Асоцијација на Финансиски Друштва на Северна Македонија
  • English
  • Македонски
  • Shqip

Брзиот и ефикасен развој на финансиските друштва

Финтек индустријата сама по себе го однесе светот на едно повисоко ниво  и континуирано создава сè повеќе и повеќе можности за полесно функционирање на поединецот во општеството.

Кога говориме за Финтек, на што всушност главно размислуваме?

Нови услуги кои со користење на напредни и иновативни технологии ја подобруваат и автоматизираат испораката и употребата на финансиски услуги, односно компании кои користат напредна иновативна технологија за алтернативно финансирање со цел да ја подобрат конкурентската предност.

Составен дел од оваа индустрија се финансиските друштва, чиј развој претставува една од клучните економски алки за финансиска инклузија на населението. Во 2010 година со донесувањето на Законот за финансиски друштва, се овозможи почетокот на работата на финансиските друштва, чија главна регулација ја има Министерството за финансии.

12 години подоцна, финансиските друштва достигнаа високо ниво на финансиска важност која од година в година, значително расте.

Растот на број на финансиски друштва, чија бројка е моментално 32 регистрирани финансиски друштва, понатаму збогатувањето и модернизирањето на услугите кои истите ги нудат, ги отсликува движењата на побарувачката на пазарот за потребата за пристап до финансии, обезбедувајќи пристап до финансирање за физичките лица и малите компании на кои не им се достапни кредитите од традиционалните финансиски институции.

Брзиот раст на кредитите на финансиските друштва во последните години (за 2,5 пати од 2015 до 2019 година) укажува на висока кредитна побарувачка, односно на потреба за повисока финансиска вклученост на одредени слоеви на населението и малите фирми. Само од 2020 до оваа година, бројот на кредити издадени во финансиските друштва е во пораст, а просечната сума на издаден кредит е 17 000 ден.

Во текот на 2021 година позначајно се зголемува учеството на средствата на финансиските друштва во вкупните средства на финансискиот сектор и тоа на 0,8% на крајот на третото тримесечје од 2021 година. Ова се должи на забрзаното кредитирање на физичките лица и тоа со високи двоцифрени стапки на раст. Во второто и третото тримесечје на 2021 година кредитите на физичките лица бележат годишен раст од околу 50% и 60%, соодветно.

Условите за кредитирање се различни во поединечно финансиско друштво, и не може да се каже дека има одредена унификација за начин на одобрување кај сите нив, но она што сите ги карактеризира е брзината и едноставноста на процесот. Напредната технологија се користи во сите сегменти на процесите и од моментот на аплицирање и самата евалуација на кредитната способност на поединечен клиент до издавање на кредитот, анализата и проверката е спроведена стручно и позадински на ефикасен начин и кратко време.

За да се  гарантира дека поединечен клиент е подобен за подигање кредит со неговите финансиски услови и да може да се избегне преземање на несоодветни финансиски обврски, финансиските друштва ја проверуваат кредитоспособноста на клиентот, која ја оценуваат согласно законите, и со користење на современи, брзи и ефикасни модели на оцена на кредитен ризик.

Фактот стои, дека се и ќе бидат се поголеми двигатели на пазарот за побарувачка на финансиски средства на физичките лица и потпора на домаќинствата за сите нивни тековни потреби и опстанок во сегашната ситуација на сè поголеми трошоци за живот, секако, преку одговорно кредитирање.

Сподели: