор со Европските практики за развој како дел од националната стратегија за Финтек.

На крајот, но не помалку важно, како членови на Асоцијацијата, голема предност е и можноста заеднички да спроведуваме бројни истражувања за небанкарските финансиски друштва што ни даваат подобар увид во секторот, да работиме на анализи на пазарот, но и да делуваме во насока на подобрување на перцепцијата за секторот, на едукација на населението за подигнување на нивото на финансиска писменост итн.

Сè ова, од една страна навистина претставува предност да се биде дел од Асоцијацијата, меѓутоа од друга, е и голем предизвик и одговорност да се зборува во име на севкупниот сектор на небанкарски финансиски друштва.

 

  1. Како на вашето работење во Северна Македонија се одрази кризата предизвикана од Ковид-19?

Здравствено-економската криза несомнено го погоди целиот бизнис сектор, па така ниту Финтек индустријата не остана имуна на последиците. Најголемиот предизвик беше одржување на ликвидноста, имајќи предвид дека небанкарските финансиски друштва се финансираат од сопствени извори, за разлика од традиционалните финансиски институции кои располагаат со депозитите на населението и други евтини извори на финансирање.

Од друга страна, потребата за финансиски услуги, во криза или не, секогаш ќе ја има, и тука е предноста на небанкарските финансиски друштва бидејќи една од главните улоги на овој сектор е токму овозможување инклузија за финансиски неопслуженото население од страна на традиционалниот финансиски систем. Меѓутоа во услови на Ковид, кога улогата на финансиските друштва беше уште позначајна, од споменатите предизвици најмногу трпеа токму граѓаните кои во овој кризен период имаа најголема потреба од алтернативни финансиски услуги.

Оваа состојба нè научи дека за Финтек напредокот кон кој се стремиме треба да постои добро уредена институционална рамка која ќе се погрижи овие предизвици лесно да се надминуваат и впрочем стоиме на располагање на регулаторите заедно да ги процениме предизвиците и да создадеме стратешки пристап за побрзо надминување на состојбата, а со тоа и да му помогнеме на населението да го надмине овој кризен период.

Да резимирам:. Небанкарските финансиски институции се, и ќе продолжат да бидат во пост-Ковид периодот, клучни во пресретнување на краткорочните финансиски потребни кај населението, нудејќи поддршка на клиентите за излез од економската криза. Оттука, очекуваме дека состојбата за индустријата во претстојниот период ќе се стабилизира, но само со поддршка и унапредување на соработката со релевантните органи и регулатори.

 

  1. Има ли според вашето мислење правни и бизнис предуслови за развој на небанкарскиот финансиски сектор во нашата земја?

Би сакал да одговорам дека има, а доколку се потпрам на неодамна објавената физибилити-студија со резултати од Анкетата за развој на Финтек-секторот во земјата спроведена од Народната банка, одговорот би бил дека севкупниот сектор за финансиски услуги во Република Северна Македонија е подготвен за финтек-трансформaција. Ова тврдење нам ни оди во прилог, меѓутоа важно е да се потенцира и дека Тиго, како Финтек компанија, практично е родена дигитално и нашето оперативно работење е целосно во чекор со новото дигитално време и новите финансиски потреби кои се наметнуваат. Оттука навистина ме радува фактот што токму секторот на небанкарски финансиски друштва може да биде предводник на таа дигитална трансформација во финансискиот систем, што создава исклучително поволни бизнис предуслови за развој.

Клучните наоди укажуваат на тоа дека потребата за развој на Финтек-секторот е оправдана, но и дека неопходни се натамошни измени во регулативата заради поддржување на развојот на Финтек индустријата. Всушност, овие неопходни измени во регулативата се најголемата пречка за развој на секторот, бидејќи токму рамка којашто ќе поддржува иновативни решенија, притоа несомнено водејќи сметка и за потенцијалните ризици, е предуслов за развој на индустријата од правен аспект и за модернизација на севкупниот финансиски систем.

Небанкарските финансиски друштва имаат важна улога во заздравувањето на целата економија, бидејќи овозможуваат подобрување на куповната моќ на населението и обезбедуваат финансиска инклузија на неопслуженото население. Воедно, иако вкупниот удел на секторот можеби е мал, сепак истиот вработува илјадници луѓе, а влијае и врз севкупното социо-економско опкружување преку својот придонес во државните давачки кој не е за занемарување, но и преку општествените проекти за развој на заедницата. Накратко кажано, соодветен развој на Финтек индустријата е и во интерес на граѓаните и во интерес на економијата во целост, а ова се фактори кои треба да се увидат и од страна на регулаторните тела. Односно, потребно е да се подобри соработката со државните органи, во насока секторот да биде инволвиран при носење на регулатива за развој на Финтек индустријата во Република Северна Македонија на долг рок.

Од бизнис аспект, сметам дека има предуслови за развој на секторот на небанкарски финансиски друштва, како што споменав, исто така и затоа што небанкарските финансиски друштва овозможуваат пристап до финансии за граѓаните и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин. Како поволен бизнис предуслов не смее да се исклучи ниту фактот дека Финтек индустријата отвора огромен потенцијал да биде двигател на финансиската индустрија во иднина, особено што потребите на клиентите за поголема достапност на финансиските услуги на дигиталните канали во ерата на дигитализацијата сѐ повеќе ќе растат, па новите финтек-услови базирани на напредни технологии се всушност и одговор на сѐ подинамичниот пазар, па оттука, небанкарските финансиски друштва иако се најмладиот сегмент на финансискиот сектор во Северна Македонија, се и најбрзо растечкиот сегмент кој поддржува стотици илјади граѓани и мали компании.

Сподели: